Затворената „Македонска банка“ наплаќа камати и на затворени кредити: Случајот се шири
Случајот со наплата на старите кредити од Македонска банка која не постои 12 години се шири. Но не им се бараат кредитите со камати за сите години до сега, само на тие што уплаќале, туку и на тие што се раздолжиле. Граѓанин од Кичево вели дека деновиве неговиот татко не можел да си купи леб затоа што картичката му била блокирана од извршител. За долг кон затворената Македонска банка кој во два наврати веќе го платил, сега пак се активирала извршна пријава за нови камати. Овој клиент вели дека кредитот е покриен, а за тоа поседуваат и уплатници и комплетна документација.
Првите тужби биле добиени во 2010 и во 2013 година по што билоуплаќано и одолгот платен.
„Пред неколку дена татко ми оди да купи леб, како единствен вработен во нашето семејство и картичката во маркет не му поминува. Се јавува во банка и му кажуваат дека мора да дојде лично за да му кажат што се случува. Оди и добива информација дека е блокиран од страна на извршител, бидејќи има долг од 25.000 денари кон Македонска Банка. Тоа ни е единствен приход во семејството и не оставија буквално без можност да купиме леб. Извршителката Магдалена Давидовиќ се повикува на некои камати и татко ми под притисок дека ќе му расте каматата ги внесува парите. За таа сума доби тужба и документ, како фактура, од нивна страна. Кога се јави да ги извести за внесената сума, извршителката му вика „Не, вие должите 40.000 денари.“ Татко ми прашува како е тоа можно, кога доби документ и таа му кажува дека во документот не се пресметани каматите, ќе си плаќате уште толку. Кога побаравме информација зошто не сме биле известени 6 години дека мора да се подмири нешто, одговорот беше: „Ние имаме право 10 години да молчиме за тоа“, вели загрижениот граѓанин.
Тој смета дека законски никој не смее да блокира пред да го извести клиентот и се чуди како ќе преживеат.
А Фактор веќе објави дека над 3.500 извршни решенија за наплата на стари кредити пратила Македонска банка до свои клиенти. Иако не постои 12 години, банката која со решение ја затвори Народната банка сега им бара на нејзините должници да ги вратат кредитите и тоа со камати за сите изминати години до сега.
А.Т.
