Економија, финансии, бизнис

Контакт

“Замрзнат” проблемот со греењето во кичевските училишта!

“Замрзнат” проблемот со греењето во кичевските училишта!
Студените училници во кичевското основно училиште „Кузман Јосифовски Питу“ и денеска ќе останат празни. Нема греење-нема настава-децидни се револтираните родители. Велат здравјето  на нивните деца е најважно. Поради истиот проблем наставата беше прекината и минатиот месец, но овој пат Советот на родители решил да оди докрај, па децата ќе останат дома се додека не се најде трајно решение. “Училниците се мраз, не се стои во нив. И со јакни да седат децата е неиздржливо, многу е ладно. Истите проблеми се провлекуваат со години. Локалните власти велат немаат капацитет сами да се справат и да најдат решение за проблемите, власта не им нуди помош, а патат нашите деца. Дополнително имаме проблем како да се организираме и дома, бидејќи не се во школо, а ние сме на работа и нема кој да ги чува”-вели еден од родителите. Надлежните си ја префрлаат вината, а за тоа според родителите  најмногу патат учениците кои и минатата година поради истите проблеми околу еден месец немаа настава. Сметките на сите основни и средни училишта во Кичево  неколку години  се блокирани од добавувачите на нафта што го  оневозможува нивното нормално функционирање. “Нема логика да ги малтретираме децата да одат на настава, а не се исполнети ниту минимум условите за таа да се одржува. И пред еден месец имавме прекин на наставата затоа што во училиштето немаше струја.  Советот на родители реши да се прекине наставата бидејќи нема греење во училиштето и нема да се отстапи”- вели Доминика Стаменска Алексоска, претседател на Совет на родители Алармантна е состојбата и според директорот на училиштето „Кузман Јосфовски Питу“ кој  вели дека  за состојбата се известени и Министерството за образование и општина Кичево, но  тие си ја префрлаат одговорноста. “Училиштето работи со блокирана сметка повеќе од три години, но според пресметките нема шанси нешто да се подобри ни следната година. Станува се потешко да се менаџираат работите бидејќи со парите кои ни се префрлаат преку блок дотациите  ние неможеме  да ги покриеме основните трошоци за следната 2016-та. Го направивме планот но  за плаќање не е само греењето, има дополнителни трошоци за одржување на училиштето, хартии, средства за хигиена. Најтешко е што од целата ситуација најмногу губат учениците.Лани немавме настава еден месец и како се реши овој недостаток-со скратена програма. Па како овие ученици ќе го надополнат изгубеното и своето знаење?! Се чека на седница да се разгледува овој проблем, во среда е неработен ден, значи и оваа недела најверојатно нема да има настава ”- вели  Орце Наумоски, директор на ОУ „Кузман Јосифовски-Питу“. Претставници од училиштето  и родителите минатата недела се  сретнале со градоначалникот  на Кичево, Фатмир Дехари, кој им ветил дека ќе разговара за проблемот со претставници  во Владата. Од локалната власт очекуваат за нивниот проблем да се разговара на утрешната владина седница и да се интервенира со помош во нафта од државните резерви. “Испративме барање во Владата уште во октомври. Очекуваме дека ќе имаат слух и дека ќе ни помогнат да го надминеме проблемот со греењето. Во спротивно ќе бараме решение сами, но тоа ќе значи дека ќе мора да се крати од други проекти кои се предвидени за следната година за да се покријат овие долгови” - потенцира градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари. Прекин на наставата се најавува и во останатите кичевски училишта, бидејќи резервите на нафта се при крај. Од општината велат дека ги подмириле долговите за струја на сите училишта и бараат од Владата да помогне со 250 тони нафта од државните резерви.Минатата година Владата интервенираше со 60 тони нафта за кичевските училишта од државните резерви, со образложение дека Кичево е најмлада општина со наследени долгови. Од Министерството за образование и наука нема потврда дали и оваа година проблемот ќе се решава со државна помош. С.Б.
Слично

Поврзани вести