Здравко Савески од Левица приведен, уште тројца на информативен разговор
Здравко Савески од Левица, утрово е повикан на информативен разговор во полициската станица „Пролет“ во Кисела Вода, по што е приведен и ќе биде одведен пред јавен обвинител и судија во предистражна постапка, со барање за определување на мерка притвор.
Ова го соопштија денеска од Левица и додаваат дека уште тројца нивни членови на највисоките раководни партиски органи имаат покани за информативни разговори.
„Настаните за кои тие се товарат е поврзани со масовните протести на Движењето „Протестирам“ и т.н. Шарена револуција, кои почнаа по срамната и противправна аболиција на претседателот на РМ. Овие наши видни членови беа и ќе бидат во првите редови на протестите. За нас, ова е очајнички обид на криминалната власт да се пресмета со нашата партија, која поради автентичноста и јасните антирежимски левичарски принципи секојдневно станува се порелевантен играч на политичката сцена, особено меѓу „неопределените“ граќани кои во нас препознаваат реална трета опција“- велат од Левица.
Тие ги повикаа граѓаните да се приклучат кон организираниот „Отпор против овој автократски режим и преку помасовно присуство на протестите заедно да се избориме за ослободувањето на нашата Република!“.
