Заробена надеж!
Договорот за спречување на масовниот прилив на бегалци секојдневно го подгрева незадоволството и неизвесноста кај заглавените бегалци во транзитните центри на јужната и северната граници. Активистите на терен велат дека хуманитарна помош има доволно и таа се дели редовно, но на Табановце и во импровизираниот камп кај меѓуграничниот простор со Србија проблем е смесувањето бидејќи има луѓе кои спијат буквално на земја. Најтешко е велат за најмалите кои поради сеуште ниските температури и нехигиената се лесно подложни на инфекции и болести.
“Имаме доволно ресурси и хуманитарни пакети кои секојдневно се делат на бегалците. На Табановце има околу 300 деца и се обидуваме колку можеме да им помогнеме, но просторните услови се тие и мора да се прилагодат. Најтежок е информативниот мрак и неизвесноста што ќе се случува во иднина со овие луѓе”-вели за Фактор, Јасмин Реџепи од невладината “Легис”.
И на јужната граница состојбата е идентична. Бегалците се уплашени и нервозни бидејќи на многумина дел од семејствата веќе им заминале во Европа со претходните групи. Но условите велат активистите се многу подобри. Имаат сместување, храна, секојдневно се одржува хигиената, а најмалите се згрижени во импровизирани игрални.
“Се трудиме да им го олесниме престојот но тие се нервозни бидејќи се надеваат дека ќе се отворат границите, а тоа не се случува. Кога доаѓам секојдневно се почесто слушам од бегалците поздрав за добро утро и добар ден на македонски. Почнуваат да учат по малку од нашиот јазик, па на шега велат дека ако останат уште заглавени ќе го научат можеби и целиот јазик. Им носиме храна, облека, вода, правиме максимални работи да добијат се што им е потребно. Пред неколку дена педесетина мигранти од Табановце дојдоа овде, слушам и други бараат да дојдат. Во Идомени и Поликастро одиме многу често, таму веќе се прилагодиле на судбината, па просторот изгледа налик на градови, готват, прават импровизирани живеалишта. Тешки се условите”- вели хуманитарката Ленче Здравкин.
Третманот на децата бегалци, конкретно во меѓуграничната зона меѓу Македонија и Србија, надвор од Транзитниот центар Табановце, според првата детска амбасада ”Меѓаши” е нехуман и нечовечки. Оваа ранлива категорија според нив треба да добие соодветна грижа бидејќи тие на терен забележале деца кои престојуваат во импровизирани шатори на ниски температура, гушејќи се во смрдеа, кал и нечистотија.
“За нас како организација која се грижи за првата на детето и едно дете коешто живее во нехумани услови преставува огромен проблем водејќи сметка дека тие деца доаѓаат од подрачје кадешто, за жал, им се загрозени сите основни детски права, како и правото на живот кое е загарантирано со Конвенција за правата на детето. И наместо подобра иднина се наоѓаат на работ на егзистенција во услови кои ги потсетуваат на местото од кадешто доаѓаат. Децата и нивните семејства добиваат здравствена и хумантирана помош. Ние и другите граѓански организации се обидуваме преку интерактивни работилници да ги анимираме со цел да им го разубавиме денот и да го поттикнеме нивниот личносен и креативен потенцијал. Но, семејствата на овие деца кои се наоѓаат во една тампон зона најверојатно се исплашени и одбиваат секаков вид на помош. Во последните обиди на очај можеби некогаш си го загрозуваат својот живот и на своите деца во време кога е важно и неопходно за децата семејството да остане заедно и децата да се чувствуваат безбедно во присуството на своите родители” – вели првиот човек на Меѓаши, Драги Змијанац.
Војната според него сама по себе остава неизбежни трауми и кај возрасните и кај децата, меѓутоа со соодветни услови и здрава средина може да се намали ризикот на негативни последици по развојот на децата.
“Со судбината на децата нема калкулирање. Не треба да се стави под прашање ниту еден основ што да се прави со децата мигранти. Едноставно, децата се пред се деца, и пред се, и над се, децата мора да бидат приоритет на секоја држава и мора да им се гарантира секаква заштита, сигурноста и безбедноста. Децата треба да се згрижат на топло и сигурно место во транзитите центри или да им се овозможи сигурен транзит со нивните родители до крајната дестинација. Република Македонија мора да гарантира дека ќе го почитува најдобриот интерес на децата и на децата бегалци ќе им овозможи посебна заштита и грижа. Се повикавме на Член 2 од Конвенцијата за правата на детето и баравме од државата да се грижи за потребите на децата бегалци и да се води грижа и на децата особено да им се обезбеди соодветна психо -терапевтска грижа за децата кои претрпеле емоционална или физичка траума. Но исто така терба солидарно и хуманистички поактивно да си ги преземат и дел од обврските и Европската Унија и меѓународните организации за помош и поддршка на децата мигранти”- вели Змијанац.
Генерално додава директорот на Меѓаши сите земји во Европа потклекнаа во справување со бегласката криза. Со затварањето на границите се затвара и можноста на овие деца страдалници погодени од војна да им се помогне.
“Со влегување во Грција како прва тие веќе се влезени во ЕУ затоа сите напори да се помогне на Грција, Македонија, Србија, во многу зависи справувањето со бегалската криза и нивната безбедност во влезот на европско тло. Европа паѓа на испитот на хуманост, солидарност и помош кога некому му е најтешко. За овие постапки со затварање на границите само се продлабочува голготата на овие страдалници, а најмногу ќе бидат погодени децата бегалци. Европските земји иако се потписници на многу конвенции и ратификувани документи кои се однесуваат на заштита на децата бегалци и почитување на основните права на децата, сепак потклекнаа и не ги испочитуваа доследно”- потенцира Драги Змијанац.
Поради затоворањето на границите група мигранти организираше протестен марш низ центарот на Солун. Вчера на грчките острови во Егејското Море не пристигнал ниту еден мигрант, што се случува првпат од неделата, откако стапи на сила договорот меѓу ЕУ и Турција за спречување на масовниот прилив на бегалци. Водечките хуманитарни организации, меѓу кои Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци УНХЦР и Лекарите без граници одбиваат да учествуваат во примената на договорот меѓу ЕУ и Турција за колективна депортација на емигрантите.
С.Б.
Слично
