Заврши новата рунда преговори, договор нема
Завршија средбите на претставници на четирите најголеми политички партии во земјава со посредниците од Европската Унија и САД.
Никој од учесниците не сака да даде прогноза кога може да се очекува напредок. Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска кажа дека денеска соопштиле дел од нивните иницијативи, но немале можност да ги споредат со тие на другите партии.
Шекеринска додава дека на претставниците на меѓународната заедница, им е јасно дека она што прво мора да се договори е како ќе се исполнат условите, а дури потоа кој ќе биде денот на изборите.
„Ние сметаме дека Македонија може да добие избори во релативно краток период, кои ќе бидат фер и демократски. Изборите можеа да бидат дури и во април и во мај, меѓутоа немаше политичка волја“ – рече таа.
Артан Груби од ДУИ додаде дека се зборувало за избирачкиот список и за медиумите, а кога ќе има некој конкретен договор, сите ќе бидат информирани.
Евроамбасадорот Аиво Орав рече дека се надева наскоро повторно да се одржи средба.
Претставниците од ВМРО-ДПМНЕ и на ДПА, Никола Тодоров и Имер Алиу, не сакаа да коментираат ништо за денешната рунда преговори.
Досега во неколку наврати партиите во Пржино седнуваа на заедничка маса со цел решавање на кризата.
