Заменик-градоначалникот на Штип ја градел една од најголемите фотоцентрали: Кои се најголемите инвеститори во 2025 за струја од сонце?
Новопечениот член на Советот на Опшина Штип, Атанас Крстовски, од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, е еден од инвеститорите што ќе ги пуштат во употреба најголемите нови фотоцентрали во земјата од следната година, објавено е во годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2025 од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Крстовски е еден од тројцата спственици на фирмата Линија Верде, заедно со познатиот штипски бизнисмен Кристијан Колев како еден од нив, а фотонапонската централа ќе има моќност од 6,9 мегавати.
Регулаторната комисија за енергетика на 9 декември веќе ја издала пробната лиценца за работа на Линија Верде, а фотоцентралата треба да се наоѓа во околината на Пробиштип.. Крстовски во претходниот мандат беше заменик-градоначалник на Штип.
Според планот на Министерството за енергетика, голема фотоцентрала од 8 мегавати ќе има и Солар Тин, каде еден од тројцата сопственици е Иле Пешевски, партиски кадар од претходната власт кој беше директор на АД Аеродроми.
Солар Енерџи Низ ќе има фотоцентрала од 6,25 мегавати, на украински инвеститори, но со Предраг Петрушевски од Куманово како управител. Инаку Предраг и Добрин Петрушевски, според она што го пласираше тогашната опозиција во јавност, важат за блиски луѓе на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Соар Енерџи на Тотал Инженеринг на Вице Заев најавува две фотоцентрали од по 8,25 мегавати. Тука се и Ековат Груп со 6 мегавати, чие сопствеништвото е поврзано со Симеон и Горан Крстеви, познати како бизнис партнери на семејството Заеви. Индиректно во сопствеништвото фигурирале и две фирми кои имаат потекло од Бугарија. Пелагонија Фотон ќе поседува две големи централи од 7 и 7,2 мегаватаи, а се на поранешниот пратеник Драган Ѓорѓиев од Ново Село и наедно близок соработник на поранешниот премиер Зоран Заев.
ПСБ Енерџи со фотоцентрала од 7,35 мегавати е во сопственост на Абедин Алиу од Сарај, познат во јавноста по тоа што со друга фирма го снабдуваше со големи количини јаглен РЕК Осломеј во енергетската криза.
Од преостанатите големи инвестиции, Емир Солар Енержи и Солус Греен Енерџи, во сопственост на исти турски инвеститори, ќе поседуваат фотоцентрали од 7,55 и 7 мегавати.
Енрида Сун ќе има инвестиција од 6 мегавати а е во сопственст на бизнисменот повратник од САД, Горан Виденов. Инвеститори на големи фотоцентрали како официјално потврдени се и големи поознати компании како Алкалоид, М-6 и ЕВН Електрани.
А.К.
