Започнаа „Отворени денови на НЛБ пензиски фонд”
Од досегашното искуство во работата на Задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб) може да се констатира дека нивото на знаење меѓу граѓаните во однос на придобивките од пензиската реформа е ниско.Тоа е причината за едукативната кампања “Отворени денови на НЛБ Нов пензиски фонд” што вчера започна низ Македонија.
Податоците со кои што располага НЛБ Нов пензиски фонд покажуваат дека од преку 158.000 членови на задолжителниот фонд, само околу 3% ја следат состојбата по електронски пат, иако услугата е бесплатна, а само мал дел од граѓаните се запознаени со стимулациите кои ги дава државата за лицата кои ќе се вклучат во доброволно пензиско осигурување.
Дополнително, структурата на прашањата кои членовите ги поставуваат до Друштвото укажуваат на недоволно ниво на нивно познавање за пензискиот систем во Р.Македонија.
И покрај тоа што првата уплата на придонес во Задолжителното капитално финансираното пензиско осигурување во Македонија се случи пред 8 години, утврдена е потреба од дополнителна едукација на јавноста, членовите, како и на сите оние лица кои допрва ќе постанат членови во 1 и 2 Столб на пензиско осигурување.
На отворените денови кои ќе траат до 9 јули граѓаните ќе може да се информираат за предностите и за нивните права и обврски произлезени од пензиската реформа во Задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб).
Отворените денови започнаа вчера , на градскиот плоштад во Скопје, а во наредните седум дена ќе продолжат во експозитурите на НЛБ Тутунска банка низ Р. Македонија каде граѓаните ќе можат да ги добијат сите информации за пензискиот систем.
- Обемот на работа на приватните пензиски фондови е во постојан раст. Задолжителните фондови имаат повеќе од 330.000 членови и средства во висина од преку 23 милијарди денари (380 милиони евра), што претставува околу 5% од БДП. Доброволните пензиски фондови имаат преку 17.000 членови и средства во висина од преку 230 милиони денари. Сепак нивото на информираност на граѓаните, е на ниско ниво. Активностите за време на кампањата ќе бидат насочени во правец кон зголемена едукација на јавноста за задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб). Преку директна комуникација со овластени лица, граѓаните ќе можат подетално да се информираат за карактеристиките, правата и обврските од реформираниот пензиски систем.
Ги поканувам сите граѓани кои сакаат да дознаат повеќе за пензиската реформа во Р.Македонија во периодот од 3 до 9 јули да ги посетат експозитурите на НЛБ Тутунска банка. - изјави Давор Вукадиновиќ, претседател на Управен одбор на НЛБ Нов пензиски фонд.
Преку оваа кампања на граѓаните ќе им се доближат карактеристиките на реформираниот пензиски систем, правата од задолжителното пензиско осигурување, начинот како да изберат пензиски фонд, начинот на управување со нивните средства, кој го контролира управувањето со истите и кога можат да ги користат средствата од вториот столб на пензиско осигурување.
