ЗАСТАРЕНА ТЕХНОЛОГИЈА, ВОЗРАСНИ РАБОТНИЧКИ, НАМАЛЕНО ПРОИЗВОДСТВО: Во кој правец се движи македонскиот текстил?
Во текстилниот сектор просечната возраст на работничките е 48 години, технологијата е застарена и тоа доведува до намалено производство.
Маријана Перковска од Текстилниот кластер објаснува дека за разлика од Турција имаме три пати помала продуктивност во текстилот, а полошо стоиме и од соседна Србија. Таа вели дека во македонскиот текстил продуктивноста е доста ниска. Но, тоа е така поради политиките кои се носени од самото осамостојување на државата. Додава дека на оваа работа се гледа со потценување. Младите не сакаат да работат како шивачки.
„Ако некоја жена каже дека работи како шивачка на неа се гледа со потценување, и дури поценета ќе биде ако работи како продавачка во бутик на пример. Кај нас не се почитува работникот кој работи во производство. Обично се говори дека условите се тешки, но каде има лесно производство? Мора да имаме база, мора да имаме производство ако сакаме да имаме држава“, вели Перковска.
Таа објаснува дека дел од сопствениците на текстилни компании го селат капиталот во други сектори, било да е тоа угостителство, хотелиерство или некој друг сектор. Сепак, Перковска вели дека државата треба да носи мерки за текстилот, а поединецот сам не може многу да направи. Наведува дека во времето на Југославија имало мерки за стимулација во текстилот, а платите имале поголема куповна моќ.
„Ако се продолжи со ниско производство, многу фирми ќе затворат, а тоа ќе се одрази на женската работна сила, затоа што жените најчесто работат во текстилот. Некои големи фирми веќе и затворија. Едноставно пандемијата го забрза природниот тек на нештата“, рече Перковска.
Од текстилните компании во земјава велат дека кај нив најчесто доаѓаат работнички кои веќе имаат искуство.
„Доаѓаат жени кои претходно работеле, имаат искуство, и се адаптираат веднаш, но возраста на работничките е околу 45 години. Така е во повеќето конфекции“, додаваат од текстилна компанија во Пробиштип.
Во текстилот во Македонија работат околу 35.000 работници.
Сања Атанасовскаfoto freepik
