Економија, финансии, бизнис

Контакт

Губеа и од Груевски и од Заев, ама ќе го спасуваат СДСМ

Губеа и од Груевски и од Заев, ама ќе го спасуваат СДСМ

Во Македонија постои една посебна категорија на опозиционери, политичари кои се активираат во моментот кога опозцијата е слаба или функцијата на нејзиниот лидер е разнишана. Нивната намена е да бидат опозиција на опозиција, најчесто повикувајќи на смена на раководството на актуелната опозициска партија. Ги има и во ВМРО-ДПМНЕ, но многу поретко, додека пак тие се практично едно од неизбежните карактеристики на СДСМ. Во последните дваесетина години речиси постојано се говори за некакви крила во СДСМ, но интересно е што последната „фракција“ која се залага за смена на Филипче и неговата екипа, всушност и нема огромни резултати зад себе, напротив, има тешки порази и од Груевски на национални избори, и од Заев на внатрепартиски избори.

Далеку од тоа дека Филипче поради ставовите за уставните измени заслужува доверба и шанса на македонската политичка сцена, но пак кога гледате некој во нокдаун и како се тетерави на теренот најмалку џентлменски е да продолжите да го клоцате. А, тие што клоцаат и не може да се опишат како некои големи политички тешкаши, барем не ако се земат в предвид нивните изборни резултати.

Оваа екипа која повторно се активираше во обид да издејствува промени во СДСМ, некогаш важеше за младата интелектуална „ескадрила“ на Бранко Црвенковски. Додека „папата“ беше убеден дека од Вила Водно ќе може да ја контролира политичката сцена во Македонија, неговите „наследници“ не успеаја да се наметнат кај македонските гласачи. Дел од нив, веќе на првите порази на предвремените парламентарни избори во 2008 и 2011 година се повлекоа од политиката и јавниот живот. Дел од нив, останаа во СДСМ како високи функционери, но го претрпеа и дефинитивниот пораз на Бранко Црвенковски кој успеа само да го зголеми бројот на пратеници на СДСМ, но не и да го победи Груевски.

Таа екипа, или барем дел од нивните фаворити, некои од нив апла политички клонови на Црвенковски, се обидоа да ја преземат целосната контрола над партијата на внатрешните избори во 2013 година. Но, тогаш Зоран Заев се наметна како неочекувано, но одлучно решение за преземање на лидерската позиција во СДСМ. Неговиот подем во врвот на СДСМ најверојатно ќе се случеше и порано, да не беше приведувањето за случајот „Глобал“, за кој доби и аболиција од тогашниот претседател на државата Бранко Црвенковски. Но, неколку години подоцна, откако и Владо Бучковски и Радмила Шеќеринска не успеаја како лидери на СДСМ да го поразат Никола Груевски, конечно дојде редот и на струмичкиот градоначалник Зоран Заев.

Останато, особено по 2014 година, и почетокот на големата политичка криза во Македонија, како што некои милуваат да кажат е веќе историја.

Ако за подоцнежните изборни победи на Никола Груевски се тврдеше дека се резултат на заробената држава и злоупотреба на институциите, тоа тешко може да се каже дека беше причина на изборите во 2008, 2009, 2011 па дури и 2013 година. Медиумскиот мрак, нападот врз граѓанскиот сектор, силењето во носењето законски решенија и партизацијата на институциите подлабоко се спроведоа во подоцнежните години од владеењето на Никола Груевски, што покажува дека оваа екипа никогаш немаше доволно привлечна политичка понуда, освен неколку локални победи во Карпош, Центар, Куманово, Охрид.

Да потсетиме и дека при изборот на Венко Филипче за целосен мандат како лидер на СДСМ исто така немаше силна внатрепартиска дебата, освен што неколку кандидати предвреме излегоа од трката, обвинувајќи дека партијата не овозможува еднаков настап и на тој начин ги засилија своите аргументи дека новото раководство е „инсталирано од Струмица“.

Факт е и дека СДСМ ја изгуби својата идеологија и основна политичка идентификација, но проблемот не е само во тоа дали некој може да го врати стариот имиџ на партијата, или дека Филипче ја сменил личната карта на Бихаќка до непрепознатливост, туку вечните внатрешни поделби меѓу сутетните политичари.

Тоа се случува наспроти релативно монолитната позиција на ВМРО-ДПМНЕ, која основниот идентитет и идеологија никогаш не ги промени, освен што можеби ги намали за степен подолу, за да биде поприфатлива за меѓународниот фактор, по склучувањето на договорите со Бугарија и Грција и нивното „оспорување“.

Катарзата во опозицијата не може да дојде преку истрошени политички екипи и пресметки меѓу крилата на СДСМ, туку единствено преку јасно опозициско расположение кое ќе биде канализирано и насочено преку нов начин на делување. Тоа не значи нужно нова политичка партија, ниту пак промена на раководството на актуелната СДСМ, ниту пак нови фракции кои ќе го тенчат и онака расцепканото политичко ткиво на опозицијата.

Тој одговор треба да го дадат самите политички и граѓански активисти кои не се сложуваат со методите на владејачката десница, но и воопшто критички настроените граѓани. Не затоа што нема простор за идеи и политики во левицата, туку затоа што има недостиг на легитимитет и јасен предводник кој ќе може тие чекори да ги преземе и да стане недвосмилен опозициски лидер, наместо спотер во договор со владејачкото мнозинство и премолчен пакт за „ненапаѓање“. 

Х.С.

Слично

Поврзани вести