Затворена една од најголемите фабрики за алуминиум во светот
Компанијата Emirates Global Aluminium соопшти дека поради неодамнешните ирански ракетни и дронски напади била принудена целосно да го евакуира и затвори својот комплекс Ал Тавила во Абу Даби.
Нападите предизвикале значителна штета врз објектите во економската зона Калифа, вклучувајќи топилница, ливница, електрана, рафинерија за алумина и погон за рециклирање. Според компанијата, обновата на примарното производство на алуминиум може да потрае и до 12 месеци, поради потребата од обемни поправки и постепено повторно активирање на производствените капацитети.
- Длабоко сме вознемирени од овој напад врз нашите луѓе – изјави извршниот директор Абдулнасер Бин Калбан.
Тој нагласи дека во моментот на нападот во комплексот имало работници од повеќе од 40 земји, но за среќа нема повреди опасни по живот, а повредените успешно се опоравуваат.
Ал Тавила се смета за еден од клучните индустриски капацитети во светот, со производство од 1,6 милиони тони алуминиум годишно, додека рафинеријата за алумина достигнува капацитет од 2,4 милиони тони. Погонот за рециклирање има годишен капацитет од 185.000 тони.
Од компанијата предупредуваат дека затворањето на овој комплекс може да има сериозни последици врз глобалното снабдување со алуминиум и да влијае врз повеќе индустрии ширум светот.
