Менувањето на местата на собироците не ја менува сумата – Зеленски ја менува владата
Главна вест од Украина викендов беше менувањето на владата најавено од страна на претседателот Владимир Зеленски. Тој ја најави оставката на премиерката ЈУлија Свириденко. Со заминување на премиерот заминува и целата влада. Од денес ќе почнат и конкретните потези за избор на нова влада за што е надлежен парламентот. Освен промените на премиерот и министри, Зеленски најави и промени во институциите за заштита на правото, министерството за одбрана, министерството за внатрешни работи...Но и во дел од специјалните безбедносни служби.
Менувањето на владата во воени услови не е препорачливо, освен ако некои работи не одат како што треба. Според Киев, работите на воен план им се добри. Се бранат од натамошни руски пробиви, бомбардираат руска позадина. А онаму каде што не се успешни, ПВО, пред се’, за тоа се виновни западните партнери, кои не им даваат доволно оружје. Значи, воената стратегија ја сметаат за добра. Но, сега се најавува менување на политичката стратегија, пред се надворешната! На прв поглед парадоксално, кога Украина има максимална поддршка од Западот и со пари и оружје. Се чини на Зеленски тоа му е малку. Или работите некаде заглавиле. Па вели дека „зад секоја приоритетна надворешно политичка насока ќе одговара конкретен човек со големо искуство“. Тој и така се труди да им ја „вади маста“ на своите дипломати. Бара многу од нив. А ако не се такви ги менува. И се’ што постигнала Украина досега на надворешен план е благодарение на нејзината дипломатија, енергична, арогантна, каде што може, но не туристичка.
Во Анкара на самитот на НАТО по средбата со Трамп, Зеленски беше задоволен дека тој му ветил лиценци за производство на ракети за системот „Патриот“. Но кога се оладија страстите се виде дека работите не се баш така розови. Во прв ред ракети за „Патриот“ ќе се произведуваат во Германија, првите количества до почетокот на 2028 година. Зеленски смета дека неговите дипломати не работеле доволно во САД. Па сега приоритет, на сегашната премиерка, Јулија Свириденко, која ја токмат за амбасадор во САД, ќе бидат договарањата со САД за лиценците за производство во Украина ракети за „Патриот“ и други видови соработка во областа на безбедноста.
ПРИОРИТЕТИ
Деновиве во Париз ќе се одржи самит на „Коалицијата на согласните“. Украина сака да се вклучи во европскиот антибалистички проект, каде што главната улога би била на украинските компании. Се разбира ако дозволи конкуренцијата од Германија, Франција, Британија, Италија и други. Не помал приоритет е и членството на Украина во ЕУ и продлабочувањето на економските, политичките и културните врски со Унијата.
Тука има големо но, кое може да го попречи патот на Киев кон ЕУ. Соработката со соседите. Што се виде и при отворањето на првите кластери за преговори со Унијата. Првиот кластер помина лесно, шестиот беше отворен подоцна, но исто така лесно. Остануваат уште четири за кои резерви имаат Полска и Унгарија. Украина пред извесно време ги влоши односите со Полска на историска основа, па во Варшава се’ погласно се зборува дека за Украина нема место во ЕУ, се додека ги поддржува и ги слави соработниците на нацистите во Втората светска војна, кои имаат извршено колеж на околу 100 илјади Полјаци. Украинците ги слават нацистичките соработници, бидејќи се бореле и против Советскиот Сојуз. И така историјата ќе одлучува дали Полјаците ќе и дозволуваат на Украина да напредува по патот кон ЕУ. Зеленски една воена единица ја „крсти“ со името на Украинската востаничка армија. Полјаците бараат од него да го повлече решението. Тоа влезе и во резолуција на Европскиот парламент како услов за нејзин напредок. Политичарите во Полска, премиерот Доналд Туск, повикуваат да се смират страстите, да не се пали антиукраинска омраза во Полска. Па дојде и до поделби во земјата, а за опозицијата односот на Туск е „предавнички“. Звучи познато.
Унгарија, пак, и’ испорача на Украина десетина точки, барања, кои Киев ги прифати, само за да почне со преговори со ЕУ. Нивната реализација ќе се провери за некој месец. Унгарскиот премиер, Роберт Маѓар во тој поглед не беше поблаг од неговиот поранешен премиер, Виктор Орбан. Малцинските права мора да се почитуваат. И ова звучи познато. Од епилогот на војната ќе зависи и односот на другите соседи кон Украина. Сите имаат некое историско минато или малцинско прашање. И Романија, и Словачка и Бугарија, па дури и Молдавија, која за среќа на Киев не е членка на Унијата.
Во надворешно политичките приоритети на Украина сега ќе се посвети повеќе внимание и кон земјите од Блискиот Исток и Персискиот залив. Пред се’, како една од најперспективните глобални насоки за насоките за безбедност и економска соработка. Тука ќе биде и Кина за која не треба многу да се зборува и која е главен руски економски поддржувач. Исто и меѓународните организации „кои влијаат врз глобалните решенија“ и може да помогнат да се заврши војната со Русија.
СЕ’ ДА ОСТАНЕ ВО „ФАМИЛИЈАТА“
Зеленски уште во саботата ги најави промените во надворешната политика. Истакнувајќи дека е „Потребен нов квалитет во работата со партнерите на Украина за исполнување на договорите за испорака на оружје. Договори кои се постигнати меѓу лидерите на земјите, но кои треба да се исполнуваат побрзо и поцелосно“. Сега следи аргатска работа на дипломатите. Да одат по министерства, по агенции, во парламенти, во фабриките за производство на пружје. А што е најважно и кај лобистите на воено индустриските комплекси. Овие можеби ќе бараат пари. Но Украина не е како Србија од турско време, кога таа немала пари.
Промени се најавени и во внатрешната политика, кои, пред се’, се однесуваат на засилување на работите во близина на фронтот и пограничните области на земјата, како и зголемување на снабдувањето на армијата со оружје. По ланската тешка зима, Зеленски сега повикува уште од сега да се направат чекори тоа да не се повтори. Но се’ ќе зависи од руските воени операции и штетите од нив. Исто како што многу работи во Русија ќе зависат од украинските удари. Се размислува и за обновата на земјата.
Веќе ја спомнавме премиерката Јулија Свириденко, која идната недела треба замине од функцијата. За нов премиер се вртат неколку имиња, меѓу кои и на поранешниот премиер Денис Шмигаљ, но и министерот за одбрана, Михаил Фјодоров и Сергеј Корецки, првиот човек на „Нафтагас Украина“. Корецки беше првиот човек кој се сретна со Зеленски по неговата средба со Свириденко, по која и ја најави смената на владата.
Дали промените во политичката стратегија кои ги најави Зеленски се навистина толку неопходни? Па да се менува владата. Украина, веќе кажавме, и досега на надворешен план имаше големи успеси. Менувањето на местата на собироците не ја менува сумата. Дотолку повеќе што станува збор за имиња кои и онака веќе се вртеле во власта. Зеленски може да ја менува владата, ама тешко дека ќе добие нешто повеќе од досега. Во Украина веќе се зборува дека промените се за заштита на Зеленски. Се’ да остане во рамките на „Фамилијата“ по аферата „Миндич“, по оставката на шефот на Кабинетот на украинскиот претседател, Андреј Јермак, кога некои од нејзините главни актери, обвинети од антикорупциските институции, луѓе блиски на Зеленски, побегнаа од земјата. А Јулија Свириденко, по протекција од Јермак стана премиер. И еве по една година заминува од функцијата. Па сега, за Корецки, кој е еден од кандидатите за премиер, се вели дека е еден од клучните менаџери на „Фамилијата“. Што може да зборува дека Зеленски не сака да ја испушти контролата над владата. Се зборува дека Националното антикорупциско биро сега се надвиснало над работата на Свириденко, а Зеленски сака да ја „спаси“, лраќајќи ја во САД, додека Корецки ќе биде нејзина контролирана замена.
Токму поради фактот дека Зеленски не сака да ја загуби кнтролата врз владата, се шпекулира дека министерот за одбрана Михаил Фјодоров нема да биде премиер, бидејќи е близок со антикорупционерите и со т.н. „круговите со грантови“, блиски до американските демократи... Има верзија дека Зеленски ќе сака да го смени министерот за одбрана Фјодоров, кој е во лоши односи со „Фамилијата“, поради градењето сопствен политички имиџ. Го спомнуваат и како кандидат за иден претседател на Украина. Исто така и дека има намера да ги „оддалечи“ компаниите на „Фамилијата“ од тендерите во одбраната. Поради сето ова се смета дека Фјодоров може и да не биде предложен повторно за министер. А и да биде предложен, парламентарната машинерија на Зеленски да не ја прифати неговата кандидатура. Се смета дека Зеленски ќе стави свои кандидати и во специјалните безбедносни служби.
Некои сознанија зборуваат дека всушност станува збор за расчистување со „наследството“ на Јермак. Да се тргне се’ она што било ставено на позиција во негово време. Но евентуалната кандидатура на Корецки, го демантира тоа. Па следи заклучокот дека ќе имаме „И по Јермак, Јермак“. Само овој пат не со такво влијание. Но со зацврстување на положбата на „Фамилијата“. Преку Корецки, а по наредби и „замолници“ од Зеленски.
И кај нас е најавена реконструкција на владата. Гледајќи ги имињата и тука важи „ Менувањето на местата на собироците не ја менува сумата“. И така со децении.
Мирче Адамчевски
*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор
