„ЗЕЛЕНЧУКОТ ПОСКАПЕ ЗА 63, ОВОШЈЕТО 33 ОТСТО, А ПЛАТИТЕ СТАГНИРААТ“: СДСМ повикува да се прифатат нивните предлози за справување со покачувањето на цените
ВМРО-ДПМНЕ се обидува да им каже на граѓаните дека не знаат како живеат и дека цените не растат, но граѓаните реалноста ја живеат секој ден, во маркет, на пазар, дома. За една година власт на ВМРО-ДПМНЕ граѓаните живеат сè потешко и посиромашно, велат од СДСМ.
„Синдикалната минимална кошница е зголемена за речиси 5.000 денари за период од една година. А минималната плата порасна за само 1.800 денари. Зелечукот е поскап за 63,3%, а овошјето за 33% за една година. Инфлацијата изнесува 4,8% и директно ја јаде куповната моќ на граѓаните. Нивото на цените во Македонија е на 60% од европските а платите само на 35% од европскиот просек. Значи за речиси европски цени три пати пониски плати“, соопштуваат од СДСМ.
Опозицијата вели дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ги прифати нивните предлози.
„На оваа реалност ВМРО-ДПМНЕ вели народот не знае дека живее добро, дека не знае колку е поскапено и дека власта нема магично стапче. Наместо да ги убедува луѓето дека многу добро живеат ама не знаат, наместо да измислува изговори дека „нема магично стапче“ ВМРО-ДПМНЕ треба да ги прифати предлозите на СДСМ: Минимална плата од 500 евра, Укинување на ДДВ за храна, Зголемување на платите во сите сектори“, реагира СДСМ.
