Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зелен картон во Македонија имаат само 35% од возилата!

Зелен картон во Македонија имаат само 35% од возилата!
Ќе се намали ли цената на зелениот картон, како стои Македонија во однос на соседите, какви осигурителни измами се прават во земјата? Климе Попоски, претседател на Советот на експерти во Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во интервју за Фактор одговара на овие и други прашања поврзани со осигурувањето. Фактор: Дали има можност за намалување на цената на зелената карта во Македонија или се разгледува некоја друга опција? Попоски: Во последните пет години намалување на цената на осигурувањето од автоодговорност е извршено 3 пати. Првото намалување беше извршено во 2008 година и во просек изнесуваше 30% од тогашната цена на осигурување од автоодговорност за штети предизвикани во земјата. Следното намалување се случи во 2011 година, а се однесуваше на намалување на цената на зелената карта. До 2011 година, цената на зелената карта зависеше од видот на возилото и од периодот на покритие. Зелена карта можеше да се издаде за период од 1 месец, 3 месеци, 6 месеци и годишна зелена карта. Со промените од 2011 година, зелена карта се издава со покритие од една година, но не подолго од периодот на траење на полисата за осигурување од автоодговорност во земјата. За споредба, пред 2011 година цената за годишна зелена карта за патничко возило изнесуваше 9.785 денари, а сега, во зависност од силата на возилото, до 66 kw изнесува 3.670 денари, а над 66 kw цената на зелената карта изнесува 5.536 денари. Последната промена се случи на почетокот од 2013 година, кога цената на зелената карта за моторциклите се намали на 1.830 денари. Пред промената, цената за зелена карта на моторцикли беше идентична со цената на зелената карта за патнички моторни возила. Оваа промена се должи на сезонското користење на моторциклите во текот на годината за разлика од возилата кои континуирано се користат во целиот период. Со оглед на тоа дека неколку пати во последните години е извршено намалување на цената на зелената карта, сметам дека во моментов не постои простор за нејзино намалување. Меѓутоа, за да се знае точно дали постои простор за намалување на цената на зелената карта ќе треба најпрво да се направат детални актуарски пресметки врз основа на резултатот за профитабилноста и работењето на друштвата за осигурување во делот на зелената карта. Фактор: Колкави се цените за зелена карта во земјите во регионот? Попоски: Во регионот, земјите членки на ЕУ, согласно Директивите за моторно осигурување, имаат либерализирани цени, додека пак во земјите кои не се членки на ЕУ (Србија, БиХ, Црна Гора, Косово) цената на осигурувањето од автоодговорност (каде што е вклучена и зелената карта) е регулирана. Во споредба со останатите земји од регионот, во Р. Македонија зелената карта има посебна цена која што не е составен дел од премијата за осигурување од одговорност од употреба на моторни возила (автоодговорност), а додека пак во другите земји зелената карта е составен дел од полисата за автоодговорност која што се купува при самата регистрација на возилото. Па така, како што напомнавме и претходно, во Македонија  зелената карта има посебна цена земајќи го во предвид фактот дека се купува како посебен осигурителен продукт којшто е независен од полисата за автоодговорност. Ако правиме споредба во однос на просечната премија (цена) со вклучена цена на зелената карта, цените на зелените карти кои ги плаќаат граѓаните на Македонија не се разликуваат премногу во однос на соседните земји. Во однос на Бугарија и Србија (во Србија најавено е зголемување од 45% на автоодговорноста од 1-ви јули) цената на зелената карта  е на исто ниво, а додека пак Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска се далеку на повисоко ниво во однос на цените. Следствено, Македонија е една од земјите кои што имаат најниска цена за зелена карта земајќи го во предвид и задолжителното осигурување од автоодговорност и зелената карта. Фактор: Колку, од вкупниот број на возила во Македонија вадат зелен картон? Попоски: Од вкупниот број на возила во Македонија, околу 35% купуваат зелена карта. ШТО НОСИ ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈАТА НА ПАЗАРОТ Фактор: Дали се размислува за либерализација во делот на осигурување од автоодговорност? Односно, што донесе либерализацијата онаму каде што е спроведена, и дали може да се очекува со либерализација да се намалат цените? Попоски: Спроведувањето на процесот на либерализација во земјите од регионот, членки на ЕУ имаше различни влијанија на пазарите. Во Словенија, по либерализирањето на пазарот, цените на осигурувањето од автоодговорност драстично пораснаа, што пак резултираше со незадоволство на осигурениците. Во Бугарија и Романија, либерализацијата имаше спротивен ефект и влијаеше на драстично намалување на цените. Падот на цените доведе до создавање на состојба на намалена ликвидност на друштвата за осигурување и банкрот на одредени друштва, со што долгорочно се загрози стабилноста на пазарот на осигурување. Тоа доведе до губење на довербата на осигурениците во функционирањето на осигурителниот пазар.  Исто така, и во Хрватска, која од 01.07.2013 година стана членка на ЕУ, либерализацијата на пазарот на автоодговорност беше проследена со намалување на цените. Од друга страна пак, во Албанија, пазарот на осигурување од автоодговорност се либерализираше во изминатиот период, но сепак, поради негативното влијание на прерано спроведената либерализација, се размислува во насока на повторно регулирање на пазарот. Имајќи ја предвид стратешката определба на Република Македонија за стекнување на полноправно членство во ЕУ, кога нашата земја ќе пристапи кон преговорите за членство ќе има обврска да ги имплементира Директивите за моторно осигурување, кои се однесуваат на  либерализација на пазарот на осигурување од автоодговорност. Со цел пазарот да се припреми за спроведување на процесот на либерализација, односно да се подготват клучните учесници (Владата на РМ, Агенцијата за супервизија на осигурување, Националното биро за осигурување и друштвата за осигурување) од кои ќе зависи успехот на либерализацијата, се користи техничка помош од Светска банка. Експерти на Светската банка, врз основа на спроведена анализа на македонскиот осигурителен пазар, ќе треба да понудат оптимално решение за спроведување на овој процес, притоа пренесувајќи ги најдобрите искуства и пракси по ова прашање. Фактор: Како ќе се одвива кај нас либерализацијата? Попоски: Република Македонија ќе го започне процесот на либерализација на пазарот следејќи ги препораките дадени од страна на Светската банка. Соодветната подготовка на пазарот е клучна за спроведување на либерализација која нема да предизвика потреси во осигурителниот сектор и  финансискиот сектор во целина. Имајќи го ова предвид, процесот ќе се одвива постепено, во неколку фази, се до конечното либерализирање на пазарот на осигурувањето од автоодговорност. Во услови кога постои голема пазарна конкуренција, а тоа го имаме на пазарот на осигурување во Република Македонија со оглед на фактот дека на него делуваат 11 друштва за неживотно осигурување кои вршат осигурување од Автоодговорност и Зелена карта, сигурно дека може да дојде до одредено намалување на цената, но ваквото намалување не смее да ја загрози финансиската солвентност на друштвата за осигурување. Затоа, АСО со помош на Проектот од Светска банка, користи светски знаења, техники, методи за тоа како воведувањето на либерализацијата на пазарот за автоодговорност да не предизвика незадоволство на самите осигуреници, или пак негативно да се одрази на финансиската состојба на друштвата. Либерализацијата значи воведување на повеќе ризик критериуми во однос на одредување на цените, како што се возраста на возачот или регион/ град од кој потекнува возачот. Онаму каде што има поголема фреквенција на сообраќај, поголема е веројатноста да настане штета, и поради тоа нормално е дека граѓаните кои живеат во средина каде сообраќајот е поголем ќе плаќаат повисока премија во однос на останатите. Фактор: Дали постојат лимити за осигурување во сообраќајот во делот на зелената карта. И што значат тие лимити ? Попоски: За домашно осигурување од автомобилска одговорност лимитите се законски одредени. Од година во година, лимитите за штети по основ на автомобилска одговорност континуирано се зголемуваат. Лимитите се разликуваат од земја во земја, а во дел од земјите од Европа не постојат лимити или пак лимитите се екстремно високи. На овој начин, и обврските за нашите друштва за осигурување, за штети случени во странство можат да достигнат доста високи износи. Имајќи ја предвид неизвесноста во поглед на висината на износот на можна штета по основ на зелена карта, друштвата за осигурување во Македонија ја реосигураат обврската за исплата на штети по основ на зелена карта. Обврската што ќе ја преземе реосигурителот е неограничена во поглед на висината на штетата. На овој начин, преку соодветна реосигурителна програма, друштвата за осигурување во Република Македонија го трансферираат ризикот и се заштитени од загуби кои би нанеле удар на финансиската состојба на друштвото и на осигурителниот пазар. Фактор: Колкави се осигурителните измами во земјава, и како најчесто се прават? Попоски: Прашањето за осигурителните измами е еден од најакутелните предизвици со кои се соочува осигурителната индустрија на светско ниво. Во светски рамки, 10 % од исплатените штети се претпоставува дека се осигурителна измама. Проблемот на осигурителните измами е присутен и во Македонија. Пред две години, од страна на МВР беше спроведена истрага за злоупотреби со фингирани сообраќајни несреќи и наплата на фиктивни штети од друштва за осигурување. Во оваа акција беше разоткриена мрежа на лекари, адвокати, вработени лица во друштва за осигурување и полициски службеници кои меѓусебно соработувале злоупотребувајќи ја службената должност. Со цел да се одговори на предзвиците со кои се соочува пазарот во однос на измамите особено е значајно друштвата за осигурување да го подигнат нивото на меѓусебна соработка и заедно да развиваат стратегии за надминување на проблемот на осигурителни измами и намалување на нивниот број. Исто така од големо значење е соработката помеѓу друштвата за осигурување и останатите институции кои се инволвирани во решавањето на прашањето за измами. Н.С.
Слично

Поврзани вести