Економија, финансии, бизнис

Контакт

Заострените противречности ја прелеваат чашата

Заострените противречности ја прелеваат чашата
Ако насилството се сфаќа како правно недопуштена употреба на физичка и друга сила, веќе подолг период сведоци сме  на  повеќе случаи и настани во кои како главни актери на насилство се појавуваат токму оние кои според нивната уставна улога се должни да ги санкционираат противправните постапки и однесувања. Со толеранцијата на нивните насилни однесувања тие се извештија до толку што во остварувањето на целите, веќе не се стеснуваат да носат и противзаконски решенија  како на пример, привилегирање на државата во делот на исполнувањето на обврските за плаќање, или  урамниловка во распределбата на законските износи за процентуален пораст на пензиите.  На очиглед на целата јавност се кршат веќе донесени законски прописи (во сферата на високото образование), барајќи и она што не го бара законот, кога така им одговара.   И не само тоа, желбата да се има се’ под контрола до толку им е значајна  што поттикнуваат поделби во општеството по сите основи, форсирајќи паралелни институции- синдикати, студенти, земјоделци, професори. Во ваквата практика  тие се извештија до таму што и незаконските постапки од типот притисоци, уцени, заплашувања се претставуваат како нормални средства во владеењето со народот, а сите оние кои се спротивставуваат на злоупотребата на сила и на незаконските постапки и однесувања на власта се третираат како предавници. Овде нема потреба да се наведуваат случаи во кои наголемо се користат сите овие алатки. Доволно е само да ги споменеме студентските протести како најсвеж пример. Нема средства што не беа употребени за да се загуши јавно изразеното незадоволство од воведувањето на таков испит, дури се актуелизира и можноста за употреба на гумени куршуми. А во јавноста не се презентира ниту еден валиден аргумент за тоа што би се добило со неговата примена, а се изнесоа многу противаргументи, вклучувајќи го и тој дека со него се „погребува“ универзитетската автономија во земјата, бидејќи државата е таа што во крајна инстанца ќе дели дипломи. Апсурдно е, притоа, што владините фукционери  јавно тврдат дека се’ што прават е во функција на развојот на автономијата. Тоа е само доказ дека, осилени од власта, ним им е доволна и обична фраза независно од тоа што мислат засегнатите структури, инаку, најкомпетентни за решавање на проблемот. Потценувањето на другите, особено на оние кои се осмелуваат да искажат спротивен став е секојдневна практика. Против нив се употребува голем арсенал на притисоци, вклучувајќи и незаконски постапки и однесувања. Во примената на притисоците тие немаат никаква одговорност, а ако некогаш и некаде им се утврди, цехот го плаќа државата.  Токму затоа, овие претставници на власта  лесно се решаваат да применуваат разни видови на насилство спрема граѓаните. Симптоматично е што во контекст на противзаконитите однесувања веќе наголемо се применуваат и софистицираните манипулации со јавноста, преку  недостапноста, селективноста и неблаговременоста во пласирањето на  информации и податоци. А сите овие елементи се неопходни за правилна оценка на  состојбите во буџетската потрошувачка, во задолжувањето на државата, во условите за стопанисување на странските инвеститори и за ефектите од нивното работење во досегашниот период. Запрепастувачки се податоците  според кои само минимален број на државни органи и институции ги исполнуваат обврските за изготвување на извештаи за работењето во текот на годината т.е. за трошењето на буџетските средства, парите на граѓаните. Како да е тоа прашање на нивен избор, а не законска обврска. Самоволието и насилството се шири зошто нема нивно соодветно санкционирање. Никој не одговара за самоволни и насилни постапки. Неверојатно е со каква леснотија промоторите на ваквите дејствија јавно застануваат зад очигледно лоши решенија, неспорно противзаконски постапки и однесувања, во стилот-така ни се може. Но, не  треба да се заборави дека порастот на насилното однесување, во заострените противречности во општеството, лесно може да доведе до преливање на насилствата по улиците, што  никому не би  му било од полза. За тоа да не се  случи политичките елити конечно треба да почнат да ја почитуваат и заштитуваат уставноста и законитоста во работењето на сите субјекти, вклучувајќи ја и државата, колку тоа во моментов и да изгледа како утопистички потег. Државата не смее да работи надвор од определувањата во уставот и законите. А доколку  политичките елити продолжат да замижуваат и  свесно го толерираат самоволието и насилството, исходот ќе биде повеќе од јасен, затоа што како што на лагата и се кратки нозете, така и на самоволието и насилството краток им е векот. Д-р Крсте Шајноски
Слично

Поврзани вести