ЗАКОН ЗА ПРИДОНЕСИ: И корења да јадеме, данок сите ќе плаќаат!
Потписниците на Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права, го поддржуваат предлогот на Сојузот на стопански комори, прагот за придонесите за хонорарите да биде просечната, а не минималната плата. Но потписниците велат дека и натаму остануваат на барањата за повлекување на законските решенија.
-Овој предлог сигурно дека е подобар од сегашните законски решенија, но без разлика на ставот на Сојузот на стопански комори, ние опстојуваме на нашите барања кои, покрај повлекувањето на законските измени со кои се воведува плаќање на придонеси за хонорарите, вклучуваат и барање за решавање на проблемот со прикриените работни односи и укинување на законската привилегија на екстрабогатите поради која се празни касата во фондовите, вели за Фактор, Здравко Савески од НВО Солидарност.
Од Сојузот на стопански комори велат дека со новите законски решенија ќе се елиминира нелојалната конкуренција меѓу компаниите и злоупотребата на работниците, но предлагаат долна граница за плаќање на придонеси за хонорарното работење да биде просечната а не минималната плата.
-На ваков начин ќе се елиминира состојбата на дел од хонорарно ангажираните луѓе да им се намалат платите и тие да сметаат на повисок износ на платата. Членките на комората сметаат со законските решенија ќе се регулира пазарот и ќе се елиминира нелојалната конкуренција меѓу компаниите, а ќе се намали злоупотребата на вработените со полно работно време кои се плаќаат врз основа на договор за дело.Тие ќе добијат можност да бидат социјално сигурни,кога за тоа ќе дојде време да добијат пензија и ќе имаат еднаков третман и права со другите вработени во компанијата. Тука законот ќе има позитивно влијание, изјави заменик- претседателот на ССК, Сеад Кочан.
Според потписниците на Повелбата за солидарност, не се потребни закони за да се реши проблемот со нелојалната конкуренција.
-Нелојалната конкуренција ќе се елиминира ако дел од работодавачите, противзаконски, не вработуваат лица хонорарно наместо во редовен работен однос. Не се потребни нови законски промени за да се реши овој проблем. Треба само да се применува Законот за работни односи, а Инспекторатот за труд да ја обезбеди примената на законот во делот на прикриените работни односи. Дали овој закон е добар за работниците? Ако е добро за работниците газдите да ги плаќаат придонесите од парите што треба да им ги дадат на работниците и ако е добро редовно вработените да бидат хонораризирани и да немаат цела низа права, тогаш, да, овој закон е добар за работниците, вели Савески.
Владата не се откажува од примената на законите, невладините не се откажуваат од протестите
Иако во јавноста пред извесен период имаше шпекулации дека Законот за задолжително социјално осигурување за авторските и договорите на дело ќе се пролонгира, Владата не отстапува од примената. Надлежните тврдат дека законот е по европски терк, а бенефит ќе имаат и работниците и работодавците. Министерот за труд и социјална политика изјави дека воведувањето задолжително социјално осигурување за лицата коишто имаат приход по основ на авторски договор и договор за дело овозможува за сите коишто не ги исполнуваат условите за старосна пензија да докупат или да ги одработат тие години кои што им недостасуваат. --=--- -Мерката за воведување задолжително социјално осигурување за лицата коишто имаат приход по основ на авторски договор и договор за дело има уште еден позитивен аспект, тоа е за сите оние лица коишто не ги исполнуваат условите за старосна пензија односно немаат 15 години работен стаж, имаат можност преку авторски договор или договор за дело да си ги докупат на некој начин или да си ги одработат тие години кои што им недостасуваат за стекнување на услови за старосна пензија, изјави министерот Спасов.
Во меѓувреме Потписниците на повелбата за солидарност поддржани од голем број организации и поединиц, ќе протестираат во понеделник.Под мотото „НЕ ЗА ПРИДОНЕСИ“ за авторските и договорите на дело, и најавија дека ќе протестираат поради, како што велат, лажните социјални мерки кои ќе ги остават хонорарците со 35 отсто помали примања, без перспектива за вработување и без загарантираните права од Законот за работни односи. Тие минатата недела доставија барање за средба со министерот Спасов и му дадоа рок до овој втрорник да ги повика на средба, на која сакаа да му образложат зошто треба да се повелачт закон
-Протестот во понеделник е предупредувачки. Треба да го изрази незадоволството од законските измени кои ќе стапат на сила од 1 јануари. Откако луѓето на свој грб ќе ги почувствуваат ефектите од законските измени, ќе се зголеми уште повеќе револтот и ќе следуваат уште помасовни протести. Власта мора да реши дали е демократска или е автократска. Ако е демократска, мора да го слушне гласот на народот. Ако е автократска, нека го каже тоа јасно и гласно за луѓето да си знаат зошто не сака да го слушне гласот на народотските решенија. Но од министерот не добија одговор, вели Савески.
Кој се ќе плаќа придонеси за хонорарите и зошто исчезна веб страната на ПИОМ со процедурата за плаќање ?
Со новите законски решенија ќе бидат околу 150 илјади луѓе кои живеат од хонорари. Измените стапуваат на сила за речиси две недели, односно од почетокот на следната година. Со законските измени се опфатени договорите за дело, авторските договор, други договор од извршување физичка и/или интелектуална работа со кои физичкото лице остварува приход кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата. Обврската за плаќање на придонесите важи и за физичките и за правните лица, а според законското решение обврската за пријавување на дополнителните приходи во ПИОМ ќе важи за сите, без разлика на висината на дополнителните примања.Кон средината на минатиот месец, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ги објави деталите согласно кои ќе се врши приемот во задолжително социјално осигурување и плаќање на социјалните придонеси на лица кои склучиле договор на дело и/или авторски договор или друг договор за извршување физичка и/или интелектуална работа. Но деновиве линкот со објаснувањата исчезна од веб страницата на ПИОМ. Mинистерот Спасов за пораталот Призма изјави дека станувало збор за работна верзија која трпи промени и дека не се работи за финален документ или подзаконски акт.
Според првичното обрзаложение на ПИОМ, од законските решенија беа изземени, спортистите, примањата на функционери, пратеници, советници и други носители на јавни функции (избрани и именувани лица), надоместоци по основ на стипендии, договори за јавна работа кој ги склучуваат единиците на локалната самоуправа, договор за закуп, волонтерство согласно со закон, судии, поротници, вешти лица, и стечајни управници, пензионерите. Во јавноста имаше остри реакции зошто функционерите се изземени од законските решенија.
Министерот Спасов тврди дека функционерите ќе плаќаат придонеси за хонорарите
Тој во изјава за Призма посочи дека сите избрани и именувани лица односно носители на јавни функции којшто ќе остварат дополнителен приход по основ на авторски договор или договор за дело, исто така подлежат на задолжително плаќање на социјални придонеси за сумата којашто ја оствариле, што значи дека и избраните лица, односно функционерите се опфатени со мерката воведување задолжително социјално осигурување на приходите стекнати по основ на авторски договор и договор за дело.
Но на почетокот на минатиот месец од министерството за труд и социјална политика изјавија дека дополнителни давачки нема да има за примањата на избраните и именувани лица, станува збор за именувани или избрани лица кои по основ на таа функција остваруваат надомест. При тоа како пример беа посочени институции во кои тие лица не примаат плата туку надомест за вршење на функција. Засега останува нејасно дали функционерите подлежат на законската обврска или не, и зошто веб страната со првичните податоци и образложенија за плаќање на хонорарите сега е недостапна.
Според првичното обрзаложение на ПИОМ, прдионеси за хонорарите по основ на авторски, договор на дело и други договори треба да плаќаат:
-Лице кое нема осигурување, а има договор кај едно правно лице, придонесите ги плаќа фирмата
-Оние кои немаат осигурување а имаат договори кај повеќе правни лица, физичкото лице сам си ги плаќа придонесите.
– ЛицЕ кое веќе е осигурано по основ на работен однос во една фирма, а има договор за дело или авторски договор со истата или со друга фирма во износ повисок од минималната плата поединачно за секој договор, тогаш придонесите си ги плаќа физичкото лице.
-Лице кое е во осигурување од работен однос и има договори кај повеќе правни и физички лица, чиј поединечен износ е под минималната плата, а збирниот износ ја надминува минималната плата, придонести си ги плаќа осигуреникот.
Правила за плаќање на придонесите има и за лице резиденти на Македонија кои имаат договори со странски исплатител , како и за странските лица кои добиваат исплати од македонски фирми. Новите законски решенија отворија серија дилеми, дали со плаќањето на придонесите во обид да ги намалат трошоците работодавците ќе ги намалат хонорарите, или во краен случај да одјават дел од своите вработени, дали работникот што освен редовниот работен однос има и ангажман со договор и плаќа по два и повеќе пати за здравствено осигурување ќе добие поголема и повалитетна палета на здравстевни услуги? Од друга страна според дел од експертите, на овој начин се отвора можност, работодавците, вработените што веќе се во работен однос да ги пријават како хонорарци, поради тоа што нема да им се исплати да ги пријавуваат како редовно вработени, бидејќи како хонорарци тие работници нема да ги имаат оние бенефиции што ги имаат кога се во редовен работен однос.Дел од бизнисмените укажуваат дека со ваквите измени ќе им се зголемат трошоците. Петте закони за работни односи, за придонеси од социјално осигурување, за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено осигурување и Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, експересно се донесоа во јули годинава, а треба да стапат на сила од почетокот на следната година.
Ј.С.
