Здравството е реформирано, ама во Југоисточна Македонија нема жена каде да се породи?!
Породувањето во цела Југоисточна Македонија се одвива во екстремно отежнати услови бидејќи болниците се оставени без гинеколози. Граѓани од Гевгелија ја контактираа редакцијата на Фактор, велат градот веќе два месеца воопшто нема гинеколог, откако последниот лекар дал оставка. За породување мораат да се снаоѓаат во околните градови, но проблеми постојат и таму, бидејќи Богданци и Валандово имаат само по еден лекар, а во Дојран нема болница. Велат матичните гинеколози немаат друг излез освен да им закажат породување во Скопје.
Гевгелија нема гинеколог во болницата два месеца, се обидовме да закажеме породување во Валандово ни кажаа дека лекарот бил на одмор, во Струмица поради реновирање на болницата примаат само итни случаи, во Неготино воопшто нема лекар – вели Граѓанин од Гевгелија.
На породување во Скопје?!
Но да закажете породување во Скопје, а породилни болки да чекате во Гевгелија е ризично и опасно, вели гевгеличанецот чија сопруга треба да се породи во следните недела дена. Стравувањата се дека жената може да добие породилни болки и не е познато за колку време може да се стигне до Скопје.
Што ако сопругата се породи во автомобил на среде пат, да стигнам до Скопје ми треба најмалку два часа со екстремно брзо возење. Од скопска гинекологија ни кажаа дека ќе ја прегледаат сопругата но не можат пред време да ја задржат сопругата во болница – додава граѓанин на Гевгелија
Гевгелискиот брачен пар проблемот го решил со сместување кај роднини во Скопје, каде жената ќе чека да добие породилни болки за да може да се породи. Но луѓето за Фактор велат се работи за импровизација и привремено решение, и прашуваат што е со другите луѓе од Југоисточниот регион.
Гевгелија без породувања цели две години?
Извори од Гевгелија за Фактор велат дека проблемот со породувањата во Гевгелиската општа болница не е стар само два месеца, туку таму породувања речиси не се вршат цели две години, бидејќи и кога имало лекар имало проблем со салите и опремата, или немало акушерки.
Министерството за здравство претходно соопшти дека ќе истражи зошто Гевгелиската болница останала без Гинеколог, и најави дека во Гевгелија набрзо ќе почне да работи лекар од струмичката болница. Сега за Фактор објаснуваат дека во тек е административна процедура за ангажирање на гинекологот.
Еден лекар ќе биде вработен во Струмица но со услов две години да работи во гинеколошкото одделение во Гевгелија. Во моментот лекарот специјализира во тек е процедурата за негово распоредување и наскоро ќе почне со работа – велат од Министерството за здравство.
Директорот на Општата болница во Гевгелија за Фактор ја потврди информацијата за вработувањето на гинеколот.
Во понеделник можеби гинекологот ќе почне да работи, се работи за техничка процедура, најден е лекарот и тој веќе беше тука во болницата – вели др. Среќко Јованов, директор на Општата болница во Гевгелија
Дали со ангажирањето на еден специјалист – Гинеколог околу 23 илјади жители на Гевгелија и околината ќе може да добијат породување во својот град останува да се види, но граѓаните предупредуваат и на останатите проблеми со лекувањето.
Проблеми и со педијатријатаЖители од Гевгелија велат дека освен со Гинеколог, проблеми постојат и со педијатријата во Гевгелија, бидејќи во целата болница има само една лекарка, која е ангажирана со договор на дело, а претходно имало периоди кога немало ниту еден педијатар. Директорот на болницата во Гевгелија вели дека со Педијатарот веќе немале проблем.
Една лекарка работи на одделението како педијатар, а со неа работи и општ лекар кој е распореден на тој оддел - вели др. Среќко Јованов, директор на Општата болница во Гевгелија.
Според последните податоци на заводот за статистика Гевгелија е една од општините во Македонија која е зафатена со намален наталитет, или со „Белата чума“. Во периодот од 2008 до 2011 година во Гевгелија бројот на починатите е во континуитет поголем од 10 до 40- луѓе во однос на новородените а тренд оттогаш бележи зголемување секоја година.
С.Р.
