ЗБУНЕТОСТ ОКОЛУ КОВИД ПАСОШИТЕ: Секоја држава сама ќе одлучува за своите правила
Европскиот парламент (ЕП) ја усвои преговарачката позиција за предлогот за сертификат со кој се потврдува правото на слободно движење во Европа за време на пандемија. Сепак, тој е прилично конфузен, пишува Блиц.рс, а дополнително на сето ова, секоја држава на крајот ќе одлучи за своите правила.
Европратениците се согласија дека новиот „ЕУ сертификат Ковид-19“ - наместо дигиталниот зелен сертификат предложен од Европската комисија - треба да важи 12 месеци, не подолго.
Документот, кој може да биде во дигитален или хартиен формат, ќе потврди дека лицето е вакцинирано против вирусот корона или има неодамнешен негативен резултат од тестот или се опоравил од инфекцијата. Како и да е, сертификатите ЕУ ковид 19 нема да служат како патна исправа ниту ќе станат предуслов за остварување на правото на слободно движење, велат европратениците.
Законскиот предлог што ги опфаќа граѓаните на ЕУ беше одобрен со 540 гласа „за“, 119 „против“ и 31 воздржан, додека оној за државјани на трети земји помина со 540 гласа „за“, 80 „против“ и 70 воздржани. Гласањето се одржа во средата, а резултатите беа објавени во четвртокот наутро. И Парламентот и Советот сега се подготвени да започнат преговори. Целта е да се постигне договор пред летната туристичка сезона.
Носителите на сертификат од ЕУ не треба да бидат предмет на дополнителни ограничувања на патувањето, како што се карантин, самоизолација или тестирање, соопшти ЕП.
Европратениците исто така посочуваат дека, со цел да се избегне дискриминација на оние кои не биле вакцинирани и од економски причини, земјите од ЕУ треба „да обезбедат универзално, достапно, навремено и бесплатно тестирање“.
Додадено е дека земјите-членки мора да прифатат сертификати за вакцинација издадени во други земји-членки за лица кои примиле вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (во моментов „Фајзер“, „Модерна“, „АстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“), а на земјите-членки останува да одлучат дали ќе прифатат сертификати за вакцинација издадени во други земји-членки за вакцини наведени од Светската здравствена организација (СЗО) за итна употреба.
Европскиот парламент бара да се потврдат идните сертификати за да се спречи измама и фалсификување, и личните податоци добиени од сертификатите да не се чуваат во земјите-членки на дестинација и да не се поставува централна база на податоци на ниво на ЕУ.
Извор. Блиц.рс
