Зависни се од туризмот, но во јули и август потфрлија
Во Хрватска властите очекуваат оваа летна сезона да биде подобра за 5 отсто во однос на лани.
По неколку години се случува во јули да немаат гости колку што се очекувало и намален број туристи во првата половина на август. Ова покажува дека странските гости не се подготвени да ја плаќаат секоја повисока цена определена од хотелските асоцијации, а не се остварија ни процените за индивидуалните гости што летуваат без посредство на агенциите. Но, на крајот на годинава во Хрватска се очекува да биде остварен повисок промет во туризмот.
Годинава падот на гостите во Хрватска го почувствуваа сместувачките капацитети што нудат послаб квалитет и индивидуалните изнајмувачи на кревети, кои се мачеа да најдат гости и за време на шпицот. Во август, секој трет кревет во приватното сместување беше празен. Во понудата „слободни соби“ учествуваат десет илјади изнајмувачи, кои годинава имаат 60 илјади легла повеќе од лани. Бројот на креветите во семејното сместување расте од година на година и учествуваат со повеќе од половината на вкупните сместувачки капацитети. Меѓутоа, како што велат туристичките стручњаци, годинава Хрватска дојде до работ и ако се продолжи со неконтролираното изнајмување на соби, ќе почнат сите да губат. Односно, поради недостиг од гости, почнува меѓусебното натпреварување со квалитетот, но и со ниски цени, што на крајот ќе влијае на добивката од туризмот.
Хрватска е зависна од туризмот. Ниедна земја во Европа во туристичкиот сектор нема големо учество од 20 отсто во БДП.
Во текот на сезоната хотелиерите ги намалија цените и беше спасен поголем пад на бројот на гостите. Тие мораа да се приспособат на цените на околните туристички земји на Медитеранот, каде што можеше да се летува поевтино и поквалитетно.
