Економија, финансии, бизнис

Контакт

Трошоците и Украина - главната болка пред самитот на НАТО

Трошоците и Украина - главната болка пред самитот на НАТО

Денес и утре во Анкара ќе се одржи Самитот на НАТО. Тој доаѓа во време на меѓународна напнатост, време на војни и неизвесност за новиот меѓународен поредок, што не е забележано од создавањето на Алијансата. Главна ѕвезда, како и лани во Хаг и овој пат ќе биде американскиот претседател, Доналд Трамп, со нему вообичаената непредвидливост. Едно е јасно. Сите лидери во Анкара ќе се трудат да му мафтаат со опавчињата, иако некои му се лутат. Можеби само италијанската премиерка Џорџа Мелони ќе биде навредената колешка. Се сеќаваме на цртаниот краток филм за премиерот на Британија, Тони Блер, кој ја играше улогата на кученце во присуство на тогашниот американски претседател, Џорџ Буш-помладиот. Ништо не се променило и денес.

И дневниот ред на Самитот е направен да му одговара на Трамп. Има навестувања, но не е сигурно, дека во Анкара тој ќе долета со новиот авион, подарок од Катар. А кој чини над 400 милиони долари. Трамп ќе дојде денес попладне во Анкара, вечерта ќе присуствува на заедничката вечера, а другиот ден на пленарното заседание, по што би се сретнал со украинскиот претседател, Владимир Зеленски, а потоа по телефон да разговара со неговиот руски колега, Владимир Путин. Работниот дел на Самитот, се очекува, да биде посветен на прашањата за трошоците за одбрана. Трамп може и годинава да бара од членките на Алијансата да го зголемат својот влог во нејзиниот буџет. Како што направи лани во Хаг. Кога сите членки се заколнаа дека ќе одвојуваат пет проценти од нивниот БДП. Некои, подоцна, кренаа раце од тој договор, Шпанија, на пример, па беа нападнати од Трамп. Се разбира и многу други големи земји, Германија, Британија.., исто така мака мачат да дојдат до таа бројка. И Трамп се лути. И бара Европа сама да си се посвети повеќе на својата одбрана.

Американците веќе најавија дека ќе повлекуваат свои трупи од Европа. Ќе ги распределуваат онаму каде што тие сакаат. Ова предизвика нервоза кај некои членки на НАТО. Демек, еве, го губат „заштитниот чадор“. Па генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, одеше кај својот „татичко“, за да добие некакви гаранции дека тоа нема да биде така, дека работите можат да се организираат и поинаку. Во Овалната соба му ги покажуваше на Трамп дијаграмите на успесите во собирањето пари за буџетот на Алијансата, благодарејќи на американскиот претседател. Па зборуваше за нарачките на американско оружје...Нарачки, пред се’, за Украина, со пари од европските членки на НАТО.

ЖЕШКА ТОЧКА

Токму Украина ќе биде една од жешките точки на самитот. Најмногу поради парите кои треба да се одвојуваат за нејзина одбрана. Особено по последните размени на бомби врз Русија и Украина. И обидите на Трамп конечно да стави крај на таа војна. Сериозните обиди, после средбата со Путин на Аљаска и со европските лидери околу неговиот план за мир. А за парите за Украина, како да нема големо расположение кај сите членки на НАТО. Полска и Италија , на пример. Полскиот премиер Доналд Туск, во пресрет на самитот, ја повика полската делегација да биде внимателна во какви било изјави за понатамошна финансиска поддршка за Украина. Во сенката на сето ова ќе бидат настаните од неодамна на Блискиот Исток. Војната на САД и Израел против Иран со сите последици за светската економија и за безбедноста во тој дел од светот.

Што може да се очекува од овој самит? Во прв ред да се намалат проблемите што се јавија после ланскиот самит во Хаг. Изјавите на Трамп за Гренланд  ја уплашија Данска, но и цела Европа.  Аљаска, средбата на Трамп со Путин, доведе до кревање на косата на главата на лидерите не Европа. Па седеа и коваа стратегии да го пресретнат планот на Трамп за мир и да го убедат американскиот претседател дека греши во својот приод. Американците, спомнавме,  ги уплашија Европејците со најавите за повлекување на воени сили од Европа.  Не помогнаа ни средбите со Трамп, ни убедувањата. Сега работата е како да се намали штетата од американските потези. И војната на Блискиот Исток си го направи своето, па дојде и до остри зборови, кои не му се допаѓаа на Трамп, но и на европските лидери. Тие се поделија околу Иран. Не дека Европа многу го сака Иран, но искуството од односот на САД во војната со Ирак ги натера Европејците да бидат повнимателни. И Трамп почна по име и презиме за „предавство“ да ги напаѓа своите колеги. Најлошо помина Мелони, која имаше лична кавга со Трамп, а тој и вчера не пропуши да ја навреди, објавувајќи фотографија со наслов со потсмев кон неа. Згора на тоа американскиот претседател постојано ги спомнува одвојувањата за буџетот на НАТО од страна на европските членки. Сето ова навестува дека поделбите можат да фрлат сенка врз самитот. Иако, последната средба на Г-7, како што се известуваше, помина во спокоен тон, на радост на Европејците.

Со оглед на тоа што Самитот ќе трае неполни два дена, многу важно е какво ќе биде коминикето од него. Тоа е речиси подготвено, а лидерите ќе треба да го одобрат. Можеби во него ќе има нешто ново, изненадувачко, иако не би требало да се очекува такво нешто. А можеби ќе помине и негова вообичаена содржина. Без многу бранување. Ќе има за трошоците, за парите, За Украина, за Блискиот исток и секако нешто што ќе биде направено на задоволство на Трамп. Ројтерс веќе нешто објави од содржината на коминикето. Во декларацијата, лидерите имаат намера да ја декларираат својата „железна посветеност“ кон НАТО и принципот на колективна одбрана, според кој нападот врз една членка се смета за напад врз сите. Тие сметаат дека Иран „никогаш не смее да стекне нуклеарно оружје“. Членовите на блокот имаат намера да доделат 70 милијарди евра воена помош за Украина до 2026 година и да се договорат за „барем еквивалентно ниво“ на поддршка во 2027 година. Според некои медиуми за време на дискусиите за ова прашање се појавиле несогласувања. А Италија се спротивставила на плановите за потпишување на обврските за следната година. Според други медиуми, членките не успеале да се договорат за формулацијата за „неразделната врска“ помеѓу Украина и безбедноста на Европа. Нејзиното вклучување во документот било блокирано од постојаниот претставник на САД.

„ДОЛГОРОЧНА ЗАКАНА“

Како и други години и овој пат во коминикето Русија ќе биде „долгорочна закана за евроатлантската безбедност и стабилност“. Следниот самит на НАТО нема да се одржи во Албанија. Наводна причина е слабиот резултат на Албанија во зголемувањето на трошоците, што, според изворите на Ројтерс, би можело да предизвика негативна реакција од САД. Во иднина може целосно да се напушти практиката самити да се одржуваат секоја година. Планирано е истовремено со самитот да бидат објавени милијарди долари во договори што вклучуваат американски и европски компании. Се известува дека земјите намерно ги одложиле објавувањата на договорите за да го направат состанокот во Анкара да изгледа попродуктивен.

Во пресрет на самитот, на 4 јули, американскиот претседател разговараше по телефон со Зеленски, а потоа и со Путин. Потоа беше објавено дека Трамп ќе одржи посебна средба со Зеленски во Анкара на 8 јули (инаку, според западни медиуми, на Зеленски нема да му биде дозволено да зборува на самитот, за да не го иритира американскиот претседател). Трамп „чувствува итна потреба да се стави крај на војната и ќе разговара со Зеленски, како да се постигне тоа“, изјави висок американски функционер. Самиот американски претседател вчера изјави дека војната во Украина е „многу поблиску до крајот отколку што се верува“. „Преговорите се во тек, а самиот Путин го чувствува притисокот и сака војната во Украина да заврши сега“, рече американскиот претседател, коментирајќи го ноќниот напад врз Киев. Тој додаде дека завршувањето на војната ќе биде дискутирано на самитот на НАТО утре.

По средбата со Зеленски, Трамп ќе го контактира Путин, објави Белата куќа. Со други зборови, американскиот претседател ќе го искористи самитот како можност да ја протурка дипломатијата во Украина. Киев и Москва добро го разбираат ова и затоа се обидоа да пристапат кон Анкара со најсилна можна позиција. Во овој контекст треба да се разгледа објавата на Русија за заземањето на Костантиновка и денешниот масовен напад врз Киев. Како што напишавме погоре, околу Костантиновка се одвиваше жестока информативна битка. Двете страни се обидуваат да докажат дека имаат контрола врз градот. Јасно е дека примателот на овие пораки е Трамп.

Во Украина некои медиуми веќе ги научија тактиките на властите во Москва и Киев, па однапред ги најавуваат идните нивни чекори. Се тврди дека за Украинците сега е клучно да докажат дека ситуацијата во војната навистина се менува во корист на Киев и дека Русија не напредува. Ова се прави со цел да се истисне Трамп од согласноста со Путин од Аљаска и конечно да се укинат барањата за повлекување на украинските вооружени сили од Донбас, со што ќе се обезбеди прифаќање, од страна на САД, на украинско-европските мировни услови. А Москва има задача да го докаже спротивното. И Кремљ го објави заземањето на Константиновка, непосредно пред Денот на независноста на САД, кога беше планиран телефонски повик помеѓу Трамп и Путин. По разговорот, Кремљ објави дека Путин го информирал Трамп „за реалната ситуација на бојното поле“. Било дискутирано и за претстојниот самит на НАТО.

ГОЛЕМИ ВОЕНИ АКЦИИ

Нападот врз Киев ја следи истата логика. Зеленски, објавувајќи го руското гранатирање вчера, го поврза со самитот на НАТО. Во овој контекст, како што може да се претпостави, треба да се очекуваат големи воени акции од Киев на денот на самитот на НАТО. Патем, нападот врз Москва, кој ја запали рафинеријата за нафта Капотња, се случи точно на денот на средбата меѓу Трамп и Зеленски на самитот на Г7 во Франција.

Враќајќи се на изјавите на Трамп дека мирот во Украина е поблиску отколку што вообичаено се мисли, како и на неговите намери да разговара со Путин и Зеленски за завршување на војната, се поставува прашањето: како тој планира да го стори тоа, со оглед на познатите и меѓусебно исклучувачки позиции на страните? Трамп би можел да изврши притисок врз Зеленски или Путин за да ги убеди да ја променат својата позиција. Но, САД имаат ограничен арсенал на влијание против Русија. А мерките што сè уште не се започнати (на пример, целосно запленување на танкерите на флотата во сенка) ризикуваат директна воена конфронтација меѓу Америка и Русија, заканувајќи се со нуклеарна војна. Врз Украина има многу поголема моќ на притисок(на пример, гасење на Starlink и откажување на разузнавањето). Но, Трамп очигледно не е подготвен да ги користи, бидејќи значителен дел од неговата околина и неговата партија се против тоа.

Единствената опција што Трамп може да ја искористи за да најде заедничка основа е да се обиде да го убеди Путин конечно да се согласи на мир по линијата на фронтот, ветувајќи му нешто големо за возврат. Па некои медиуми веќе го имаат и дијалогот. Значи, тој би одел некако вака: „Владимир, зошто ти требаат Краматорск и Славјанск? Не вреди да се бориш за нив. Особено затоа што имаш свои проблеми: недостиг на бензин, ти горат рафинерии за нафта“. Да застанеме на линијата на фронтот, а за возврат, ќе ти дадам сè што можам - официјално признавање на руската јурисдикција над земјите што си ги освоил, ќе ги укинам сите санкции и ќе тргнат инвестиции. Украина нема да биде примена во НАТО. Ќе му дадам на Киев безбедносни гаранции кои ќе важат само ако не ја нападне Русија. Можам да ви дадам нешто друго, само кажете ми.“

Не е познато дали Трамп е подготвен да за вакви предлози. И не е јасно дали Путин ќе ги прифати, дури и ако Трамп ги прифати. Но, ова е можеби единствената преговарачка рамка што навистина би можела да доведе до брз крај на војната.

На тешката атмосфера во која ќе помине самитот во Анкара  покажува и  реториката на неговите гости и организатори. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го нарече „пресуден во историјата на алијансата“: „Неодамнешните настани во нашиот регион и во светот дополнително го зголемија значењето на самитот во Анкара [...] Денешниот свет не е продолжение на стариот свет во кој беше основан НАТО. Создаден е нов свет, а позицијата на НАТО во овој нов свет е сосема поинаква“. Марко Рубио, државен секретар на САД, исто така недвосмислено зборуваше за значењето на самитот, нарекувајќи го состанокот можеби „најважен во историјата на НАТО“.  „Постојат работи што мора да ги разјасниме и исправиме“, изјави тој. По се’ ова може да се зборува дека НАТО се соочува со најсериозниот тест за единство од Студената војна наваму. Самитот во Анкара ќе треба да ја одреди иднината на алијансата. Но и новата безбедносна архитектура. Ако се затвори во себе и гледа само на себе, тогаш ништо од тестот. И овој ќе биде само еден самит во низата (не)успешни. Светла точка може да биде Трамп и резултатот од неговиот обид за мир во Украина

Мирче Адамчевски

*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор


Слично

Поврзани вести