ЗАВРШЕНАТА РОМАНСА: Како Светска Банка ја скенираше Македонија?
Македонските власти наместо да ја намалуваат дополнително ја зголемуваат задолженоста на државата. Во најновиот редовен извештај на Светска банка, е наведено дека Владата прави фискална експанзија - наместо планираната консолидација.
„Ние сме застапници на тоа кога една мала економија се задолжува тогаш овие средства што е можно попродуктивно да ги инвестира. Значи, нема ништо лошо во задолжувањето, но важно е како ќе се користат овие средства“, изјави Марко Мантованели, директор на канцеларијата во Македонија.
Иако владата најави дека ќе ја намалува задолженоста, сепак тоа не се случува. Затоа, Светска банка нотира дека имаме уште една година без фискална консолидација што пак влијае на зголемување на јавниот долг. Но, додаваат дека оваа година е позначително оти од една страна имаме пораст на долгот, а од друга пад на БДП.
„Имаме минимално зголемување на буџетските приходи, но од друга страна имаме експанзија на буџетските расходи што доведува до зголемување на буџетскиот дефицит. Веќе петта година како е најавена фискална консолидација, но таа не се остварува. Во однос на структурата на трошењата таа останува релативно неповолна во однос на растот со оглед дека најголемиот дел од трошењата се наменети за плати, пензии, социјални давачки и субвенции“, изјави Бојан Шимов економист во Светска банка.
Светска банка предупредува дека се очекува јавниот долг значително да се зголеми во 2016 година, главно како резултат на зголемувањето на фискалниот дефицит и владините гаранции. При што, проценките се дека јавниот долг, годинава ќе достигне 50 отсто од БДП годинава.
„Динамиката на гарантираниот јавен долг не очекуваме дека ќе забави се додека не се завршат проектите во патишата, а консеквентно на тоа имаме раст на гарантираниот јавен долг. Доколку во наредниот период се спроведе фискална консолидација, државниот долг на централаната Влада и општините би имал некое стабилизирање, но вкупнот јавен долг не очекуваме дека ќе се намали“, изјави Шимов.
Политичката криза ги изеде приватните инвестиции
Растот на економијата годинава забави, и најверојатно ќе остане на ниво од околу 2 отсто, но Светска банка се надева дека следната година со разрешување на политичката криза растот на економијата во земјава ќе изнесува 3,3 отсто.
При тоа, се нотира дека иако во минатото, приватните инвестиции имаа значаен придонес во економскиот раст во Македонија, во изминатите две години има негативен придонес на инвестициите кон растот. И покрај тоа што има значително зголемување на јавните инвестиции, сепак тоа не е доволно да го компензира падот на приватните инвестиции, што секако се толкува како последица на пролонгираната политичка криза. После шест години на позитивен придонес на инвестициите, сега имаме негативен придонес на инвестициите кон растот.
„Кога би направиле симулација колку би бил растот на економијата без јавните инвестиции, и без тој јавен стимул во градежништвото, растот во последниот квартал од 2016 година би изнесувал саммо 0,6%, наместо овие 2,2%. Со оглед дека тие јавни инвестиции се поддржани со задолжувања, пред се надворешни задолжувања, а тоа влијае на зголемување на јавниот долг, и може да се види дека во последните три квартали, каде што има поголемо учество на градежништвото, имаме и значителен пораст на јавниот долг и веќе со вториот квартал стигуваме до 50 отсто од БДП. Така што тоа влијание, иако е позитивно кон растот има свои имликации во фискалниот дел и во делот на заадолжувањето“, изјави Шимов.
Невработеноста се намалува со иселувања и субвенционирани работни места, притисокот врз ПИОМ огромен
Светска банка, посочува дека невработеноста во земјава се намалува, но предупредува на можни слабости на пазарот на труд. Како причини за можното намалување на невработеноста се наведуваат и иселувањата, како и субвеционирањето на новите работни места од страна надржавата.
„Невработеноста продолжи да се намалува, но оваа година главно е движена од фискално поддржани новокреирани работни места, од една страна, додека од друга страна има и намалување на стапката на активност население. Тоа може да претставува ран индикатор за слабост на пазарот на труд“, вели Бојан Шимов.
Годинава имаме намалување на стапката на активно население, која сега е на ниво од пред четири години.
„Со оглед на тоа дека кај нас подолгорочната невработеност изнесува 80 проценти, може да значи дека на некој начин населението е заморено од барање на работа и едноставно решава да го напушти пазарот на труд така што не партиципира во активно население. Или може да имате тренд и на иселување од земјата значи не се во земјата и не партиципираат во активното населението,“ изјави Шимов.
Но, она што секако ја загрижува Светска банка е дека најголемиот дел од новоотворените работни места се субвенционирани од државата.
„Може да се види дека практично 89 проценти од новокреираните работни места се со фискален стимул. Со оглед на тоа што имате работни места што се креираат, каде што работодавецот е ослободен плаќање на социјални придонеси и слични давачки. Така што ова од друга страна создава притисоци на среден рок, туку пред се мисли на притисоци врз Фондот за ПИОМ“, изјави Шимов.
Ваквата состојба со која зголемувањето на вработеноста е главно како резултат на субвенционираните работни места од страна на државата, создава сериозни проблеми во опстојувањето на пензискиот фонд, кој станува се повеќе зависен од парите што му ги префрла државата за да може да исплати пензии.
„Во последните години тој процент што фондот го добива од државата достигнува некаде околу 46 проценти. Тоа е значителна зависност на пензискиот систем од трансфери од централниот буџет, што на среден и на долг рок секако создава притисоци врз овој систем со оглед на тоа што еден од неговите постулати е тој на генерациска солидарност. Така што не треба да се одзема од идните генерации за бенефит на сегашните,“ изјави Шимов.
Наташа Стојановска
