Здружението на новинари бара итно повлекување на законот кој воведува цензура
Здружението на новинари во Македонија (ЗНМ) остро го критикува предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за забраната за емитување и поседување на прислушуваните разговори што ги објавави СДСМ.
Од здружението сметаат дека ова е обид за цензура на медиумите и директно ја загрозува слободата на изразување.
„Ваквиот непримерен законски предлог го прекршува Уставот кој во членот 16 изречно вели дека цензурата е забранета. Освен тоа, Европската конвенцијата за човекови слободи и права, која Македонија се има обврзано да ја почитува, недвосмислено ја штити слободата на изразување. Потсетуваме дека новинарите се должни да објавуваат информации што содржат сомнеж за злоупотреби на сите носители на јавни функции бидејќи на тоа ги обврзува новинарскиот Кодекс во кој јасно стои дека новинарот ќе ги почитува законите во државата, но нема да објави или сокрие ништо што е во спротивност со јавниот интерес“, се вели во соопштението.
Според предлог законот секој што ќе објави некоја од т.н „бомби” ќе се соочи со казна затвор од најмалку четири години. Тоа значи дека сите медиуми ќе треба од своите веб страници да ги избришат сите објави поврзани со телефонските разговори, а потоа ако ги реобјават или искористат на било кој начин, кривично ќе одговараат.
