ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ ЗАСЕГА НЕМА, НО ВЛАДАТА БАРА ДА НЕ СЕ ПАНИЧИ - ние имаме механизми
Како што е познато, српската Влада од вчера ги замрзна цените на основните прехранбени производи, односно цените на шеќерот, маслото, брашното и млекото се враќаат на нивото од пред две недели и нема да смеат да бидат зголемени во наредните 60 дена.
Нашата Влада вчера не излезе со конкретен одговор.
„Не треба да се создава паника со високи поскапувања, постојат механизми, Владата ги уверува граѓаните и стопанствениците дека и натаму ќе биде партнер со сите засегнати страни за соодветно да се реагира на сите предизвици“, рече вчера владиниот портпарол Душко Арсовски.
Но, Синдикатот не мисли така.
„ССМ апелира и бара што побрзо да се донесат мерки со кои ќе се спречи зголемувањето на цените на производите по примерот на одредени соседни држави, со што ќе се заштити животниот стандард на работниците и граѓаните, а Владата доколку ги послушаше апелите од ССМ тоа можеше да го направи и многу порано“, велат од ССМ.
