Здравство: Редовен статус ќе добијат 2000 волонтери!
На денешната прес конференција Министерот Тодоров информира дека во тек е постапката за вработување на околу 2000 волонтери и лица кои досега работеле со договори на определено време.
Групата воглавно вклучува медицински и помошен (административен) персонал, односно доктори, медицински сестри, техничари, хигиеничари, правници, информатичари…
Најпрво ќе бидат вработени 35 проценти од овие лица, односно околу 700 ќе бидат вработени веднаш, додека останатите ќе бидат вработени на неопределено време од 1 декември оваа година, односно од 1 септември 2016 година.
– Само во општите и клиничките болници низ државата ќе бидат редовно вработени вкупно 739 лица, од кои во првата група 259 лица. Во Универзитетските клиники во Скопје ќе бидат редовно вработени околу 600 лица, а само во првата група ќе бидат вработени 210 лица. Во здравствените домови ќе бидат вработени вкупно 168 лица, во специјалните болници, заводи и институти низ државата редовно ќе се вработат околу 300 лица. Во Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје редовно ќе се вработат речиси 200 лица, информираше на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.
Тодоров посочува дека ова е исклучително значајна мерка на Владата на Република Македонија, со која ќе им се помогне на илјадници семејства низ државата, имајќи предвид дека досега овие лица не биле редовно вработени и не можеле да остварат право на здравствено, пензиско, односно социјално осигурување.
