Економија, финансии, бизнис

Контакт

Засега само санација на мостот кој ги закочи македонските возови

Засега само санација на мостот кој ги закочи македонските возови

На владина седница синоќа беше усвоена информацијата за потреба од итна санација на армирано-бетонски мост на пругата Велес - Гевгелија, но познавачите на ситуацијата во Македонски железници - Инфраструктура велат дека тоа е само краткорочно решение за проблемот поради кои возовите одат само од Скопје до Велес и назад.

- Знам само дека екипи веќе работат на терен, може да се санира за 15-тина дена, но тоа не е решение. Потребен е сосема нов мост, бидејќи на овој што е сега, инаку во должина од 30 метри, и кога ќе биде пуштен повторно во употреба ќе мора да се внимава и да се управува локомотивата со пет километри на час - вели анонимен познавач на состојбите со инфраструктурата на МЖ.

Македонски железници Транспорт АД ги информира патниците дека од 2 октомври поради појавени деформации на бетонскиот мост кој се наоѓа помеѓу станица Градско и крстосница Кукуричани, патниот правец Велес – Гевгелија е прекинат за сообраќај. Прекинот ќе трае до завршување на санацијата на дефектот. Во меѓувреме, возовите кои сообраќаа на релација Скопје-Гевгелија и Гевгелија-Скопје, ќе сообраќаат само до Велес и обратно.

- Се работи за напукнување и на попуштање на бетонските столбови долу на површината. Голема среќа е што машиновозачот кој последен минувал бил присебен, а потоа по службена должност го пријавил проблемот. Можам да кажам дека овој мост е воопшто неодржлив, бидејќи порано околу него имало челична конструкција како негова сигурност но со текот на времето е крадена и ништо не е останато од неа без никој да сноси одговорност за тоа - додава познавачот.

Министерствата за финансии и за транспорт и врски се задолжени да предложат можни решенија за изнаоѓање финансиски средства потребни за санацијата на мостот. Додека ЈП Македонски железници - Инфраструктура е задолжено да започне итна постапката за реализација на набавката - санација на армирано - бетонскиот мост на пругата Велес - Гевгелија.

Во Македонски железници - Инфраструктура во планот за јавни набакви за 2018 веќе стои ставка за санација на мост кај Мрзенска река во вредност од 6 милиони денари.

Александар Кузмановски

Слично

Поврзани вести