Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗАПАДОТ ЌЕ ПОТКЛЕКНЕ ПРВ-АНАЛИЗА НА WASHINGTON POST: „Путин ќе биде безмилосен во обидите да употреби економско оружје

ЗАПАДОТ ЌЕ ПОТКЛЕКНЕ ПРВ-АНАЛИЗА НА WASHINGTON POST: „Путин ќе биде безмилосен во обидите да употреби економско оружје

„Вашингтон пост“ анализира дали имаат ефект санкциите што ЕУ, Велика Британија и САД ги воведоа кон Русија со цел да се изврши притисок врз руската економија да го принуди Путин да го прекине нападот врз Украина и дали Путин може да ги поднесе санкциите додека го поткопува европските единство зада добие поддршка за нивно укинување.

Според овој весник, повикувајќи се на тврдењата на американските и руските политички и економски експерти, Кремљ се обидува да го зголеми економскиот притисок врз Западот со цел да ја поткопа странската поддршка за Украина.

Имено, рускиот претседател Владимир Путин се подготвува за долга војна за трошење во Украина и ќе биде, според членовите на руската економска елита, безмилосен во обидите да употреби економско оружје како блокадата на украинскиот извоз на жито, за да ја разводни поддршката од Западот за Киев.

Кремљ се потпира на неодамнешните знаци на неподготвеност од некои европски влади да дадат дополнителна поддршка, сметајќи го тоа како показател дека Западот може да го изгуби фокусот во спротивставувањето на руската инвазија на Украина, особено кога светските цени на енергијата се зголемуваат по воведувањето санкции кон Москва.

Путин „верува дека Западот ќе се исцрпи“, вели еден добро информиран руски милијардер, со барање да остане анонимен поради страв од последици. Путин не очекуваше силна заедничка првична реакција од Западот, „но сега се обидува да ја преобликува ситуацијата и верува дека ќе победи на долг рок“, тврди милијардерот. Западните лидери се ранливи на изборни циклуси, а Путин верува дека „јавното мислење може да се сврти против нив преку ноќ“, пишува Вашингтон пост.

Оваа недела, Европската унија објави ембарго за извозот на поморска нафта од Русија, а претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, го пофали потегот како максимален притисок врз „Русија да стави крај на војната“. Но, тоа „ќе има мало влијание на краток рок“, рече руски функционер близок до дипломатските кругови на Москва, кој исто така побара анонимност поради страв од одмазда. „Позицијата на Кремљ е дека не можеме да загубиме по секоја цена. тврди тој.

Кремљ соопшти дека потегот на ЕУ само поттикнал натамошен скок на светските цени на енергијата и дека ќе доведат до пренесување на руските стоки на азиските пазари, иако ЕУ и Британија, исто така, воведоа забрана за осигурителните компании да ги осигураат стоките што ги транспортира Русија.

„Жителите на земјите од ЕУ“ го чувствуваат влијанието на овие санкции повеќе отколку ние“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во интервју за Вашингтон пост. „Западот направи грешка по грешка, што доведе до растечка криза, а да се каже дека ова е вина на Путин за ситуацијата во Украина, но тоа не е точно, тврди тој.

Ваквиот став укажува дека Кремљ верува дека може да ги издржи последиците од економските санкции подолго од Западот. „Путин има мал избор освен да ја продолжи војната со надеж дека блокадата на украинското жито ќе доведе до нестабилност на Блискиот Исток и ќе предизвика нова бегалска поплава“, рече Сергеј Гуриев, поранешен главен економист во Европската банка за обнова и развој.

Сите советници на Путин

Се чини дека агресивниот став на Кремљ ги одразува ставовите на Николај Патрушев, воинствениот лидер на рускиот Совет за безбедност, кој служеше со Путин во Ленинградската (сегашна Санкт Петербург) КГБ, и се повеќе се смета за тврдокорен идеолог кој влијае на војната во Украина.

Тој е еден од неколкуте блиски советници за безбедност за кои упатените во Москва веруваат дека имаат пристап до Путин.

Во три крајно антизападни интервјуа за руските весници по инвазијата, Патрушев, кој досега ја избегнуваше јавноста, рече дека Европа е на работ на „длабока економска и политичка криза“ бидејќи инфлацијата расте и животниот стандард паѓа, што влијае на расположението на Европејците и дека нова мигрантска криза ќе создаде нови безбедносни закани.

„Светот полека тоне во невидена криза со недостиг на храна. Десетици милиони луѓе во Африка или на Блискиот Исток ќе останат на работ на глад, поради Западот. За да преживеат, ќе побегнат во Европа. Не сум сигурен дека Европа ќе ја преживее оваа криза“, изјави Патрушев за рускиот државен весник Росијскаја газета. А во минатонеделното интервју за популарниот таблоид „Аргументи и факти“, Патрушев рече дека Русија „не брза да постави никакви рокови“ во својата воена кампања во Украина.

Руската армија постепено напредуваше во источниот регион на Украина- Донбас, но наместо да оди во брза и одлучувачка битка, Путин верува дека времето е на негова страна, смета рускиот милијардер. „Путин е многу трпелив човек. Тој може да си дозволи да чека шест или девет месеци. Тој може да го контролира руското општество многу построго отколку што Западот може да го контролира своето“вели милјардерот за Вашингтон Пост.

Потенцијалните загуби на Русија поради забраната на ЕУ за извоз на руска нафта по морски пат би можеле да бидат минимални, вели Сергеј Алексашенко, поранешен заменик-гувернер на руската централна банка, кој сега живее во егзил во САД. Ако Русија успее да го пренасочи целиот свој поморски транспорт кон Индија и Кина, загубите на Русија поради оваа забрана би можеле да бидат вкупно само околу 10 милијарди долари, смета тој.

„Економските советници на Путин ќе му кажат колку се проценети загубите поради ова ембарго, а тој тивко ќе се смее“, тврди Алексашенко. „Путин не го менува својот курс“, тој вели.

Ембаргото на ЕУ треба да се гледа како „само прв чекор“ во напорите да се скратат приходите на Кремљ, вели Едвард Фишман, доцент по меѓународни и односи со јавноста на Универзитетот Колумбија и поранешен функционер на Стејт департментот.

Неколку сегашни и поранешни високи западни функционери разговараа за предлозите на САД и ЕУ да формираат картел и да наметнат ограничување на цената на руската нафта, можеби од 30 до 40 долари за барел. Овој чекор би можел да биде поефективен од европската забрана и да помогне да се намалат светските цени, велат Гуриев и Фишман. Според тој предлог, Америка би можела да воведе секундарни санкции за секој што купува руска нафта по цена над онаа што ја пропишале, тврдат тие.

ФОТО: EPA

Слично

Поврзани вести