Закони на брзање – пронајдени технички грешки во Законот за аудиовизуелни медиумски услуги
Пратениците денеска по итна постапка повторно расправаа за измени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Законот беше донесен на 25 декември 2013 година и со него се регулираат правата, обврските и одговорноста на радиодифузерите, на давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање и на оператерите на јавни електронски комуникациски мрежи.
Веќе на 22 јануари Законот веќе се менуваше за да се внесат во него договорените точки со Здружението на новинари на Македонија. Но, сега Министерството за информатичко општество и администрација, за месец и пол открило и технички недостатоци во текстот, па предложи нови измени кои се разгледуваат по скратена постапка, на веројатно последната седница на овој парламентарен состав.
Така, било откриено дека наместо Заедница на единиците на локална самоуправа бил употребен терминот „Здружение“, во текстот на законот, а биле направени грешки и при цитирање на одредени ставови и членови од законот, заради кои беше потребно законот повторно да се менува.
Во декември Министерството за информатичко општество и администрација објави дека законот оди во собраниска процедура „по долга јавна расправа со сите релевантни чинители“.
Инаку, денеска пратениците, на само ден пред одлуката за распуштање, расправаа и ги усвоија и измените и дополнувањата на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со кои се продолжува рокот за поднесување геодетски елаборати од јуни 2014 до крајот на 2015 година. И рокот за граѓаните кои своите тераси ги претвориле во станбени објекти или простории за домување, а немаат поднесено барање за нивно легализирање, се продолжува до крајот на 2015 година.
„Измените се прават имајќи предвид дека добар број граѓани кои имаат поднесено барање за легализирање дивоградби не можеле да поднесат геодетски елаборати согласно Законот до јуни оваа година. Предвидено е до јуни да бидат поднесени околу 400 илјади барања за легализирање, а досега се поднесени околу 100 илјади геодетски елаборати. Владата реши на граѓаните да им излезе во пресрет, со цел нивниот имот и објектите кои се дивоградби да можат да ги легализираат“, образложи заменик-министерот за транспорт и врски Џелал Бајрами.
На утрешната седница пратениците треба да гласаат за предлог-одлуката за распуштање на Собранието.
Слично
