Кога врвот „открива“ мега скандали за саботажи и шпионажи - Како да се смири паранојата
Премиерот Христијан Мицкоски откако ја презеде централната власт во 2024 година на неколку наврати го покрена прашањето за можни координирани акции за нанесување штета на Македонија од странски непријателски центри, но освен големата фама која се крена по посочените прес-конференции, одговорот на институциите беше далеку од експлозивен. По лажните дојави за поставени бомби, подметнувањето пожари и палење на депониите, граѓаните веќе параноично разговараат за градските водоводи по случајот во Гостивар. За среќа, за разлика од претходните скандали, овојпат власта делува смирено, и не ги користи случаите со водоснабдувањето за потхранување на теориите за организирани саботажи или дејствувања на странски служби.
Меѓу граѓаните се шири мала доза на параноја и се зголемува потрошувачката на флаширана вода од маркетите иако засега нема никакви индиции за загадување на водата за пиење која преку изворот Рашче тече низ цевките на скопскиот водовод.
Напротив, стручни екипи на ЈП Водовод Скопје се дел од координативниот штаб за санирање на штетите на гостиварскиот водовод и обезбедување чиста вода без фекалии за граѓаните на Гостивар.
Инаку во повеќе помали градови низ Македонија со децении градските водоводи обезбедуваа само техничка вода за користење, без квалитетна вода од чешма за пиење. Тоа беше секојдневие за бројни наши сограѓани, па затоа и информациите од другите градови се должат на децениските проблеми со квалитетно водоснабдување со питка вода, наместо акт на саботажа или некакво смислено сценарио против Македонија како држава од некакви непријателски странски служби или домашни саботери.
Големи афери без големи разрешници
Од една страна таа атмосфера на големи скандали уште од самиот почеток на некој начин ја наметна ВМРО-ДПМНЕ во секојдневната политичка комуникација, иако за споменатите случаи како пожарите и лажните дојави за бомби беа приведени само несовесни поединци, а не некаква организирана диверзантска единица.
Исто така и недостигот на редовна комуникација на надлежните институции доведува до „луфта“ во јавниот простор, и пополнување на таа празнина со шпекулации, полуинформации и секако партиски махинации за евтин лов на дневнополитички поени.
Случајот со следењето на Христијан Мицкоски од службите за безбедност додека бил во опозиција заедно со неговото семејство, наводите за организирани потпалувачи и единици за хибридни напади, како и скандалот со шпионажа во Кабинетот на претседателката Гордана Силјановска Давкова иако добија институционален третман, сепак недостасува поголем број на информации за јавноста за тоа што сѐ е опфатено и преземено како постапки во досегашното водење на предметите.
Иако опозицијата обвинува за системски пропусти, институциите релативно брзо реагираа за скандалот со труење на над 3.000 граѓани на Гостивар, а можеби тоа што недостасува е поодлучна комуникација со граѓаните и поостар наратив против можните прекршители на законот, како и ревносен одговор на институциите и во другите општини каде има проблеми со водоснабдувањето.
Институционално зајакнување и враќање на довербата
Институциите треба да покажат поголем степен на транспарентност и отчетност и ќе го смалат просторот за делување на поединци, групи и партии кои сакаат дополнително да го контаминираат општеството и преку ширење на страв, параноја и револт да соберат ниски политички поени.
Владејачката структура исто така треба да одолее од давање грандиозни квалификации во обид да се пресмета со политичките противници и да не прибегнува кон наратив дека се соочува со „огромен“ проблем кој може да биде отворен за секакви толкувања.
Навремено институционално делување, прецизно и редовно информирање на јавноста, почитување на правото и правната држава и градење доверба во институциите се единствен пат за излез од магичниот круг на големи афери, „шпионажи и прислушкувања“ кои го раскинуваат општествениот договор, и секако преземање одговорност пред граѓаните во рамки на надлежностите. Затоа што за политичката одговорност решаваат граѓаните, а тие не се (толку) наивни и лековерни за да бидат постојано хранети со „евтини" политички драмолетки.
Х.С.