Економија, финансии, бизнис

Контакт

Започнува седмиот Француски филмски фестивал

Започнува седмиот Француски филмски фестивал

На големо задоволство на сите љубители на француската кинематографија, по седми пат во Скопје и Охрид ќе се оддржи Францускиот филмски фестивал на чие официјално отворање на 18 јуни во киното „Милениум“, ќе биде прикажан филмот „Ке Д’Орсе“ на режисерот Бертран Таверние. Овој фестивал се одржува во организација на Францускиот институт во Скопје, а со поддршка на Министерството за култура на Македонија.

Како што најавија и самите организатори, на овогодинешната понуда на фестивалот ќе следат три концепциски линии, и тоа:

* Официјална селекција - филмови во официјална селекција, кои имаат за цел да го приближат актуелниот француски филм, свртен кон широката публика;

* Средба со гостите - филмови по избор на гостите на фестивалот, преку кои тие ќе остварат поблизок контакт со публиката ;

* Комеморативна селекција - филмови кои имаат за цел да ѝ оддадат почит на 70-годишнината од Истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија.

Фестивалот ќе трае до 18 до 22 јуни и поголемиот дел од програмата ќе се одвива во Скопје во кината Милениум, Фросина и Кинотеката на Македонија, а една фестивалска вечер ќе се одржи и проекција во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Предвидено е  да се прикажат 9 долгометражни и 4 краткометражни филмови, како и еден документарен филм. Меѓу попознатите филмови, кои публиката ќе може да ги проследи, највени се: „96 часа“ од Фредерик Шендорфер (2014), со Жерар Ланвен, Нилс Арструп, Силви Тести, „Ив Сен-Лоран“ на Жалил Лепер (2014), со Пјер Нине, Гијом Галиен, Шарлот Ле Бон, „Венера во крзно“ на Роман Полански (2013), со Емануела Сење, Матје Амалрик, „Газели“ на Мона Ашаш (2013), со Камиј Шаму, Одре Флеро, Жозефин де Мо, и многу други.

Фестивалските денови ќе ги затвори актуелниот филмски хит „96 часа“ на режисерот Фредерик Шендорфер, кому ќе му биде доделена Златна маска за животно дело.

И оваа година посетителите ќе ја имаат вообичаената можност да поразговараат со гостите-учесници на филмските остварувања. Па така оваа година на листата на гости се: Фредерик Бурбулон, продуцент на филмот на отворање „Ке д’Орсе“; Жаки Бероаје, актер во „Голгота“; Ален Мајор, продуцент на „Од трње“; Жозефин де Мо, актерка во „Газели“ и режисерка; Бруно Алексиу, композитор на музиката на документарниот филм „Светлината на зората“; Фредерик Шендорфер, режисер на „96 часа“.

Овој фестивал претставува престижна француско-македонска манифестација и е значајна за македонската кинематографија. Дава можност да се зацврстат темелите на идната соработка меѓу францускиот и македонскиот филм, да се отворат нови можности за размена на уметници, продуценти, режисери, размена  на искуства со земја која претставува лидер во европската кинематографија.

Бесплатни влезници за отворањето се резервираат во Францускиот институт во Скопје. За останатите проекции, влезниците се во продажба во киното “Фросина“ и во Кинотеката на Македонија.

Подетални иформации за проекциите во рамките на Фестивалот на француски филм во Македонија ќе пронајдете на следниот линк: http://www.ifs.mk/mk/Home/CultureContent/936.

Слично

Поврзани вести