Системска корупција и аматеризам до гуша во фекалии - Ресетирање или заташкување по епидемијата во Гостивар
Некои „срања“ не се перат така лесно и не смее да се заташкаат, за да се истестира познатата максима на македонското општество - секое чудо за три дена. Во недостиг на општествен револт, за политички да се преживее одреден скандал како труењето на граѓаните на Гостивар со фекалии директно преку јавната водоводна мрежа, доволно е да се приведат неколку локални директори, да се обвини претходната власт за негрижа на системот и преку партиски соопштенија да се води правната битка.
Просто изненадува како не се случува некоја поголема реакција на сите надлежни институции за справување со епидемијата во Гостивар, туку ревноста се чува исклучиво за соопштенија и реакции за политичкиот противник.
Истрага треба да утврди дали станува збор за аматеризам на гостиварското комунално претпријатие при активирање на пумпи со површинска вода или пак станува збор за некаква смислена саботажа и повисоко ниво на кривично дело од аспект на организираност во спроведување на труењето на гостиварчани.
Со оглед на тешката партизираност на институциите, најверојатно се работи за чист аматеризам што доведе во водата за пиење да се вмешаат фекалии, илјадници граѓани да добијат тешко труење, а градскиот водовод да биде вон функција со недели.
Застрашува и недостигот на одговорност, барем таа нека биде морална и политичка, бидејќи во нечиј мандат се случила ваква хаварија која е на раб на тероризам против населението.
По Ласкарци, Беса транс, Пулс во Кочани, и многу други трагедии предизвикани од слепите точки на корумпираните институции, прашање е што е следно за колективна трагедија и колкав ќе биде црниот баланс.
Овие трагедии кои се засилени од бројните системски пропусти, никако не служат за мобилизација на општествените фактори за ресетирање на свеста и преземање решителни чекори за обезбедување на здравјето и животот на граѓаните, туку само подлабоко загазување во „срањата“.
Х.С.