ЗАКРВЕНО НОВИНАРСТВО: Шипки и боксови – наместо факти и вистина!
Со последниот крвав напад врз Марјан Стаменовски, сопственик на порталот “Доказ„, само во текот на овој месец, кој сеуште не е завршен, се случија три физички инциденти во кои се инволвирани преставници и вработени во медиуми. Шипките, боксовите, физичките и вербалните закани и пресметки на релација новинари-новинари и новинари-политичари сериозно засилија. Од партиските штабови обвинувања за тоа кој е виновен за ваквата состојба, на терен – безбедноста на преставниците на седмата сила е загрозена. Зошто шипките и боксовите ги заменија аргумените, кој сака нестандардите во прфесијата да станат стандард во новинарството?
Маргиналци, извршители, послушници, предавници....
Од почетокот на април до сега, според анализата на “Фактор“ се случиле најмалку десеттина инциденти во кои се вклучени новинари, преставници на медиуми и друг вид на медиумски работници. Последниот беше физичкиот напад на сопственикот на порталот “Доказ“, Марјан Стаменковски, кој заврши во болница со тешки повреди здобиени од шипки и боксови. Неколку дена претходно, випепермерот Владимир Пешевски физички го нападна сопственикот и уредник на порталот “Мактел“, кој на почетокот од месецов доби шамар од новинарот Александар Спасовски Сарма.
Според дел од новинарите, ваквата состојба е логична последица на вкупната состојба во земјава. Поделеноста, изместувањето на критериумите, напуштањето на професионалноста се резултат на вкупниот амбиент, велат новинарите-аналитичари.
“Сила на аргументи и користење на моќта на информацијата, вистинитоста и точноста -тоа е новинарството, а не сила на власт или од позиција на сила. Насилството е карактеристика на силеџии, криминалците и мафијата и никако не може да биде дел од новинарството како професија. Исто е и кај политичарите и кај сите професии на кои главна алатка им е пишаниот или јавно искажаниот збор. Омразата и поделбите кои ги посеаја токму актуелните политичари, де предавници, де патриоти, „курири “и „соросоиди“, политики кои насилнички се промовираат од телевизиите и порталите , преку нивните новинарски мегафони, веројатно им носат кликови и високи рејтинзи на политичарите, но тоа ги уништи сите професионални стандарди и сите вредности на општеството и времето во кое живееме“, вели Драган Антоновски, долгогодишен новинар.
Сега сме во состојба во која “ако не си со нас – тогаш си против нас“, вели новинарот Зоран Иванов, според кого причината за ваквата состојба е јасна, но не е јасно до кога ќе биде одржлива.
“Состојбата станува банална зошто 9 та година по ред се поставува ова прашање. Се знае кој и се знае зошто состојбата е ваква.Одговор треба да се бара на прашањето “ До кога?“. Политиката, партиите и секако власта, и за нас конкретно се знае, првиот човек на владеачката гарнитура Никола Груевски – таа е доктрината на владеење која не доведе до ова дереџе секоја година да не цитираат во извештите на Европската Унија. Да бидам прецизен, човекот кој ја затвори А1, ги купи Дневник и Утрински Весник, а ги затвори Време, Глобус, Шпиц, измисли Kурири, Републики, Слободна Македонија, ја окупира МРТ, ја понижи Алфа и професионално ги деградираше Сител и Канал5“, вели Иванов и додава:
“Епилогот е – пресметка со сите што не се со него или не се со нив. Шамарите и шипките се само последица на таквата континуирана децениска доктрина на власта и нејзиниот прв човек а “нус последица“ на таквиот општествен амбиент се маргиналците и во новинарството ама и во сите други професии, кои стасаа на првите странци во печатените медиуми, во првите минути на телевизија, на порталите и социјалните мрежи.
По последниот напад врз сопственикот на портатлот “Доказ“, МВР вели дека истрагата била во тек.
Реакции – кој е виновен ?
И владеачката Вмро-Дпмне и опозициската СДСМ го осудија последниот крвав инцидент, но секоја од партиите со вперен прст кон спротивниот табор.
“За жал, освен за овој напад врз лицето Марјан Стаменковски СДСМ ниту еднаш не прати соопштение со кое требаше да ги осуди нападите врз новинарите. Напротив целата јавнос виде дека дел од нападите врз новинари беа направени од активист на СДСМ и Сорос, од лидер на коалиционен партнер на СДСМ и од братучед на Радмила Шеќеринска“, напиша во соопштение владеачката партија од каде велат дека атмосверата која ја наметнува СДСМ и нивното раководство, заедно со финансиерите од Сорос, значи илјадници лаги, манипулации, измами и шпекулации истурени во јавниот простор и тоа не само против политичари, туку и против стотици други уметници, пејачи, писатели, глумци, новинари, синдикалисти, колумнисти, професори и обични граѓани.
“Тие свесно предизвикуваат состојба на омраза и насилство. Впрочем СДСМ, Заев, Фрчковски, Тричковски, Геровски и сличните на нив континуирано повикуваа на насилство и физички пресметки. Политичката одговорност за сите овие напади ја носи исклучиво тесното раководство на СДСМ“ велат од Вмро-Дпмне.
Од Социјалдемократскиот сојуз порачуваат веднаш да престанат насилствата врз новинари, критичари на власта, неистомисленици, врз припадници на опозицијата, што зачестија изминативе неколку месеци.
“Укажуваме дека инцидентот што се случи вчера врз сопственикот на порталот Доказ.Мк, во којшто Марјан Стаменковски заврши со скршена глава и скршен нос со метални шипки, ја прелева чашата на трпението, што може да има натамошни сериозни последици. Надлежните органи, пред се професионалците во МВР мора веднаш да најдат сила да одолеат на партиските притисоци, да отворат истрага и да го расветлат вчерашниот вандалски напад врз сопственикот на порталот Доказ.Мк, но и сите претходни, а ги има многу“, изјави Петре Шилегов, портпарол на СДСМ
Тој потсети дека со повреди на главата од шипки веќе заврши претседателот на ОО на СДСМ во Центар. Запалени се автомобили на неколкумина поддржувачи на СДСМ, во коишто инциденти еден од нив почина од срцев удар. Шилегов го спомена и поставувањето венец пред врата на новинар на порталот НОВА и за заканите врз граѓански активисти кои ги критикуваат неразумните политики на власта.
“Дали ова е намерата на власта на Никола Груевски, преку пролевање на крв да се спаси од сопствената одговорност? Порачуваме, дека Груевски и неговите соработници ќе одговараат за сите повреди врз граѓаните на Република Македонија“, изјави Шилегов.
Според статистиката на ЗНМ, за четири години се случиле седумнаесет напади врз новинари, а ниту еден случај не бил расветлен. Токму ваквиот инситуционалне молк, според новинарите, е сигнал за охрабрување на напаѓачите.
Р.Ф.
Слично
