Затворениците бараат да влезат во „Клубот на помилувани“
Над 2000 затвореници ќе бараат аболиција од Претседателот Ѓорѓе Иванов. Осудениците од повеќе затвори се охрабриле од масовната аболиција на политичарите, па ќе се обидат и тие да издејствуваат милост од шефот на државата. Нивните аргументи се дека политичарите не смеат да бидат привилегирани, ниту пак затворениците се граѓани од втор ред.
И додека луѓето кои издржуваат затворски казни, бараат начин и тие да влезат во групата помилувани, аболираните политичари и нивни соработници бараат поништување на таквата одлука. Досега од вкупно 56 помилувани, поништување на аболицијата побараа лидерот на СДСМ Зоран Заев, екс премиерот Никола Груевски, поранешниот Претседател Бранко Црвенковски, спикерот Трајко Вељаноски, тројцата обвинители од СЈО Фатиме Фетаи, Лиле Стефанова и Гаврил Бубевски, како и директорот на затворот Идризово Живко Пејковски. Повлекување на одлуката за аболиција досега не побарале двајцата рекордери по бројот на помилувања – екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кој 16 пати е помилуван и поранешната министерка Гордана Јанкулоска која е помилувана за 13 кривични дела.
Tројцата аболирани обвинители од Специјалното јавно обвинителство испратија писма до претседателот Иванов во кои бараат поништување на одлуката. Сметаат дека помилувањето е направено врз непостоечки член во законот и дека не е законски да се аболираат лица кои се уште не се ниту осомничени.
Живко Пејковски, директор на затворот во Идризово до Претседателот Иванов поднел писмено барање да се повлече одлуката за аболиција за него.
-Бидејќи како чесен човек и директор на затворот Идризово тврдам дека никогаш немам направено никакво кривично дело и со поништувањето на вашата одлука барам постапката против мене да продолжи и својата невиност да ја докажам во законита постапка, пишува Пејковски во барањето до претседателот во кое вели дека и покрај почитта за одлуките на Иванов и мотивите на постапката бара да се повлече одлуката за негово помилување, напишал Пејковски во писменото барање до Претседателот.
Иванов ги повика сите аболирани, кои не се согласуваат со аболицијата да испратат барање за нејзино поништување, па неговиот тим да разгледа дали е тоа можно. Од неговиот кабинет досега нема решение по ваквите барања.
М.Ј.
Слично
