Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗДРАВА ХРАНА: Кампања во полн ек, а во училиштата на децата им се сервира бурек, крофни и банички?!

ЗДРАВА ХРАНА: Кампања во полн ек, а во училиштата на децата им се сервира бурек, крофни и банички?!
Бурек со месо и јогурт, кифла со крем и сок, баничка со сирење...ова е дел од менито на ужинките за дел од учениците од основните училишта. Родителите велат дека иако постојано се зборува за здравиот начин на исхрана,  тоа како да останува само како добра реклама за кампањи. Во реалност, реагираат дел од нив, е многу поинаку. Б.К. - родител на ученик во петто одделение вели дека неговото дете се храни во училиште бидејќи на основците поради безбедност,  не им е дозволено за време на одморот да излегуваат во локалните продавници или бурекџилници. Но, она што им се нуди на децата како мени за исхрана е далеку од здрава храна. Загрижениот родител дополнително се прашува дали и кој ги контролира менијата кои секое училиште ги нуди на своите ученици и зошто постојано се зборува за храната како избор, кога тој проблем ни оддалеку не е решен во училиштата кои треба да се база за едукација и дисциплина?!
“Она што ни го понудија како избор на родителскиот состанок беа неколку менија кои беа полни со буреци, печива, благи крофни колачи и сл. Јас и уште неколку родители реагиравме дека ова и не е баш најдобар избор за деца кои се на десет години и кои се во раст и развој,но одделенската наставничка ни кажа дека тоа е одлука на ниво на училиште и единствено што ни останува како друга алтернатива е нашето дете да не се храни преку училиштето, туку ние сами да му ја купуваме храната. Но, притоа неколку пати нагласувајќи дека не им е дозволено на децата на малиот или големиот одмор да купуваат храна, туку однапред да се снабдат со истата. Сметам дека сериозно треба надлежните да видат и проверат што се прави во училиштата, а од друга страна се прават кампањи и скапи спотови за здрав живот ”-вели Б.К.
Тој се сомнева дека во блиска иднина нешто би се сменило за здрав и правилен режим на исхрана за најмалите, бидејќи и во оваа работа се гледа добар начин на профит. Не е скапа храната, низок е стандардот на граѓаните! Ако сакаме да пристапиме кон здрав начин на исхрана најпрво мораме да прифатиме поинакви приоритети во животот-смета гинекологот д-р Јадранка Бибан, која активно се занимава со едуцирање за лекувањето на болестите со храна и со здрави животни навики. Според неа, освестената единка веќе не може да чека на инертноста на заедницата, за да направи вистински чекори во зачувување, па и обнова на своето здравје. Секој освестен човек, вели,  веќе знае дека најголемата и највредната инвестиција во животот е инвестицијата во своето здравје и во здравјето на своите блиски. Здравствените системи, додава таа, не само кај нас туку и пошироко во светот се мотивирани да функционираат според правила и прописи кои ќе ги однесат во поголема финансиска сигурност и брзо обезбедување на парични средства.
“Тоа е реалност и колку и да сакаме да го тврдиме спротивното, треба да гледаме јасно на фактот дека здравствените системи се одржуваат со финансиска добивка, а не со непрофитабилни активности. Затоа и велам, освестениот поединец не треба да чека на освестување на системот туку мора самиот да преземе чекори за заштита на своето здравје.
Впрочем здравјето мора да го добие најголемиот приоритет и да потисне се останато кое дотогаш било број еден во нашето секојдневие. Но, за да се направи тоа, потребно е да се изгради, односно да се достигне висока свест и тоа не толку многу кај заедницата, туку кај единката. Оправдувањата дека здравата храна е многу скапа мислам дека не би требало да бидат причина за да не се донесе одлука за промена на исхраната. Органската храна е навистина скапа, но мислам дека до чиста храна може да се дојде на многу полесен и поедноставен начин. Урбаните луѓе секако дека немаат можност да произведуваат здрава храна во урбана средина, но сепак може да се ангажираат да набават намирници од еколошки чисти подрачја, од познати производители”-вели д-р Бибан. . Превенцијата на современите хронични болести како што се дебелината, дијабетот, алергиите, автоимуните болести, дегенеративните болести, карциномите, кардиоваскуларните болести и уште многу други, според д-р Бибан,  се постигнува со здрав животен стил каде централно место завзема исхраната, бидејќи превентивните специјалистички прегледи немаат таква моќ во заштита на луѓето од овие болести.
“Сето тоа јас го нарекувам медицина „животен стил“ која за жал не може да се препише на рецепт и да се подигне во аптека, туку мора да се воведе во животот на пациентот и тоа бара голем ангажман и од пациентот,  но и од лекарот практичар. Токму затоа мислам дека оваа медицина не е многу атрактивна ниту за лекарите ниту за пациентите. За лекарите тоа значи голем ангажман со бавна и не толку голема парична заработка, а од страна на пациентот бара негово лично ангажирање и преземање на одговорноста за своето сопствено здравје”-додава д-р Бибан.
Празниот стомак не познава здрава храна! Правилниот и добро избалансиран начин на исхрана ги става граѓаните и пред нов предизвик и дилема околу изборот на здравите продукти. Дополнително треба да се размислува и на поостри казнени политики за оние кои неодговорно работат со храна. Педијатрите велат дека особено е важно од најрана возраст децата да се стекнат со здрави навики, но ова да не  се прави кампањски туку  со подолгорочни ефекти. Проф. д-р  Стефка Груевска од Клиниката за детски болести,  вели дека се почеста е појавата на деца кои од рана возраст имаат сериозен проблем со прекумерната тежина. Во квалитетниот и здрав начин на живот покрај здравствените големо влијание имаат и социо-економските состојби. Па така, според  д-р Груевска, полесно е и децата и родителите да посегнат по евтина таканаречена “џанк фуд” и да поминат еден до два оброци, отколку да се мислат какво овошје,зеленчук или интегрално лепче ќе стават на своето мени.
“Таа таканаречена “џанк фуд” храна во која има се само не квалитет  и здравје,  е поевтина и добар избор брзо да се реши проблемот со гладта. Јас сметам дека треба сериозни чекори да се превземат и строго да се направи контрола кој и какво мени поставува во училиштата и дополнително во нивното креирање да се вклучат стручни лица од областа, кои сериозно ги знаат и нутритивните вредности на храната но и здравствената состојба на децата и возрасните. Недостасуваат здрави навики и дисциплина од најрана возраст за дневните потреби од храна. Сведоци сме дека во болниците ни доаѓаат сериозни примери кои имале некаков проблем предизвикан токму од неправилниот начин на исхрана, ригорозни диети и сл, но мора на ова да гледаме како на сериозен проблем, ако сакаме поголеми и подолгорочни ефекти”-вели д-р Груевска.
Храната како уметност на живеење! Според Теодора Костовска, учител на Art of Living Фондацијата, скапо купените намирници кои немаат автохтоно потекло, само по себе не значи здрав и правилен однос  кон храната. Храната вели, мора да биде полновредна, како би го сочувала нашето здравје, би го одржувала организмот во добра физичка и духовна состојба, особено заради зајакнување на одбрамбените системи на телото против болестите. Храната е еден од четирите ресурси на животна енергија и затоа се што по пат на храна внесуваме во сопстевниот организам, не гради и менува. Таа смета дека од храната што сме ја внеле во  организмот зависи енергијата и силата, здравјето и квалитетот на нашата емотивна, ментална и физичка кондиција, квалитетот на нашиот живот.
“Важен сегмент во здравиот начин на живот, значи токму градење и спроведување на правилниот однос кон здравото прехранување. Така на пример во минатото  сите намирници од природата се собирале и конзумирале само во нивната сезона и во склад со годишните времиња.  Во денешно време во јануари купуваме домати, пиперки, краставици и многу други пролетни или летни продукти, со мисла и  чувство дека здраво се храниме. Да не зборуваме за огромното количество правилно неискористена или фрлена храна.Нашиот здрав однос кон храната би требало да биде заснован на знаење и познавање на разноликоста на храната, нејзините енергетско витамински вредности, соодносот на јагленохидрати,  масти, белковини, нештетноста на семенските материјали, местото и почвата на одгледување и произведување на храната”-вели Костовска.
Особено е важно, според неа,  да се почитува времето и начинот на конзумирање на храната, бидејќи денешната динамика на живот и работното време, наметнуваат потполно нездрав однос на времето за конзумирање на храната. Појадокот како многу важен или носечки оброк често е прескокнуван, долго одлаган, ручекот заменет за вечера, а вечерата оставена за долго во ноќта или пред легнување, со што погубно се делува наорганизмот.
“Напоменувам дека расположението на оној кој ја подготвува храната во огромна мерка влијае врз нејзината енергетска вреднот, па од тамо готово подготвената (казанска) храна која се купува од маркетите не зависно од намирниците во неа,  има многу пониска енергетска вредност од храната подготвена во домашни услови, со многу љубов и посветеност од оној кој ја подготвува.Секако дека секој посакува да биде успешен во животот, но, дали успехот подразбира само голема бакарска сметка и луксузен живот? Човек може да има богата банкарска сметка, но ако телото се разболи и не ќе може да ужива во тоа што го има, згора над тоа ако својата заработка мора да ја даде за да го поврати изгубеното здравје, ќе се согласиме дека тоа не би можело да влезе во категорија на успешен живот!”-додава Теодора Костовска.
Покрај грижата за здравиот и балансиран однос кон храната, потенцира Костовска,  за да се исполни целта на здрав и хармонизиран живот, паралелно би морале да се грижиме за квалитетот и драгоценоста на животот, да станеме  СВЕСНИ како дишеме, што мислиме, како се чувствуваме, како се однесуваме? Бидејќи според неа, враќањето кон природата, кон себе си, кон традиционалните човекови вредности и развивање на благодарност кон животот покрај здравата храна се големите “чувари“ на здравиот начин на живеење. Здравиот доручек поважен од оценките! Нутриционистите велат дека  родителите и наставниците се особено важни во стекнувањето на здрави навики кај децата. За овој модерен проблем и дел од нив се сложуваат дека  не треба да се гледа кампањско туку долгорочно решение,  бидејќи  учениците го  поминуваат поголемиот дел од времето во училиштата и затоа е потребно да имаат енергија која ќе им овозможи следење и совладување на образовниот процес. Според нутриционистот Тања Турунџиева, било каква промена  во однос на исханата  која би значела здрав режим и градење на култура на живеење треба да се направи веднаш. Но не од понеделник, среда или од 1-ви во месецот. Здравиот  и правилен режим на исхрана според неа, значи  доволен внес на течности, три оброка дневно и најважно од се, вели,   без импровизации. Според Турунџиева, преку креативноста  наставникот –предавач  кај ученикот треба да се создаде чувство на значење и важност од практикување на здравиот начин на исхрана, која понатаму учениците ќе ја дискутираат и практикуваат со своите родители и во нивните домови.
“Како приоритет треба да се внесуваат сезонските овошја и зеленчуци, кои се наоѓаат на пазарите. Тие со своите свежи ензими ќе го штитат нашиот организам и метаболизам, како и ќе го јакнеат имунолошкиот систем.  Појадокот да е сезонско овошје,што побогато и поразноврсно. Во секојдневието треба да ги внесуваме и ограничени количини јаткастите плодови и сировите семки ( тиква, лен, интегрален сусам, сончоглед). Тие во себе содржат доволно количество на есенцијални масни киселини и есенцијални амино-киселини,  како и витамини и минерали кои ги задоволуваат дневните енергетски  потреби на организмот. Ручекот трреба да биде традиционален македонски со присуство на свежи разноврсни зеленчуци. Вечерата треба да биде лесна составена од некоја чорба од зеленчук во комбинација со свежа салата или пак, некоја житарка со свежа салата. Најважно од се е да имаме избалансирана исхрана во која што ќе бидат запазени три оброка дневно”-вели нутриционистот Турунџиева.
Водата најевтин избор за здрав живот! Течностите велат експертите се  многу важен елемент во секојдневната исхрана.Дополнително и најефтин. Потребна количина е  2-2,5 литра вода која треба да се испие во текот на денот. Жените во Македонија, според нутриционистите, внесуваат многу мала количина на течност дневно, а се случува да внесат само 1 чаша вода дневно, што е премалку. Недоволниот внес на течности се рефлектира на метаболитички дисбаланс. е. Здрава храна само во учебник! Здравиот начин на исхрана кај учениците според експертите  се стекнува со предавање од страна на соодветниот наставник или  професор по биологија, класен раководител, одделенски наставник, за значењето на овошјето и зеленчукот за организмот, кој е во фаза на формирање, растење. Преку овие предавања треба да се создаде интерес кај учениците за здравите продукти во исхраната кои ќе овозможат создавање на енергија,  која учениците ќе ја користат за активностите во училиштето и надвор од него. Во насока на зголемување на свеста и потребата од здрав живот, неодамна и Владата стартуваше кампања ”Здравјето е избор”  која ќе трае неколку месеци преку разни активности, промоции, реклами. Спроведувањето на кампањата ќе чини половина милион евра и според надлежните  е една од најзначајните има за цел  да им помогне  на граѓаните со совети  од најнапредните научни сознанија во делот на здравата храна и здравиот начин на живот . С.Б.
Слично

Поврзани вести