Здравствените власти смируваат – во Македонија нема ебола!
Тројцата студенти од Нигерија со покачена температура немаат други симптоми на ебола и превентивно се задржани на Инфективната клиника во Скопје, смируваат здравствените власти. Според нив, причина за паника нема - опасниот смртоносен вирус го нема во Македонија.
„Студентите се пожалиле и превентивно се прегледани. Еден од студентите е задржан на испитување за да се провери да не има некој друг вид ендемски заболувања од таа земја, додека другите се пуштени дома. Да не се прави паника, ебола нема“, изјави денеска проф. д-р Снежана Стојановска.
Кај тројцата студенти со специјалниот скенер за топлина на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје била откриена покачена телесна температура.
Бидејќи тоа е еден од симтпомите на ебола, сите тројца веднаш биле ставени во карантин. Инаку, Нигеријците студирале на охридскиот Универзитет за информатички технологии.
Од опасниот вирус ебола во Африка досега починаа преку 2.000 лица.
Слично
