ЗДРАВЈЕТО ТРЕБА ПОСТОЈАНО ДА ГО СТАВАМЕ НА ПРВО МЕСТО
Претстојниот Светски ден на здравјето, седми април, и оваа година нè потсетува на една важна вистина – здравјето е нашето највредно богатство. Во брзото секојдневие, често го запоставуваме она што е најзначајно, сè додека не се соочиме со неговата кршливост. Денот на здравјето ни дава можност да застанеме, да ги преиспитаме сопствените навики и да се потсетиме дека грижата за здравјето не треба да биде опција, туку неопходен приоритет.
Од особен интерес во 2026 година ја препознавам потребата од скрининг прегледи, превенција и рана дијагностика на малигните заболувања, што се едни од најпревалентните (најчестите), а воедно и заболувања во најголем подем кај општата популација.
За среќа, технолошко - индустрискиот и медицинскиот напредок, се основа за, и овозможуваат, рана дијагноза на (нај)голем дел од малигните заболувања што води до соодветен третман и подобар исход кај пациентите.
Редовната мамографија кај женската популација и редовните гинеколошки прегледи (ПАП тестирања ), и вакцинацијата за ХПВ овозможуваат превенција, откривање и рано препознавање на ракот на дојка додека е во ран стадиум односно ракот на грлото на матката (цервикален карцином). Епидемиолошките студии сугерираат дека жена која имала незаштитен сексуален однос со три партнери ќе се здобие со инфекцијата Хуман Папилома Вирус (ХПВ) инфекција, односно жена која имала незаштитен однос со еден партнер има 30 проценти ризик да се инфицира со ХПВ. Најголем дел од овие жени ќе го елиминираат вирусот и инфекцијата е транзиторна, но проблемот настанува кај оние кај кои тоа нема да се случи.
Ценам уште да ја нагласам неопходноста од размислување да се востанови како задолжителен, иако е често непријатен за пациентите, и редовен, еднаш во десет години по навршената 50-та година, скрининг метод за рана дијагноза на карциномот на дебелото црево, преку колоноскопија (процедура која се користи за испитување на состојбата на дебелото црево и завршниот дел од тенкото црево). И јас сум поборник дека ова треба да е основен скрининг програм во борбата против карциномот на дебелото црево, лично го сметам за неизоставен модалитет кој сите возрасни пациенти треба да го имаат на ум и да го практикуваат.
Освен малигните заболувања, едни од најоптоварувачките состојби за пациентите, но и за здравствениот систем и здравствените работници, се хроничните, незаразни кардиоваскуларни, метаболни, цереброваскуларни, заболувања.
Би надополнил дека брзиот начин на живот, стресот, нездравата исхрана, пушењето и седантерниот (со минимална физичка активност и долготрајно седење) стил на живот, се асоцирани со погоренаведените заболувања. Превенцијата на овие состојби е едноставна и се состои во промена на животните навики, редовна физичка активност, исхрана според метаболните потреби на поединецот, “оставање“ на цигарите, генерално во замена на лошите навики со добри – наведеното го зголемува квалитетот на животот. Ова е особено пожелно да го практикуваат младите, кои се иднината и силата на нашето општество.
Датумот 7 април ја одбележува годишнината од основањето на Светската Здравствена Организација (СЗО) во 1948 година. Светскиот ден на здравјето е потсетник дека здравјето треба постојано да го ставаме на прво место, а не само повремено да размислуваме за него. Преку здрави навики, превентивна грижа и заедничка одговорност, се создава основа за поздраво општество и посигурна иднина. Не попусто се вели: “здравиот човек може сè, а болниот има само една желба – да оздрави“.
ДАНИЕЛ ЗАРЕВ (Авторот има просечен успех од 9.7, студент е на четврта година на смерот по општа медицина на Медицинскиот факултет при “УКИМ“ во Скопје, стипендист е на “Фондација ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ Скопје“, учесник на многубројни стручни студентски настани од медицинската фела, во декември 2025 година беше избран за член на Факултетското Студентско Собрание при Медицинскиот факултет...).
*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не
мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор
