Заштедите на домаќинствата пораснале за 9,3 отсто, но расте и долгот
Народна банка на РСМ објави дека финансискиот имот на македонските домаќинства минатата година бележи номинален раст, највисок во изминатите десет години.
Вкупниот финансиски имот на домаќинствата, кој покрај депозитите во банките ги вклучува и другите облици на штедење и финансиско вложување на домаќинствата (како што се вложувањата во домашни и странски хартии од вредност, средствата во пензиските фондови, вложувањата во инвестициските фондови и во осигурувањето на животот, готовите пари во оптек и слично), заклучно со крајот на 2021 година, изнесува 498 милијарди денари (8,15 милијарди евра) и на годишна основа пораснал за околу 43 милијарди денари, или за 9,3 отсто.
Притоа, и во текот на 2021 година, домаќинствата тежнеат кон помалку ризични вложувања, пред сè во депозити кај банките и во приватните пензиски фондови. Ваквиот заклучок се извлекува од Извештајот за финансиската стабилност за 2021 година, што неодамна беше разгледан и усвоен од страна на Советот на Народната банка.
Учеството на вкупниот финансиски имот на домаќинствата во БДП во 2021 година изнесува 68,8 проценти и е малку повеќе од двојно повисок од нивниот вкупен долг.
Во текот на 2001 пораснал и долгот на домаќинствата за 8,9 проценти, наспроти 7,9 отсто во 2020 година, што сепак е помалку од растот на номиналниот БДП.
„Со ова стапката на задолженост на домаќинствата се задржа на релативно стабилно ниво од околу 30 отсто од БДП, што сè уште не е високо ниво на задолженост. Показателите за солвентноста и ликвидносната позиција на домаќинствата засега упатуваат на релативно ограничена системска ранливост на овој сектор. Сепак, домаќинствата може да бидат чувствителни на ризиците од окружувањето, коишто заради војната во Украина се нагласени во овој период“, соопшти Народна банка.
