Заменик министерот за финансии Ковачевски итно повикан во Собранието - ќе се гласа ли конечно за петтиот сет мерки?
Заменик министерот за финансии Диме Ковачевски, вечерва бил итно повикан во Собранието, дознава Фактор.
Дали ова значи дека ќе се гласа за петтиот сет економски мерки, одговорот е најверојатно позитивен.
Со тоа конечно компаниите и самостојните вршители на дејност ќе дојдат до своите државни субвенции за исплата на плати на вработените.
А, како што информираа од Собранието, претседателот на Собранието Талат Џафери вечерва им соопшти на пратениците дека ќе работат и после 18 часот.
Односно, спикерот Џафери ги известува народните избраници дека веднаш после 32 седница, ќе почне седницата број 36, на која се законите од петтиот сет економски мерки. Од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ побараа еден час пауза откако ја добија оваа информација од претседателот на Собранието.
Претходно, собранискиот ден беше преполн со препукувања меѓу двете ривалски политички партии.
Парламентарното мнозинство не ги прифаќаше како веродостојни изјавите на опозицијата за поддршка на законите од петтиот економски пакет, барајќи посилни гаранции дека овие закони ќе бидат ставени на гласање.
„Проблемот лежи во неодговорниот пристап на здружената опозиција, ВМРО ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива. Верувам дека претседателот на Собранието ќе закаже седница за овој пакет закони што произлегуваат од петтиот пакет економски мерки, кога ќе добие сигурни гаранции од опозицијата дека ќе учествуваат на седницата за нивно усвојување“, изјавија од СДСМ.
Но, од опозицијата, изјавија. дека сега не гледаат причина Собранието да не свикува седници за усвојување на пакет мерките.
„Всушност, излегува дека сите солзи што досега беа пролеани и ја обвинуваа опозицијата за попречување на економските пакети за ковид 19 биле само крокодилски солзи. Сега парламентарното мнозинство нема никаква причина да не гласа за законите“, рекоа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска во Сообранието се случи и инцидент.
Како што објавивме, кординаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и по неколкуте повици од претседателот Талат Џафери не се врати на своето место, туку стоеше во близина на пратеничката на СДСМ, Даниела Маркоска која доби збор за процедурално обраќање од собраниската говорница. Потоа, интервенираше и обезбедувањето.
„Обезбедување, тргнете го координаторот од туѓо место, не му е место таму“, вели Џафери.
Низ собраниската сала се слушаше удирање по маси и свирежи од свирчиња. Меѓу пратениците од власта и од опозицијата паднаа тешки обвинувања за тоа во чие време криминалот бил поголем.
Н.Н.Ф
