ЗАКОНОТ ЗА ПРИДОНЕСИ МОЖЕ ДА ПАДНЕ НА УСТАВЕН СУД: Здружено против зголемените даноци!
Дел од синдикатите, невладините, граѓанските движења и здруженија, кои протестираа против законите за плаќање социјални придонеси за хонорарите,подготвуваат претставка до Уставен суд за оспорување на овие законски решенија. Од Левичарското движење “Солидарност” велат иако законите веќе стапија на сила, нема да се откажат од обидите за нивно повлекување и како што велат докажувања дека од овие законски решенија најмногу ќе бидат погодени граѓаните кои егзистираат од исклучиво од хонорари. Од Солидарност не ја исклучуваат и можноста за организирање на нови протести.
-Реакциите не стивнуваат бидејќи доста луѓе се егзистенцијално погодени од овие решенија. Владата постојано сака да наметне дискурс дека се бунат привилегирани граѓани, а всушност се бунат луѓе кои се доведени до работ на егзистенцијата. Колку и да се труди Владата пропагандно да тврди дека стои на страната на граѓаните, самите граѓани гледаат дека на нејзе единстевно ја интересираат парите. Откако стапија на сила законите уште повеќе ќе порасне револтот. Организациите кои го организираа првиот протест нема да седат со скрстени раце, веќе во процес на поднесување е претставка до Уставен суд. Иако одлуката за протести сеуште не е донесена, нема да се откажеме од протестирање, и имајќи во предвид колку е големо незадоволството кај граѓаните , најверојатно ќе има протести, вели Здравко Савевски од Левичарското движење “Солидарност”.
Пред да стапат законските решенија на сила, отворени писма до Владата испратија ликовните, музичките уметници, филмските и театраските работници, а последно денови писмо до Министерството за труд и социјална политика испратија трите Национални здруженија на преведувачи, конференциски толкувачи и лектори.
-Законските решенија такви какви што се ги ставаат во многу неповолна положба оваа категорија на лица, кои отсега ќе имаат дополнителни финансиски обврски во задолжителното социјално осигурување, но-парадоксално помала социјална сигурност отколку сега. Стравуваме дека при такви услови пред се се доведува во прашање нашата егзистенција, а нашиот интелектуален труд ќе биде девалвиран до нивото на економска исплатливост. Затоа упативме писмо до министерството за труд и социјална политикасо барање за одложување на примената на законскитерешенија и формирање работни групи за нивно подобрување во кои ќе учествуваат сите засегнати страни, се додека не се постигне заемно прифатливо решение,посочуваат во писмото трите национални Здруженија на преведувачи, конференциски толкувачи и лектори.
Ликовните и музичките уметници, филмските и театарските работници посочија дека нивните професии се природно врзани со хонорарното работење. Дополнителните давачки предвидени со законските измени за плаќање на придонеси на хонорарите, ќе значат уништување на волјата за работа, занемарување и девалвирање на уметноста, но и значително скратување на веќе скромните средства,укажаа во писмото. Филмските работници во пртоесното писмо до Владата со 200 потписи, укажаа дека најголемиот дел од луѓето ќе бидат принудени да ја напуштат филмската дејност и да си бараат друг начин за егзистенција. Бизнисмените реагираа дека со новите законски одредби трошоците ќе им се зголемат за 35 проценти. Од Сојузот на Стопански комори побраа прагот за пресметување на придонесите да биде просечната а не минималната плата. Сеуште нема одговор од Владата дали ова барање ќе биде прифатено. Работниците стравуваат дека работоваците во обид да немаат дополнителни трошоци ќе ги намалат хонорарите или крајно ќе делат откази.
И покрај протестните писма и организираните протести, Владата не отстапи
Кон крајот на декември лани, дел од синдикатите, невладините, граѓанските здруженија, новинари, преведувачи, глумци, музичари и многу други хонорарни работници излегоа на протести да кажат „НЕ ЗА ПРИДОНЕСИТЕ“ за авторските и договорите на дело. Но и покрај апелите и протестите, Владата не отстапи од ставот, со образложение дека мерката е правична, а новите приходи ќе се искористат за зајакнување на двата фонда, пензискиот и здравствениот.
-Приходите што ќе ги остваруваме од наплатата на овие придонеси ќе одат за пензискиот и за здравствениот фонд. Тоа значи дека ќе има подобра здравствена услуга, ќе се купи здравствена опрема, ќе може понавремено да се реализираат обврските на фондот за здравство, и во делот на пензиското осигурување ќе може да се обезбеди пензиски стаж за сите оние кои досега го немаа тоа право, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески на 27-ми декември минатата година.
Од “Солидарност” велат дека не се против правилно функционирање на двата фонда, но посочуваат дека постојат други начини како да се зајакнуват.
-Ние не сме против правилно функционирање на фондовите и се разбира дека на фондовите им требаат финансии.Но тоа што го прави Владата, обид да си ги прикрие своите грешки во водењето на политиката која довдеде до празнење на фондовите и наместо да го искористи својот Инспекторат за труд за да ги санкционира прикриените работните односи и на тој начин преку пријавување на работниците да се полнат фондовите или да ја преиспита својата политика на намалување на придонесите од плата, Владата се решава да воведува нови мерки кои можеби ќе ги наполнат фондовите, но тоа нема да значи дека понатаму ќе има домаќинско работење и дека ќе се подобри состојбата на корисниците на фондовите и второ оваа мерка е изнудена од гледна точка на обид да се наплати на грбот на најобесправените , наместо од оние кои земаат поголеми приходи, вели Савевски.
Со законските измени се опфатени договорите за дело, авторските договор, други договори од извршување физичка и/или интелектуална работа со кои физичкото лице остварува приход кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата која од годинава изнесува 9.590 денари. Обврската за плаќање на придонесите важи и за физичките и за правните лица, а според законското решение обврската за пријавување на дополнителните приходи во ПИОМ ќе важи за сите, без разлика на висината на дополнителните примања. Пресметките за придонесите ќе ги прави ПИОМ. Петте закони за работни односи, за придонеси од социјално осигурување, за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено осигурување и Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, експересно се донесоа во јули минатата година.
Т.С
Слично
