Економија, финансии, бизнис

Контакт

Запустен Пустец: Децата без учебници, настава по македонски јазик на лист хартија!

Запустен Пустец: Децата без учебници, настава по македонски јазик на лист хартија!
Со минимален број на книги и со запишување во тетратка и на листови-вака учениците Македонци во Мала Преспа го изучуваат македонскиот јазик. Иако законот за употреба на јазиците на малцинствата во Република Албанија предвидува наставата за македонските деца до деветто оделение да се одвива 60% на јазикот на малцинствата, додека 40% од предметите да бидат на албански јазик, сеуште ова останува само на хартија-вели за Фактор.мк, Васил Стерјовски од партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција. Образовниот процес за Македонците оди со многу бавни чекори, бидејќи не се почитуваат и оние малку загарантирани права. “Во општина Пустец наставата треба да се одвива 60% на македонски и 40% на албански јазик. Но ова со години не се почитува поради недостаток на учебници за предметите кои се предвидени да се изучуваат на македонски јазик. Во Пустец има две основни училишта и една гимназија каде што учат околу 250 ученици. Така од 55 текстови што треба министерството за образование на Албанија да ги испечати на македоски јазик, само 22 учебници се испечатени, 8 учебници се подготвени и не се испечатени, додека 33 учебници ниту се подготвени, ниту се испечатени. Поголем е проблемот за учениците до 4-то оделение каде има поголем недостаток на учебници. Недостатокот на учебниците го прави невозможно одвивањето на наставата” -вели Васил Стерјовски. Во Албанија право на изучување на македонскиот јазик во образовниот процес имаат само Македонците од општина Пустец, областа на Долна Преспа, и до пред некоја година учениците во с.Врбник, македонско егејско село во Албанија, во општина Центар Билишта. Ова е така бидејќи Албанија официјално признава македонско малцинство само во овие места, вели Стерјовски. До седум години македонските деца не знаат албански и албанскиот јазик почнуваат да го изучуваат во училиштата. Наставниците се обидуваат да ги преведат учебниците од албански и да им ги раскажаат на учениците кои лекциите ги земаат со белешки. До училиште десетина километри по макадам! Во селото Врбник, раскажува Васил Стерјовски, до пред некоја година имало училиште до 4 одделение во кое наставата се одвивала на македонски јазик. Тоа денес е затворено и сега децата се приморани да одат на училиште во градот Билишта, по макадам пат, оддалечен на 6 км од Врбник. Бидејки се работи за деца до 4-то оделение, родителите или некој од семејството мора да ги носи и да ги зема децата од училиште. Ова е причина повеќе стотина Многу Македонци од ова село да се одселат од Врбник, населувајќи се во Билишта или Корча. Но, во другите области и градови во Албанија, Македонците немаат право да го изучуваат македонскиот јазик. Петициите за изучување на македонскиот јазик-во ќорсокак! Проблемот со изучувањето на македонскиот јазик, кој со години се провлекува низ образовниот процес, според Стерјовски има длабоки корени. Од 1945 до 1949 година Македонците освен во областа Долна Преспа и с.Врбник се признаваа и во областа на Голо Брдо, и тогаш Македонците во Голо Брдо во некои села имале право на настава на мајчин македонски јазик, но со влошувањето на односите помеѓу НР Албанија и СФРЈ после резолуцијата на Информбирото на Македонците во Голо Брдо им се укинува националноста и се затвораат македонските училишта. И денеска Албанија продолжува да не дозволува настава на македонски јазик во Голо Брдо. “Пред една година Македонското друштво “МОСТ” од општина Требиште, областа на Голо Брдо покренаа петиција потпишана од Македонците во Требиште, до образовните институции и министерството за образование на Албанија каде бараа два пати неделно нивните деца во училиште да го изучуваат предметот македонски јазик. На ова петиција дирекцијата за образование на Пешкупија под кој спаѓа областа на Голо Брдо одговори дека децата од септември 2013 година со почетокот на новата учебна година, може да го изучуваат предметот македонски јазик само од седмо оделение и тоа како втор изборен странски јазик. Но, од септември 2013 година образовните институции на Албанија ниту од седмо оделение не дозволија изучување на македонскиот јазик. Македонското друштво “МОСТ” од октомври 2013 година повторно поднесе петиција до образовните институции но на оваа нивна петиција образовните институции воопшто не одговорија”-потенцира Стерјовски. Петиција за изучување на македонски јазик пред три години поднеле и Македонците од градот Билишта, но и ова петиција не е одобрена од образовите институции на Албанија. За зачувување на македонскиот јазик македонските здруженија и Македонската заедница во Албанија неколку години изведуваат курсеви на македонски јазик во областите Гора и Голо Брдо како и во градовите Тирана, Корча, Подградец и Билишта. Проблемот со изучувањето на македонскиот јазик во Албанија со години наназад е рак рана за македонското население. Градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко, вели дека неможе да се направи споредба помеѓу правата на албанската заедница во Македонија и македонската заедница во Албанија. “Македонците во Албанија не се признаваат во целата територија на Албанија и воопшто и немаат права, освен одредени права во делот на Долна Преспа, Општина Пустец каде што официјално се признаваат за Македонци. Во Македонија децата од албанска националност почнуваат да го изучуваат македонскиот јазик од четврто одделение, додека децата од македонска националност во Албанија, албанскиот јазик го изучуваат уште од градинка. Областа Голо Брдо во Албанија, административно е поделена на три општини Требиште, Острени и Стеблево и опфаќа дваесетина села населени со Македонци. Во оваа област Македонците не се признати од страна на албанската држава и немаат право да го изучуваат македонскиот јазик во училиштата, иако го зборуваат”-вели Едмонд Темелко. За тоа во какви тешки услови се одвива наставата на македонски јазик во општина Пустец во Албанија, досега неколкупати се алармирани и тамошните власти, кои се правдаат со малиот тираж, недоволно финансиски средства и издавачки куќи и печатници кои зависат од одлуките на ресорното албанско министерство. Но, сеуше без конкретни чекори за подобрување на состојбата. Наставата велат од партијата на Македонците во Албанија, останува да се реализира со ентузијазмот на наставниот кадар кој и на обичен лист хартија им ја пренесува на македонските ученици, македонската култура, историја и традиција. С.Б.
Слично

Поврзани вести