Започна прочистувањето на Избирачкиот список
Пречистувањето на Избирачкиот список е планирано да заврши на 17-ти април, а листата на гласачи да биде заклучена околу 7 мај.
Експертскиот тим на информатичари денеска ја заврши валидацијата на базите на податоци од МВР и од 10 други државни институции и ДИК започна со вкрстена проверка по која треба да се добие новиот ажуриран Избирачки список.
Информатичарите велат дека работата се одвива според планот, дека претходно било извршено конвертирање на дел од базите кои биле примени во различен формат и фонт, но и дека тоа не биле неочекувани проблеми.
По информатичкиот дел, ќе следува теренската проверка на спорните или сомнителни места. Според информациите, подготвени се 30 теста според кои ќе почне проверката на базата на МВР како основа со базите на останатите институции. Од ДИК велат дека првата би требало да биде таа на фондот за здравство, бидејќи е најобемна.
Според последните податоци Македонија има нешто над 1.800.000 гласачи.
