Затворите во Турција преполни по обидот за државен удар
Дури и пред обидот за преврат минатиот месец, системот на казни на Турција работеше на границата на своите сили - со преполни затвори и затрупани од работа судови. Сега таа земја се обидува да се справи со доаѓањето на уште илјадници луѓе приведени по обидот за преврат, пишува Ројтерс.
Владата вели дека ситуацијата е под контрола, но сликите на наводните заговорници со лисици на рацете, оставени во долна облека и држени во топли соби, предизвика загриженост на организациите за човекови права. Има информации дека некои затвори се толку преполни што затворениците треба да спијат на смени. Сега има толку многу пучисти што според Владата нема доволно голема судница каде да ги судат сите, и ќе треба да се изгради нова.
Околу 3000 обвинители и судии се меѓу уапсените, што го отежнува дополнително наоѓањето на судии кои ќе се зафаќаат со делата. Бројот на луѓето во затворите се зголеми тројно од 2002 година, кога Партијата на правдата и развојот, основана од претседателот Реџеп Таип Ердоган, дојде на власт. Некои се зад решетки во врска со конфликтот во претежно курдскиот југоисток. Кон март имало 188 илјади затвореници во Турција, односно со 8.000 повеќе од расположливиот капацитет.
Досега 12 000 лица се испратени во затвор во очекување на судски процес по неуспешниот државен удар, а уште илјадници беа приведени за дополнителен распит,.
„За да направат место, ги трупаат луѓето еден врз друг“, вели Мустафа Ерен, претседател на организацијата Фондација за граѓанско општество во системот на казни. Во затворот во Текирдаг, северозападна Турција, властите собрале шест лица во ќелија за тројца, посочува тој.
Затворот Силиври, западно од Истанбул, е толку преполн што затвореници се сместуваат во спортски сали, вели уште Ерен.
Владин претставник за Ројтерс изјавил дека нема проблем со затворите. „Не постои недостиг на затвори. Не мислиме дека ќе има било какви проблеми со тоа, бидејќи веќе инвестираме во нашиот затворски систем“, рече тој.
„Затворите веќе го надминале својот капацитет пред 15 јули, а некои затвореници спиеја во ходниците и тоалетите“, вели сепак Вели Агбаба, заменик-претседател на опозициската секуларна Републиканска народна партија, кој извршил стотици посети во затворите во последните пет години, како претставник на комисија на ЦХП, испитувајќи ги условите во затворите.
Преполни се толку многу што затвореници спијат на смени и во одговор се вметнуваат нови кревети, вели Агбаба. Собите се толку преполни со кревети, што нема место каде да се стапне по подот, посочува тој. Провладините „Јени Шафак“ соопштиле дека властите во затворот Синџан во Анкара протегнале огромен шатор во дворот на затворот, за да се приспособат приведените во врска со превратот. Владата ги демантира информациите, а Министерството за правда увери дека сите осомничени се приведени во зградата на затворот.
Според организациите за човекови права преполно е друга форма на малтретирање над приведените, од кои некои беа прикажани на слики или видеа со завои или модринки, добиени по приведувањето.
Министерот за правда Бекир Боздаг, во интервју на телевизија рекол дека во турските затвори нема тортура. Според зборовите на министерот никој суд во земјата не може да се справи со бројот на приведените, кој може да изнесува 30 илјади луѓе и дека за процесите ќе бидат изградени нови судови. Боздаг рекол дека пучистите ќе бидат судени во Синџан - регион на Анкара, исполнет со симболика, бидејќи беше сцена на демонстрацијата на сила на армијата во 1997 година, неколку месеци пред таа да ја отстрани исламистичката влада.
Осомничените се соочуваат со тешкотии да најдат соодветна заштита, бидејќи адвокатите специјалисти или се плашат да не бидат поврзани со превратот, или самите тие се одбиени од превратот, вели Озтурк Туркдоган, претседател на Турската набљудувачка асоцијација. Во некои случаи правна помош се обезбедува, но овие адвокати често пати се неискусни или заплашувани од властите, додава тој. Во знак за непријателството кон обвинетите оваа недела еден адвокат влезе во затвор, за да разговара со осомничениот, поранешен командант на воздухопловните сили, претставен во медиумите како лидер на превратот, но се обиде да го нападнат, пред да биде одведен од стражарите, соопшти раководството на затворот.
