Економија, финансии, бизнис

Контакт

Одисеја на Нолан - Предупредување за распадот на Западната цивилизација или филмско ремек дело

Одисеја на Нолан - Предупредување за распадот на Западната цивилизација или филмско ремек дело

Одамна еден филм уште пред да биде прикажан нема предизвикано ваква дебата како што направи Одисеја во режија на оскаровецот Кристофер Нолан. Од спорниот кастинг кој го искористија пропагандистите во „културните војни“, до полемиката околу историската веродостојност на оклопите, костимите и недостигот на британски нагласок во дијалозите, типичен за холивудските историски и митолошки спектакли, заменет со модерен американски англиски јазик. Одисеја затоа постои во две димензии, онаа филмската како уметност која ќе ги воодушеви гледачите во кино-салите, но и како одново претставување на ремек делото на хеленскиот поет Хомер, сведоштво за распад на една цивилизација, но овој пат со прстот вперен кон Западот. 

Овој текст е дел од новиот Фактор фељтон „Историските митови и западната цивилизација“. Серијалотќе ги истражува актуелните дебати и преиспитувања во Западот со сопствениот идентитет, давајќи им на историјата, културата и политиката една нова наративна и аналитичка призма.

Како Западот ги постави основите за своите митови?

Нолан, како еден од најмоќните режисери кои моментално работат во Холивуд, совршено го темпираше лансирањето на неговата визија за Одисеја, еден од фундаменталните митови врз кои е градена Западната цивилизација. Или барем како Западот преку културата и историското наследство создаде сопствен легитимитет во последните неколку векови за да доминира со светот, најпрво преку европските колонијални сили, а потоа и преку САД како моќен суверен кој го диктираше глобалниот поредок по Втората светска војна. 

Одисеја и Илијада се создавани низ вековите, како орална историја на бројни поети, театарџии и раскажувачи во античкиот свет. Но, тоа што се претпоставува дека е оставено на хартија датира околу 400-500 години по распадот на Микенската цивилизација.

Хомер и неговите современици биле воодушевени од грандиозните руини распослани низ Медитеранот, како неми сведоци на некогашната моќна цивилизација во Бронзеното доба, која функционирала како денешната Глобализација, а во која биле вклучени Кипар, Новото Египетско Кралство, Месопотамија (Асирија и Вавилон), Ханан, Хетит и други кралства.

Џиновските статуи и раскошни палати укажувале на моќ и престиж, време достојно за самите богови, кои Хомер ги испреплетува во човечките судбини на Елена, Хектор, Ахил, Парис, Одисеј, Пенелопа и другите ликови. 

Но, оваа глобална цивилизација која го достигнала пикот околу 1.200 години п.н.е речиси целосно колабирала, кралствата, исто како Троја исчезнале, дел од надворешни инвазии, дел од внатрешни економски и климатски фактори, а дел поради миграциски текови.

Зошто Холивуд е „опседнат“ со ребрендирање на минатото?

Филмската критика прецизно детектира дека Одисеја на Нолан не е најверодостојна адаптација на Хомеровата епопеја, и дека филмот повеќе говори за денешното општество опседнато со војни и во последно време, преиспитување на сопствениот империјализам или т.н. културна супремација.

Делата на Хомер повторно стануваат „примарни“ во текот на ренесансата, кога се „откриени“ најдобро сочувани препишани текстови, а потоа низ процесот на неокласицизам и национализам како соодветни општествени митови за градење на западните вредности и цивилизациски достигнувања.  

Затоа и постојано Холивуд креира нови филмски верзии, кои треба одново да го вратат основниот мит во јавниот дискурс и да ја потврдат културната определба на Западот.

Но, како и сè што е поврзано во последно време со сопствениот идентитет, така и Одисеја дојде на ред за „ремонт“, односно одново претставување на основните идеи за справување на поединецот со неговите постапки во еден систем, лојалноста кон владетелите, постапките кои водат до победа во војната, но и цената која се плаќа за истата да се постигне, и своевидна „воук“ обнова на кастингот и некогаш препознатливите ликови.

Тоа е дел од компромисот кој Нолан се претпоставува дека морал да го направи со Холивуд, барем во делот на спорните актери кои се ангажирани, но затоа пак добил неверојатен буџет и одврзани раце да го сними филмот целосно со Имакс камери, речиси целосно на природни локации со минимална примена на компјутерски ефекти и севкупен занаетчиски пристап до секој креативен детаљ од филмот.

Пораката можеби е како за некој кој никогаш не ги проучил Хомеровите епови, туку го зел само тоа што му е потребно за новиот филмски наратив, без непотребно да навлегува во одредени карактерни комплексности.

Западот се преиспитува себеси, пред сè во културниот простор, поставувајќи прашања дали вреди „победата“ и доминацијата на светската мапа, или сепак, може и поинаку, бидејќи не постои империја која не пропаднала. 

Х.С. 

Слично

Поврзани вести