Економија, финансии, бизнис

Контакт

Западен Балкан, Украина и Молдавија или сите заедно во ЕУ

Западен Балкан, Украина и Молдавија или сите заедно во ЕУ

Во сенката на можните напади врз Иран од страна на САД, преговорите меѓу Русија и Украина со посредство на САД и „стапицата“ на Џефри Епштајн за богатите, кои ја потврдуваат тезата на Карл Маркс дека „парите ги расипуваат богаташите“ се подзаборави на „ултиматумот“ на украинскиот претседател, Владимир Зеленски за прием на Украина во ЕУ до 2027 година. Изјава која ја подели Унијата, по кој знае кој пат, кога станува збор за Украина.  Но збунува и кандидати за влез во Унијата, држави кои чекаат пред нејзините порти со децении.

За  забрзан влез на Украина во ЕУ, а тука некако се протуркува и Молдавија, уште во мај минатата година, прва проговори Урсула фон дер Лајен, првиот човек на ЕУ, во Европскиот парламент. На крајот од своето излагање таа рече:„ Мојата последна поента е дека мора да го забрзаме патот на Украина кон членство во нашата Унија. Ова не е само аспирација на Украина. Тоа може да биде најсилната безбедносна гаранција. И тоа беше централен фокус на мојата последна средба со претседателот Зеленски во Рим. Работиме напорно со Украина за да го отвориме првиот кластер на преговори за пристапување и да ги отвориме сите кластери во 2025 година. Приклучувањето на Украина кон нашата Унија е најголемата гаранција за праведен и траен мир. Во нашата историја, мирот и европската интеграција отсекогаш оделе рака под рака..“

Но работите не тргнаа по патот на желбите на фон дер Лајен. Европа се подели околу тоа прашање. И како течеа работите отпорот растеше. Па Украина не успеа да го отвори ниту првиот кластер за преговори, ниту сите останати. За Зеленски влегувањето на Украина во Унијата е една од клучните гаранции за безбедност, не само за нив, туку и за цела Европа. И токму затоа тој ја споменува 2027 година. Зеленски е во право. Ако Европа не и забранеше на Украина да го склучи договорот со Русија од Истанбул, војната ќе за вршеше само два месеци по почетокот. Затоа Европа сега има долг кон Украина. И тоа голем долг.

Можеби затоа и во предлозите за мир во Украина, мировниот план, кои се градат со ЕУ и САД се зборува и за американска поддршка на членството на Украина во ЕУ. Токму 2027 година беше спомната, како рок во кој Украина ќе стане членка на ЕУ. Но и покрај тоа има отпори кон таквиот приод. Членки на ЕУ не се против помош на Украина, но некои од нив се противат на членството. Прва е Унгарија, донекаде Словачка.

ЗАБРЗАН ПАТ

Kако што одминува времето се повеќе европски лидери се јавуваат со став дека Украина не треба забрзано да влезе во ЕУ. И тоа големи држави. И кои трошат големи пари за помош на Украина. Вчера се јави Италија. Министерот за надворешни работи, Антонио Тајани, во едно интервју отворено кажа дека за него поважно е во ЕУ први да влезат земјите од Балканот, кои долго чекаат, а потоа и Украина. “Го поддржуваме членството на Украина, но тука прв е Балканот, кон кој имаме обврски и кој ни е приоритет. На 3 март ќе бидеме домаќини на состанокот на „Пријателите на Балканот“ во Рим, а на 1 април со германскиот министер Вадефул ќе бидеме во Белград, да го демонстрираме нашето внимание кон Србија“, рече Тајани. Тој уверува дека Италија ќе и помогне на Украина во придружувањето кон ЕУ, но таа мора „да помине определен пат“.

Претходно и германскиот канцелар, Фридрих Мерц, го исклучи влегувањето на Украина по забрзан пат. „Влегувањето на Украина во ЕУ до почетокот на 2027 година е исклучено. Тоа нема да се случи. Тие процеси обично траат неколку години“, изјави Мерц. Според него, Украина треба да има перспектива за членство. Но тоа е „долгорочен процес“. Сличен е ставот и на австрискиот канцелар, Кристијан Штокер. Првиот човек на луксембуршката дипломатија, Ксавие Бетел, смета дека Украина не може да поставува безалтернативни услови за влегување во ЕУ во 2027 година. „Само што чув дека претседателот на Украина, Зеленски, рекол дека тие треба да станат членка веќе во наредната година. Јас не еднаш му велев:„ Не поставувајте ултиматуми. Тоа не е во ваши ингтереси“, изјави Бетел. Тој нагласува дека постојат правила – Копенхашки критериуми, кои земјите треба да ги почитуваат. „Ние не можеме да велиме, дека за едни постојат правила, а за други не“, додава Бетел. Во ноември се проговори и за воведување на „испитателен рок“ од неколку години за новите членки на ЕУ. Но Зеленски беше апсолутно против таквиот приод. И е согласен само на целосно членство.

Отворено против членство на Украина во ЕУ е Унгарија. На последната средба на Европскиот совет премиерот на Украина, Виктор Орбан, вели дека бил презентиран таен документ за влез на Украина во 2027 година, а исто така и финансиски потреби на Украина од 1,5 трилиони долари. Според негови поранешни изјави Украина нема да влезе во Украина уште 100 години, бидејќи Унгарија ќе се противи, но реално е дека тоа така ќе биде се’ додека тој е на власт.  

Сепак во Унијата се работи на постепено вовлекување на Украина во неа. Пред се,’ од страна на фон дер Лајен. Веќе се зборува дека сегашните правила за прием се усогласени во 1993 година, па треба да станат поеластични. Но не само за Украина, туку и за другите кандидати. Прашање е колку ЕУ е подготвена таква „поеластична“ опција да им понуди и на другите кандидати. Како ќе реагираат на тоа членките кои се залагаат за почитување на Копенхашките критериуми? Дали може да им се наметнат решенија, кои би довеле до раскол меѓу бриселките бирократи и земјите-членки.

ДИСКРЕДИТИРАНА ПОЛИТИКА

Ваквите реформи требаше да се прават уште кога францускиот претседател, Емануел Макрон, зборуваше за реформи на ЕУ. Далеку пред војната во Украина. За жал тие не беа направени, се одлагаа, се одлагаа, па сега веројатно ќе се посегне по некое ад-хок решение. А најверојатно ќе остане се’ по старо. Може да се случи Украина да биде ставена на нормалниот колосек до ЕУ.

Како е односот на Русија кон приемот, евентуален, на Украина во ЕУ во 2027 година? Во принцип, Кремљ досега не се противеше на членство на Украина во ЕУ. Тоа беше искажувано од повеќе извори. Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на последниот брифинг со новинарите беше прашана и за тоа. Таа смета дека ЕУ и Западот одново ќе лажат и нема да го исполнат она што го  ветиле. Дека ќе ја излажат и Украина. Дека ЕУ не го исполнува она што го ветува. „Прашањето не е што Европската Унија ѝ ветува на Украина, туку што Европската Унија ѝ ветува на Србија, а очигледно не го исполнува и нема да го исполни. Бидејќи Европската Унија има сосема поинаков план за Србија од тоа да ја направи земјата просперитетна“, изјави Захарова.

Според неа политиката на проширување на ЕУ е одамна дискредитирана. Се потпира на „двојни стандарди“ и опортунистички полкитичи интереси на раководството во Брисел. „Додека некои земји-кандидатки чекаат во ред со децении, принципите, процедурите и критериумите на европската интеграција, за други, се прилагодуваат во лет. Ова е долгогодишен систем“ изјави Захарова. А како највпечатлив пример за тоа ги посочи  напорите на ЕУ да го привлече Киев во своите редови за време на тековната фаза на проширување. „Се покажува дека брзото добивање членство во ЕУ едноставно бара преземање на улогата на „жртва“ и „праведен борец“ против Русија. Додадете „борец против Русија“, како што направи Украина, и вратите може да ви се отворат, иако само вербално. Додека за другите земји, кои всушност веќе се приближија до стандардите означени како задолжителни, не се донесуваат никакви одлуки за нив“, нагласи Захарова, спомнувајќи ги Албанија,  Македонија, Црна Гора и Србија.

Планот за просперитет на Украина, како дел од договорот меѓу ЕУ, Украина и САД деновиве беше претставен од Фон дер Лајен. Тој се потпира на пет столба. Првиот е зголемување на продуктивноста, вториот столб е забрзување на интеграцијата на Украина во единствениот пазар на ЕУ преку реформи во клучните економски сектори. Третиот столб е значително зголемување на инвестициите, четвртиот столб се однесува на зајакнување на координацијата на донаторите, „бидејќи ни се потребни не само јавни средства, туку и приватни инвестиции“. „Петтиот столб се фундаментални реформи... Ова значи зајакнување на владеењето на правото, интензивирање на напорите за борба против корупцијата и модернизација на јавната администрација“... заклучи фон дер Лајен.

Овде има едно големо-Но. Русија сè уште не го прифатила планот од 20 точки, што е една од причините зошто Белата куќа не сакаше да го потпише „планот за просперитет“ за Украина за време на Светскиот економски форум во Давос. Тогаш најавените преговори траат и ќе продолжат утре и другиден во ОАЕ. Па така иднината и судбината на Украина околу гаранциите за членство во Унијата зависат и од Русија. И не станува збор само за гаранции за членство. Влезот во ЕУ ќе претставува голема гаранција за Украина, безбедносна, но пред се гаранција за обнова на земјата и застанување на здрави нозе. Се разбира, ако нема противење на некои од сегашните членки.

Што ќе значи ова за Македонија? Нема да значи ништо, ако се продолжи со досегашниот однос кон ЕУ. Веќе триесетина години, полна уста ЕУ, а во практика, анти-ЕУ. Треба да се следи пулсот на она што се случува со и околу Украина и Молдавија и да се гради стратегија. Со Западен Балкан во Унијата, или сите заедно со Украина и Молдавија. Друг нема да ни ја заврши работата, како што беше со членството во НАТО. Ние треба да бидеме подготвени на сите варијанти. ЕУ најверојатно нема да и попушти на Украина. Европа во моментов не е подготвена за прием на голем број држави. А тоа значи дека ни останува решавањето на сите домашни задачи. Дел дадени од ЕУ, а дел дадени сами на себе. За потоа да можеме да ги почнеме преговорите за членство.

Мирче Адамчевски

*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Слично

Поврзани вести