Економија, финансии, бизнис

Контакт

Тегнење јаже меѓу Европа и Русија

Тегнење јаже меѓу Европа и Русија

Украина продолжува со удари врз руската патна инфраструктура, особено околу Крим и нафтениот бизнис во Русија. Русите продолжуваат со копнените операции во Донбас и на други линии на долгиот фронт. И се надеваат дека воената победа ќе биде нивна. Европа води пропагандна војна сметајќи дека, еве, Русија е готова и се’ повеќе е настроена за војна со неа. САД, гледаат отстрана, и играат топло-ладно. Де ја поддржуваат ЕУ, де, Украина, ама не се откажуваат од Русија.

Г-7 неодамна одржа самит во Франција. Тие денови небото над Москва беше поплавено со честитки од рафинеријата во оган, во близина. Членовите на Г-7 молчаливо го поздравија бомбардирањето на рафинеријата. И гласно заговорија дека сега е моментот за расчистување со Русија. За нејзин пораз во војната во Украина. Оттаму дојде и веста дека американскиот претседател го поддржал неговиот украински колега, Владимир Зеленски, но не го осудил директно рускиот претседател , Владимир Путин, иако изразил разочарување од неговиот однос. Што значи дека Трамп се’ уште не се определил за кого ќе „навива“. Европејците, по самитот, најавија дека Трамп веќе го заборавил Енкориџ, на Алјаска, каде што се сретнаа со Путин. Тие таму се договорија заедно да работат на постигнувањето мир во Украина. Но помина една година од тогаш, а работите не мрднаа од место. Ниту Украина од Доњецката област. Трамп, заглавен со војната против Иран, сега само го гледа тегнењето јаже меѓу Европа и Русија и дава лажни знаци дека ќе се зафати со конкретна работа. Состојбата со војната во Украина САД ја тераат по инерција. Си имаат работа преку глава на Блискиот исток.

Оттука и сомнежите на европските лидери дека Трамп ќе се зафати со конкретна работа. А токму во деновите на Самитот на Г-7 Украина ги започна најавените од Зеленски - 40 денови на операција на влијание. Операција која е замислена да ги принуди Русите да ги сопрат напредувањата на истокот на Украина, да ја сопрат војната и да „бараат“ прекин на огнот на линијата на фронтот, да почнат мировни преговори. За таа цел Украинците веќе со денови напаѓаат на цели во Русија со стотици дронови дневно и ракети со долг дострел. Надежта е дека на тој начин ќе се „пробуди“ јавноста во Русија, која би почнала да изразува незадоволство од руската власт. Крим логистички е речиси отсечен од некои главни коридори, кризата со горива се шири низ Русија. Но наместо притисок врз власта, во Русија се пробудија „воените јастреби“ со барање на голема ескалација на војната се’ до користење на тактичко нуклеарно оружје. Уништување на патна инфраструктура во Украина, мостови, тунели, аеродроми, енергетика...Во една реченица, да продолжи војната.

СОГЛАСНОСТ ЗА КОМПРОМИСИ

На пропагандните и гласните најави од Западот и реалните напади од Украина не можеше да остане нем, рускиот претседател. Очигледно, она што доаѓаше од Западот и од Украина се закануваше на власта, па мораше да биде неутрализирано. Барем со изјави за внатрешна употреба. Доцна синоќа во Москва беше објавено интервју со Путин, направено на денот на конгресот на партијата „Единствена Русија“, кој го означи почетокот на изборната кампања за парламентарните избори наесен. Според рускиот претседател: „Се спроведуваат напади врз Русија за да се поттикне информативна операција насочена кон запирање на напредувањето на руските трупи“. Путин потврди дека нападите врз енергетскиот сектор на Русија очигледно создаваат проблеми. Забележан е недостиг на енергенси, поради нападите на украинските вооружени сили врз енергетската инфраструктура на Русија, но тој не е критичен. Путин ја наведе потребата од зголемување на производството и снабдувањето со системи за противвоздушна одбрана. Ќе има увоз, меѓу другото, за покривање на недостигот од енергија! Сите оштетени руски енергетски објекти се обновуваат прилично брзо и сè работи на зголемување на безбедноста. Потребите за гориво на Крим ќе бидат задоволени. Тие во моментов имаат гориво за неколку дена. Снабдувањето со гориво на Крим ќе биде зголемено и по копно и по море, рече Путин.

Во поглед на воените дејства Путин нагласи дека Русија нема да ѝ даде шанса на Украина да го запре напредувањето на руските трупи, а сите напади на украинските вооружени сили врз руската инфраструктура немаат никакво влијание врз ситуацијата на фронтот. Според Путин, преговорни контакти со Украина се во тек, а има и нови предлози, не кажувајќи кои се. Од Русија се бара да бидат прекинати меѓусебните напади длабоко на териториите на Русија и Украина. Тој тврди дека „Руските одмазднички напади длабоко во Украина се многу помоќни и почувствителни“. Украинските вооружени сили сакаат да ги ограничат непријателствата само на четири региони со цел да ги прераспоредат силите. Спасувањето на режимот во Киев не е дел од плановите на Русија, вели Путин, за предлозите на Киев за ограничување на непријателствата. Тој ја наведе целта - конечно ослободување на Донбас и Новорусија. Притоа тој посочи и конкретни и веќе остварени цели, кои, ако се точни, го отвораат патот кон освојување на Донбас, но и други територии,  „како казна за злосторства во Курската област“.

Путин се осврна и на политичките прашања. Потврди дека во Енкориџ немало никакви потписи, туку биле дискутирани можностите за прекин на конфликтот во Украина. Таму од Русија било побарано да ги прифати компромисите формулирани од американските преговарачи. И таа се согласила со нив. Со ова е потврдена изјавата на американскиот државен секретар, Марко Рубио, дека во Енкориџ немало никакви договори. Туку Американците подготвиле предлози. А Русите ги прифатиле. Рускиот претседател се сомнева дека европските лидери можеле да го разубедат Трамп ( да работи) во нивна полза. Русија очекува доаѓање на американски преговарачи, откако ќе заврши „жешката фаза“ на настаните околу Иран. Таа е подготвена да ги продолжи дискусиите со Соединетите Американски Држави за сите модалитети дискутирани во Енкориџ. После Енкориџ се појави и планот на Трамп од 28 точки, па Европа се крена на ноза и подготви свој план од дваесетина точки. А потоа се’ замре и се води „подземна“ политичка војна, паралелно со жешката на површината.

КАДАРОТ НАЈСКАПА ИНВЕСТИЦИЈА

Во таа војна Европа е се’ позасилена. Таа дава се’ повеќе оружје на Украина. Ракети со долг дострел, софистицирани дронови, американците разузнавачки податоци, софистицирано оружје, се разбира за европски пари. А Украинците даваат човечки животи. Европа смета дека со давањето на воена помош си ја завршила работата.  Затоа Зеленски има право „да им се качи на глава“ на Европејците. Особено кога им тврди дека тој „ја брани Европа“. Па Европа ќе истури стотина милијарди евра и оружје, само да ја победи Русија. Но не е се’ во парите и оружјето. Кадарот е најскапа инвестиција и во војната. Врховниот командант на украинските вооружени сили Александар Сирски во интервју  за „Тајмс“ го нагласи големиот потенцијал на Русија. Во интервјуто Сирски повика да не се потценува Русија. „Русија има огромен потенцијал, првенствено во однос на своите вооружени системи“, рече тој. Тој истакна дека оклопните возила не можат да се распоредат во близина на фронтовската линија, а украинските војници се принудени да се движат пеш. Пролетва, Врховниот командант на украинските вооружени сили изјави дека главниот проблем со кој се соочуваат украинските војници не е недостигот на муниција и ракети, како порано, туку недостигот на персонал. „Прашајте го кој било командант на фронтот сега: ако пред две години тоа беа гранати или ракети, сега тоа се луѓе. Подготвени, обучени, подготвени да ја исполнат својата воена должност“, објасни Сирски. Може само да се нагаѓа колку европски пари одат за плати на илјадниците обучени платеници, кои доаѓаат во Украина.

Ако се вратиме наназад, после февруари 2022 година, кога почна војната може да го следиме нејзиното ескалирање во етапи. Западот на почетокот даваше шлемови и противтенковски фрлачи, па потоа почна оклопни возила, па авиони, па ракети од долг дострел. И сето тоа се правеше постепено. Многу се зборуваше за некакви руски „црвени линии“, кои се бришеа. Сега работите дојдоа до нова ескалација. Европа не е единствена околу помошта на Украина. НАТО нешто презема, но што и како ќе видиме во Турција наредниве денови, како ќе помине самитот. Кој би донел одлука во ЕУ за нова ескалација? А што ако Русија ја ескалира војната? Како одговор на некаква провокација од Балтикот, на пример. Или пак со заканите на Зеленски дека ќе ја нападне Белорусија. Во таков случај војната би се прелеала во Европа. Во Брисел, според се почестите изјави и најави, ултиматуми, планови, сметаат дека Русија е веќе слаба. И не може да направи ништо друго освен да ги држи сегашните позиции. Зголемената воена поддршка на Украина, преселбата на нејзините фабрики за оружје во Европа, софистицираните оружја и дронови од Германија, Франција и Британија, за Европа како да се гарант за пораз и уништување на Русија.

И токму тука е заканата од нова ескалација. Русија може да посегне по компаниите во Европа кои беа објавени во нејзиниот список, како снабдувачи на Украина со оружје. Русија нема да се однесува како Израел во Газа. Па да ја уништува Украина до темел. Од политички причини. Каков ќе биде одговорот на Европа? Дали ќе се појави стравот од нуклеарна војна?  Планот од петте точки усогласен меѓу групата Е3(Британија, Франција и Германија) и предаден на Русија како ултиматум, само го мотивира Кремљ за подготовки за нова војна. Тој план беше знак дека Европа не е за мир, за преговори. Туку најава за ескалација. Прашање е кој прв ќе трепне. А во позадина е нуклеарното оружје.

На патот кон катастрофалната ескалација ќе се јават САД, Трамп, но овој пат да ги смирува сите оние, кон кои се однесува како сите да имаат право за она што го прават или не го прават.  И ќе треба да се обиде да го пресече јажето што го тегнат Европа и Русија. Европа мисли дека кон Русија треба да се однесува со сила. Дека Русија разбира само сила. Но и Москва знае дека  Европа се плаши од сила. Згора на тоа еден од тројката Е3, Кир Стармер, замина од власта. Емануел Макрон, францускиот претседател во заминување има катастрофална доверба во француското општество. Исто така и канцеларот на Германија, Фридрих Мерц. Сите тие немаат поддршка од јавноста. Па како ќе ја убедат за војна со Русија?

Излезот мора да се гледа во дипломатијата. Но, дали денешните европски политичари, оние главните со низок рејтинг, и оние од ЕУ, имаат политичка смелост и можат да преземат некаков чекор кој ќе даде надеж за скорешен крај на војната. Или пак ќе им ја остават на своите наследници.  Со сите последици и за Русија, и за Украина и за Европа.

Мирче Адамчевски

*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор



Слично

Поврзани вести