Заврши ли златната ера на поткастите или само фазата на „невиност“?
Поткастите, како на локалната така и на глобалната политичка сцена, беа меѓу главните алатки за испраќање политички пораки во последните неколку години на изборите, кои за некои држави се покажаа судбински. Но, особено во поткаст сцената на САД постои еден феномен, водителите се чувствуваат „употребено“, а публиката која со жед и глад ги консумираше нивните содржини минува низ ефектот „скршено стакло“.
Илузијата дека поткастите се новиот слободен медиумски простор наспроти традиционалните или „фејк” медиумите полека се руши.
Тоа донекаде беше и очекувано особено со предупредувањата дека мора да постои одреден степен на одговорност и во емитувањето поткасти, како што тоа го прават професионалните новинари.
Преголеми очекувања, брзи разочарувања
Во западната јавност, а особено во САД се создаде една перцепција дека настапува една нова политичка сила, предводена од конзервативните движења како МАГА на Трамп и популистичките партии во Италија, Аргентина, Унгарија, Полска, Холандија и итн, кои не се дел од естаблишментот и кои го имаат „лекот“ за постојаните војни и економските кризи.
Но, откако стана јасно дека мирот во Украина нема да биде постигнат за 24 часа, и дека на Блискиот Исток воениот конфликт ќе се разгори наместо да се стиши, стана јасно дека елитите, естаблишментот, длабоката држава, како и да сакате да ги наречете, ќе си ги спроведат своите агенди.
Одговорност или ригидна регулација?
Гостувањата на политичарите особено во екот на изборните кампањи ги направи овие кандидати да делуваат “автентично”, да користат неформален јазик, нетипичен за политичката професија и да се покажат како луѓе од секојдневието за да може гласачите полесно да се поистоветат со нив.
Поткастерите се најдоа во дотогаш невидена положба - директно да влијаат на атмосферата пред изборите, но и без да се конфронтираат со политичките гости околу нивните ставови, програми и одговорност за кажаното во етерот.
Личности како Тео Вон, Ендрју Шулц, Тим Дилон и други, сега стануваат гласни критичари на политиките на Доналд Трамп, иако кога им гостуваше во поткастот се однесуваа како да се најдобри другари.
Големите платформи на Џо Роган од друга страна пак, останаа верни на „каузата“ и ги трпат критиките дека повеќе не се објективни, за да може да уживаат во наклонетоста на администрацијата на САД која има особено поволен однос кон „новите медиуми”.
Пукањето на меурот околу „автентичноста“ на поткастите доаѓа во иронично време кога стануваат најпопуларнем медиумски формат, сѐ повеќе луѓе слушаат и гледаат поткасти, им веруваат како на нови медиуми кои не се дел од пропагандната машинерија на политичките и бизнис елитите.
Каде всушност лежи проблемот со информациската демократија?
Најновите трендови покажуваат дека и онака алгоритмите се главен уредник, односно ни прикажуваат токму таква содржина на која најмногу емотивно ќе изреагираме.
Затоа и да постои алтернативни, слободни и квалитетни поткасти или нови медиумски формати, тие може да се соочат со „тивко“ банирање од платформите за социјални мрежи.
Потребата за објективно информирање се задоволува се повеќе и со т.н. микро инфлуенсери во медиумите, кои имаат директна комуникација со публиката преку соодветни енекриптирани или јавни дистрибутивни канали на Телеграм, Сабстек, Редит и други платформи и онлајн сервиси.
Дел од публиката се враќа и на традиционалните медиуми за квалитетна информација и новинарски содржини, но со поголема доза на скепса, додека пак, поткастот се гледа за специфични полиња од интерес, забава, фитнес, технологија, лајфстајл или било која друга тема секојдневието.
Златната ера на поткастите, секако и натаму е во својот пик. Секој може да пронајде токму таков канал кој ќе биде дел од неговата ехо-комора на интереси и информирање. Тоа го зголемува информацискиот шум, и во зависност од нивото на медиумска писменост и демократски капацитет на едно општество, може да влијае драстично на политичката поларизација и идеолошка радикализација на ставовите.
Кај нас започна еден тромав обид да се врши регулација на инфлуенсерите, особено тие што третираат информативни содржини, но самата технологија и новите стандарди воопшто не се телевизиски ниту припаѓаат на една веќе дамнешна медиумска ера.
Одговорот не може да биде само во наметната регулација, туку во поголема едукација на населението и поттик на критичката мисла.
Х.С.