Енергијата на Македонија мора да се произведува дома
Пишува: Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини
Македонија со Законот за користење на енергијата од обновливите извори донесе одлука која јасно кажува каква енергетска иднина избираме, а тоа е помалку увоз, помалку чекање, помалку административни лавиринти, и повеќе чиста енергија произведена дома. Новиот Закон ја менува логиката на нашата енергетска политика и отвора простор енергијата да стане поблиска до граѓаните, подостапна за инвеститорите и посигурна за државата.
Со децении зборувавме за енергетската транзиција како за нешто што ќе дојде некогаш во иднина. Но, секоја енергетска криза, секое поскапување на енергенсите и секоја зимска неизвесност во снабдувањето ни покажаа дека енергетската безбедност не е апстрактен поим. Таа директно ги допира сметките на домаќинствата, конкурентноста на компаниите, буџетите на општините и стабилноста на државата. Затоа оваа реформа не смееше повеќе да чека.
За првпат, обновливите извори добиваат посебен закон, lex specialis, со јасна, предвидлива и европски усогласена рамка. Законот е структуриран во 16 глави кои ги уредуваат надлежностите на институциите, националните цели за обновлива енергија, мерките за поддршка, гаранциите за потекло, статусот на потрошувач-производител, енергетските заедници, користењето на обновливите извори во греењето, ладењето и транспортот, прекуграничната соработка и надзорот. Со тоа сонцето, ветерот, биомасата и другите обновливи потенцијали престануваат да бидат само дополнителна можност. Тие стануваат стратешки ресурс со сопствени, јасни правила на игра.
Можеби најзначајната промена е новата улога на граѓанинот. Со механизмите за нето-мерење и нето-пресметка, кои првпат се уредуваат со закон, домаќинствата и компаниите ќе можат сами да произведуваат струја од сонце, да ја користат за сопствени потреби и да управуваат со вишокот. Граѓанинот повеќе не е само краен потрошувач кој ја чека сметката на крајот од месецот. Тој станува производител и активен учесник во енергетскиот систем.
Тоа е важна промена, затоа што енергетската транзиција не треба да биде процес што се случува далеку од луѓето. Таа треба да се почувствува во домот, во училиштето, во општината, во малата компанија, во секоја заедница што сака да биде поодржлива и понезависна. Токму затоа значењето на енергетските заедници е големо. Општините, училиштата, јавните установи, локалните бизниси и граѓаните ќе можат заеднички да произведуваат, складираат и продаваат енергија, со пониски трошоци и поголема независност. Така зелената транзиција престанува да биде само државна политика и станува локална можност.
Инвестициите добиваат нов, транспарентен и конкурентен систем на поддршка — преку повластена тарифа, пазарна премија и современиот европски механизам двонасочен договор за пазарно порамнување на разликата, односно Two-way Contract for Difference. Тоа значи поголема предвидливост за инвеститорите и поголема заштита на јавниот интерес. Поддршката ќе оди кон проекти што навистина носат вредност за системот, а не кон затворени и нејасни модели од минатото.
Гаранциите за потеклона електрична енергија и дигиталното следење ја поврзуваат зелената транзиција со пазарната логика. За првпат во Македонија воведени се и гаранциите за потекло за гас во еден закон. Во европската економија чистата енергија веќе не е само еколошко прашање. Таа е конкурентска предност. Компаниите што работат со зелена енергија ќе бидат подобро позиционирани на пазарот, а државите што умеат да ја произведуваат ќе бидат постабилни, поотпорни и попривлечни за инвестиции.
Но, забрзувањето на обновливите извори е осмислено да ја заштитува и природата, односно со него се поставува важна рамнотежа која носи побрз развој таму каде што е оправдано, но со јасни ограничувања за чувствителни подрачја и биодиверзитет. Целта е да го подобриме квалитетот на живот и да оставиме поздрава земја за следните генерации. Во законот ставен е акцент на зачувување на животната средина преку воведување на средства за заштита на животната средина, како и уредено е работењето на Советот за праведна транзиција со цел забрзан, планиран и праведен премин од користењето на фосилните горива кон користењето на енергијата од обновливи извори.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е предвидено да биде единствена контакт точка во која инвеститорите и граѓаните ќе можат да ги добијат сите информации и упатства за изградба на електроцентрали од ОИЕ преку споделување информации на својата веб-страна и преку изработка на прирачници и водичи.
Овој закон е и европски чекор. Со него во националното законодавство се транспонираат најновите европски правила, вклучително и Директивата за промоција на користењето на енергија од обновливи извори, а истовремено се исполнуваат обврските преземени со ратификацијата на Договорот од Париз и целите од Интегрираниот национален план за енергија и клима. Европската енергетика оди кон чисти извори, интегрирани пазари и активни потрошувачи. Македонија не смее да остане настрана од тој процес. Напротив, треба да го искористи за сопствен развој.
Со овој закон преминуваме од систем што реагира на кризи кон систем што планира и создава. Од увоз кон домашно производство. Од бирократска неподвижност кон брзи постапки. Од пасивен потрошувач кон граѓанин-производител. Од декларативна зелена агенда кон конкретни правила што можат да донесат резултати.
Тој не ги решава сите предизвици преку ноќ, но поставува темел врз кој конечно можеме да градиме поинаква енергетска иднина. Иднина во која Македонија повеќе ќе произведува, помалку ќе зависи, попаметно ќе планира и поодговорно ќе ги користи сопствените ресурси. Таа иднина мора да биде домашна, чиста, конкурентна и достапна за секој граѓанин.
