Економија, финансии, бизнис

Контакт

Здодевна кампања за претседател во важен миг за Македонија и Балканот! Што ќе ги реши изборите?

Здодевна кампања за претседател во важен миг за Македонија и Балканот! Што ќе ги реши изборите?
Изборната кампања за претседателските избори влегува во самиот финиш. Аналитичарите кои ги консултираше Фактор ги оценуваат четворицата кандидати за претседател, како и тоа како досега се одвива изборната кампања. Во досегашнот тек на кампањата недостасувала наелектризираност и ентузијазам. Муслиу, Ордановски и Боцевски зборуваат за Фактор. Секој со свој став за претседателските кандидати, Иванов, Пендаровски, Поповски, Халими. Силно најавуваното синоќешно телевизиско соочување на претседателските кандидати на националниот сервис - МРТВ според многумина беше очајно здодевно. Без речиси ниту една реплика, со одговор на поставени седум прашања и без интерес да предизвика дебата, оценката на најголем дел од јавноста е дека од сите досега, ова е најслабото ТВ соочување во поновата македонска историја. Сепак, битката ќе биде интересна со оглед на тоа што дел од анкетите најавуваат сличен скор на двајцата претенденти поддржани од најголемите партии, а особено што исходот на претседателските избори ќе биде многу важен за иднината на земјата.  Алберт Муслиу - Иванов инсистира на соработката со Владата, Пендаровски сака баланс во тие односи, Халими сака обединување, Поповски зрачи позитивно „Следејќи ги изјавите на претседателските кандидати, може да се воочи дека кај сите нив преовладува обединувачки говор. Но, сепак разлика во пристапот е воочлива кај сите. Кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов инсистира на соработка со Владата а таа не е обединувачка. Претседателските кандидати на СДСМ и ГРОМ Пендаровски и Поповски од она што досега може да се забележи преферираат балансиран однос на Претседателот наспроти Владата. Во секој случај и нивните залагања не се необединувачки, напротив. Зоран Поповски зрачи позитивно од досегашната кампања. Кандидатот за претседател на ДПА, Илијаз Халими инсистира на обединување, ама тој сепак мора да соработува со Владата“, вели за „Фактор“, Алберт Муслиу. Сашо Ордановски - Иванов е во сенка на Груевски, Пендаровски ќе биде различен од Иванов, Поповски и Халими коректни „Власта има изразит кандидат во Ѓорѓе Иванов. Тој може да зборува што сака, но сепак е во сенка на Груевски и ја спроведува таа агенда, а тоа е - владата има презир кон Албанците и сите прашања ги решава низ конфликт. Во таа насока Иванов не е фактор за обединување, без разлика што неговиот вокабулар може да е различен, сепак делувањето неможе да биде различно од она на Владата. Стево Пендаровски има поголем капацитет, но каков ќе биде на функцијата ќе се види доколку седне во претседателската фотеља. Во секој случај Пендаровски ќе биде различен од Иванов, во суштитна ќе покаже поголем интегритет на функцијата претседател. Зоран Поповски, кандидатот на ГРОМ е коректен од досега виденото. Немам сомнеж дека она што го зборува и ќе го спроведе. Халими е воздржан, со коректни ставови“, вели Сашо Ордановски. Ивица Боцевски - Иванов треба рутински да дојде до реизбор, Пендаровски е непознат за обичниот граѓанин, Поповски е антипод на Јакимовски, Халими интересен „Самата фунцкија претседател е обединувачка. Кампањата досега е рутинска. Оваа кампања од сите досегашни е со најмалку ентузијазам. Сметам дека Иванов рутниски треба да ја истрча кампањата, за да биде повторно реизбран за претседател на државата. Кај ВМРО ДПМНЕ исто така се гледа дека рутински се спроведува кампањата. СДСМ одбива да се соочи дека има проблем, а тоа е дека Стево Пендаровски е познат само кај научната јавност, кај новинарите, но е непознат за пошироката јавност, за обичните граѓани. Зоран Поповски е првиот кој настапува на политички натпревар под брендот „ГРОМ“, лично го доживувам како антипод на лидерот на партијата Стевче Јакимовски. Околу Јакимовски секогаш има метеж, луѓе, додека Поповски се покажа како смирен човек. Халими е интересен како ја води кампањата за претседател, а покажува сериозно разбирање и за останатите граѓани кои не се од алабанска националност, особено околу спорот за името со Грција“, вели Ивица Боцевски. И.М
Слично

Поврзани вести