Економија, финансии, бизнис

Контакт

Законските реформи во образованието го поминаа второто читање

Законските реформи во образованието го поминаа второто читање
Заврши и последната фаза од постапката по која законите за реформи во образованието ќе бидат префрлени на пленарна седница за усвојување. Законските измени го помина второто читање во Собраниската Комисија за образование, наука и спорт откако претходно беа претресени сите 150 амандмани и беа одбиени сите предлози на опозицијата. Членовите на Собраниската Комисија го изгласа целиот пакет за реформи во основното, средното и високото образование, Законот за Педагошки факултет, Законот за наставници во основно и средно образование, Законот за формирање Академија на наставници и Предлог - законот за обука на директори на средни и основни училишта и предшколски установи. Комисиската расправа со долги паузи во повеќе наврати траеше цели 17 часа, а законите се изгласаа во 3 часот по полноќ, завршувајќи со законот за високо образование за кој беа поднесени вкупно 90 амандмани. Пратеничка Солза Грчева истакна дека измените на Законот за високо образование намерно се ставени последни на дневниот ред на собраниската комисија, за новинарите коишто сè уште ја следат расправата да си заминат. „Со овој закон ја удривме последната шајка на ковчегот на високото образование. Неостварливо е снимањето во живо на државниот испит, а срамно е и воведувањето на затворски казни за декани. Бидејќи законот е тотално скандалозен, предлагам ритуално да се запали на плоштад“, рече Грчева. Пратеничката Лилјана Поповска истакна дека не се согласува за ректор или декан да се стави лице што е странски државјанин и дека со овој закон ќе се омаловажи македонските кадри. На ова реплицираше Илија Димовски, пратеник од редовите на ВМРО -ДПМНЕ, според кого предлог-законот со кој ќе може странски државјанин да се именува за ректор или декан е шанса плус за високообразовните установи да имаат на располагање искуство на квалитетни странски професори. Пратеникот од ДПА Беким Фазлиу предложи наместо студентите, носителите на јавни функции да полагаат државен испит.
Слично

Поврзани вести