Законски измени за поголема заштита на барателите на брзи кредити, каматата не може да биде поголема од основицата
Министерството за финансии подготви закон со кој барателите на брзи кредити нема да може да бидат заложници на финансиските друштва со склучување на нови договори за исплаќање на старите рати, а исто така, казнените пенали за доцнење нема да смее да бидат повисоки од 10 отсто од основицата. Каматата и другите трошоци што ќе треба да бидат вратени, нема да може да бидат поголеми од висината на основицата.
„Финансиското друштво не смее да склучи договор за потрошувачки кредит, ако со договорот или поврзан договор е утврден надоместок или повеќе надоместоци кои самостојно или во комбинација со било кој друг надоместок надминуваат или може да го надминат износот на кредитот утврден според договорот.
Финансиско друштво не смее да одобри нов потрошувачки кредит со кој целосно или делумно ќе затвори постоечка кредитна изложеност на потрошувачот од претходно склучен договор, ако новосклучениот договор предвидува плаќања на потрошувачот на еден или повеќе надоместоци кои заедно со надоместоците утврдени во претходно склучениот договор или поврзан договор со него, надминува или може да го надмине износот на кредитот утврден во претходно склучениот договор.
Финансиско друштво не смее да склучи договор за потрошувачки кредит ако договорот предвидува еден или повеќе надоместоци поврзани со неисполнување на договорот на потрошувачот, кои поединечно или комбинирано надминуваат или може да надминат 10% од износот на одобрениот кредит“, се вели во новите правила што се пропишани во измените на Законот за финансиски друштва кој засега е драфт-верзија на електронскиот регистар на прописи.
Една од поголемите промени е тоа што овој пат финансиските друштва за брзи кредити нема да може да имаат непроменета основна главнина од 100.000 евра, туку ќе се бара таа да изнесува 500.000 евра која нема да смее да се намалува.
- Ова се прави за да се заштитат поединците кои се задолжуваат на ваков начин од оние помалите финансиски друштва, кои како што се вели, даваат кредити „на тефтер“. Сега тие ќе мора да покажат сериозност во нивното работење, велат познавачите од фелаата кои ги контактиравме.
Една од поважните дополнувања е тоа што овој пат обложувалниците, коцкарниците со апарати за игри на среќа и казината нема да смеат да бидат кредитни посредници на финансиските друштва.
„Со зголемувањето на бројот на финансиските друштва значително се зголеми и бројот на корисници на потрошувачки кредити. Поради ова, се јавува потреба за поголема заштита на граѓаните-корисници на кредит од финансиските друштва. Со цел да се потенцира сериозноста и пристапот во работата на финансиските друштва, како и да се зголеми довербата кај населението и компаниите во овие финансиски институции, ќе се зајакне регулаторната рамка за работење на финансиските друштва. Со измените ќе се овозможи поголема заштита на граѓаните-корисници на кредит од финансиските друштва“, велат од Министерството за финансии.
Заклучно со 1 ноември 2021 година, на финансискиот пазар активно работат 31 финансиско друштво. Најголемиот број од нив одобруваат потрошувачки кредити на физички лица.
А.К.