Економија, финансии, бизнис

Контакт

Застој во откупот на дворни места за едно евро во Скопје!?

Застој во откупот на дворни места за едно евро во Скопје!?
Откупот на дворните места во Скопје е во застој поради проблеми со изработка на решенијата во Министерството за финансии, се жалат граѓани кои поднеле такви барања. Скопјанка која сакала да ја продаде својата куќа блиску до центарот на Скопје, вели дека сакала пред продажбата да го откупи и дворот, согласно одлуката на Владата за откуп на дворните места за едно евро квадрат. Но иако во Министерството за финансии барање поднела пред 6 месеци, сеуште не и е подготвено решението. За да ја продадам куќата за која имам купец морам да си го откупам дворот, но сега сум целосно блокирана од Министерството за финансии. Од таму нема одговор зошто не го подготвуваат решението, само одговараат дека мора да се чека – вели жителка на Скопје за Фактор. Друг граѓанин кој исто така има поднесено барање за откуп за дворно место и поради тоа сака да остане анонимен за Фактор објаснува кои се неговите сознанија за застојот. Вели дека извор од Министерството му кажал дека од неразбирливи причини десет луѓе кои работеле на решенијата за откуп на земјиште се тргнати од работните позиции. Сега на целиот процес работат мал број на вработени и се изработуваат ограничен број на решенија. Според сознанијата на граѓанинот, проблемот со застојот на откуп постои најмногу во Скопје, додека во внатрешноста на Македонија, процесот тече релативно добро. Редакцијата на Фактор го посети секторот на Министерството за финансии каде се поднесуваат барања и се чекаат решенија за откуп на земјиште и од изјавите на граѓаните кои чекаат се увери дека постои проблем во процесот на откуп на земјиштето по принципот Евро за квадрат. Фактор до Министерството за финансии прати прашање дали и зошто има застој во откупот на дворните места, дали е точно дека застојот трае 6 месеци и дека нема доволно луѓе за работа на овие предмети, но од Финансии не добивме никаков одовор, ниту потврден, ниту негативен. Проблематичен откуп Можноста за откуп на дворните места за Евро – квадрат е отворена за граѓаните по владината презентација на проектот  во Февруари 2013. Според владните проекции со Законот за постапување со бесправни објекти, требало да се легализираат на над 350.000 објекти или делови на објекти во Република Македонија. Според достапните податоци поради некомплетна документација досега се легализирани околу една петтина од сите поднесени барања за легализација. Претходно граѓаните имаа можност по евро – квадрат да ги откупат и државните земјишта под коективните станбени објекти, или станбените згради, но тој дел од законот никогаш целосно не заживеа поради правните импликации кои произлегуваат од законот. Проблемите во праксата според експертските анализи се јавија поради импликациите на приватната сопственост на земјиштето околу зградите, бидејќи постои можност граѓаните да го оградат. Исто така како друг проблем за граѓаните кои се обидоа да го откупат државното земјиште по евро – квадрат по одлуката од 2009 – та година, се соочија со многу поголеми трошоци за откуп,  доплата за имотни листови, копии од катастарски и урбанистички планови, геодетски елаборати, изложување на земјиште и наоди од вештачење. Според ценовниците на геодетските фирми, најевтин елаборат чини 10 илјади денари.
Слично

Поврзани вести