Економија, финансии, бизнис

Контакт

Заразите демнат – половина од општините „неподготвени” за дезинсекција

Заразите демнат – половина од општините „неподготвени” за дезинсекција

Дури половина од 85 општини во земјава немаат подготвено или пријавено превентивни програми за дезинсекција и дератизација и заштита на населението од евентуални заразни болести. Иако поради обилните дождови кои деновиве ја зафатија земјава, а и поплавите кои ја зафатија соседна Србија и регионот, надлежните го вклучија алармот и излегоа со препораки за заштита, дел од општините уште „спијат на тоа уво“ дека опасноста е далеку од нив.

Експертите велат дека превенцијата е клучниот фактор за надминување или намалување на штетите кои би настанале по елементарните непогоди.

Инспекторите од Санитарно - здравствениот инспекторат будно ја следат состојбата. Им оставаат уште малку време на општините да си ја завршат законската обврска, а веќе во јуни во засилен надзор ќе ја чешлаат документацијата и она што е подготвено како превентивен план на хартија, а спроведено на терен по стручни препораки на Центрите за јавно здравје.

Општините кои навреме нема да ја завршат обврската за дезинсекција може да се соочат со казни од три до пет илјади евра. Според досегашните искуства, дури половината од општините во земјава изминатите неколку години биле казнети, бидејќи навреме не презеле превентивни мерки за заштита на населението. Ситуацијата и покрај глобите не се подобрува. Можеби моменталната состојба, велат епидемиолозите, ќе биде доволен мотив да подразмислат за сериозноста на заразните болести и заштитата на здравјето на граѓаните.

“Санитарно - здравствениот инспекторат, имајќи ја предвид ситуацијата во регионот и обврските на општините, во рамките на своите надлежности и поради последните податоци за зголемен број случаи на Западнонилска треска, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, ги задолжува општините на територија на цела Македонија да спроведат превентивни мерки за дезинсекција и дератизација согласно стручни мислења издадени и изработени од надлежен Центар за јавно здравје. Треба да се земе предвид теренот, стоечките води, шахти, и секоја општина е должна да направи програма и општи мерки. По завршување на секоја мерка се должни да нè известат, а сите Центри за јавно здравје се задолжени да изготват стручни мислења како подршка за превентивните програми. Во моментов имаме известувања дека се направени превентивни програми во околу половина од општините, но сепак добар дел не нè известиле дали почнале да ја спроведуваат обврската. Последниве години општините сфатија колку е битно спроведувањето на мерките. Во зависност од временските услови Центрите за јавно здравје ќе проценат кога ќе се реализира дезинсекцијата и дератизацијата”, вели д-р Весна Димитровска, раководител на епидемиолошкото одделение во Санитарно-здравствениот инспекторат во Скопје.

Ако решенијата за дезинсекција и дератизација не се спроведат, општините може да се соочат со глоби од три до пет илјади евра.

Според експертите, дел од општините не ја сфаќаат сериозно својата законска обврска за заштита на населението, бидејќи дел од судовите различно ги решаваат предметите за санкционирање и изрекување казни за несовесните локални самоуправи, па некои се извлекуваат и само со прекршочни пријави кои се лош пример за останатите општини.

Опасни заразни болести демнат, надлежните објавија препораки Топлото време и влијанието од поплавите во регионов можат да го зголемат ризикот од епидемии и заразни болести.

Според надлежните во Институтот за јавно здравје поплавите претставуваат потенцијален ризик за спорадично и епидемиско јавување на одредени заразни болести, како во текот така и после поплавите – тргнувајќи од епидемиолошките карактеристики на болестите и факторите на ризик, периодот на инкубација, патиштата на ширење, преносливоста, заразноста, влошување на санитарно-хигиенските услови за живот и сместување, создавање поволни услови за развој на векторите како пренесувачи на заразни болести. Затоа се најавува епидемиолошки надзор во вонредни случаи во тек на траењето на поплавите, како и по нивното завршување.

“Во услови на поплави, најголема е опасноста од појава на цревни заразни заболувања во епидемиска форма – ентероколитиси предизвикан од бактерии и вируси, дизентерија, потоа заразните жолтици од тип А, некои зоонози како на пр. лептоспирозите, туларемија, антракс, паразитски заболувања од типот на шуга и вошливост – особено во услови на "густо" колективно сместување и многу ниско ниво на одржување на лична и колективна хигиена хигиена. Не се исклучува и можноста за појава и ширење на респираторни заболувања (грип), а посебна опасност претставуваат трансмисивните болести – оние кои се пренесуваат преку крлежи и особено комарци – Западнонилска треска, маларија”, потенцираат од Институтот за јавно здравје.

Според нив важно е функционирањето на АЛЕРТ системот за рано тревожење и сигнализирање во случај на зголемување на бројот на заболени, појава на епидемии, согласно дефиниција на случаи (акутна водена дијареа, акутна крвава дијареа, други облици на дијареа, акутна флакцидна парализа (случај сомнителен на полиомиелитис), синдром на акутна инфективна жолтица и други синдроми, и согласно ситуацијата итно реагирање.

По повлекување на водата од поплавените подрачја, велат епидемиолозите, потребно е да се направи механичко чистење и дезинфекција на исчистените површини, дворови, стамбени објекти, особено јавните објекти - здравство, образование, како и дезинфекција на домовите - таму каде што има регистрирани случаи на заразни заболувања. Според препораките потребно е да се организираат здравствените служби за функционирање во услови на вонредни состојби.

Од Министерството за здравство уште еднаш потсетија на препораките за контрола и хигиенски мерки на граничните премини и на сите коридори во земјава, прскање против комарци во сите општини, поголема лична хигиена и индивидуална заштита од штетници и инсекти.

Тие најавуваат дека времетраењето на засилениот епидемиолошки надзор ќе зависи од проценката на епидемиолошката ситуација од страна на надлежните институции, во склад со дефиниците на случај за одредени болести.

ЗНАЕТЕ ЛИ КОЛКУ ЧИНИ ДА СЕ ИСЧИСТИ КУЌАТА ОД ПОПЛАВИ?

Б.С.

 

Знаете ли колку чини да се исчисти куќата од поплави?

Слично

Поврзани вести